Адреса: Ул. Кирил и Методиј Бр.30/1-6, 1000 Скопје, Македонија; Телефон: +389 2 3217 247; Факс: +389 2 3217 246; Email: info@ekosvest.com.mk

Граѓанските организации велат „НЕ за нуклеарна енергија“

Неодамнешната изјава на Вице премиерот за економски прашања г-н Кочо Анѓушев дека нашата држава пројавила интерес во инвестиција во бугарската нуклеарна централа „Белене“ предизвика реакции од македонските граѓански организации.

Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ остро реагира на ваквата намера бидејќи смета дека од ваквата инвестиција државата и граѓаните нема да имаат никаква полза.

Од Белене нема да имаме никаква придобивка

Процесот на градба од одобрување на таков проект во најдобар случај трае околу 5 години. Кога на тоа ќе се додаде периодот за добивање на сите потребни дозволи, времето кое треба да помине додека македонските граѓани ги добијат првите киловатчасови електрична енергија од оваа електрана значително се зголемува и може да достигне и 10 години. Истовремено не се зголемува нашата енергетската сигурност бидејќи овој капацитет ќе биде изграден во друга држава.

Во меѓувреме, Македонија има приоритетен процес на гасификација на кој, независно од несогласувањето на граѓанските организации кои работат на полето на животната средина, постојано се инсистира како мерка за намалување на загадувањето на воздухот и како на еколошки проект (иако тој процес во ниеден случај не може да се нарече еколошки поради повеќе аспекти – влијание врз климата, локални влијанија врз животната средина, влијанија врз животната средина во местата на екстракција на гасот).

Ако се приоретизира користењето на гасот, многу подобра варијанта е негово комбинирано користење за производство на електрична и топлинска енергија, со што граѓаните би имале двојна корист – нешто што не е случај со инвестиција во нуклеарна централа во друга држава.

Белене- Заробена инвестиција

Инвестирање во нуклеарна централа не е споменато во верзијата на енергетската стратегија која беше консултирана со граѓанскиот сектор и која се очекува есенва да биде усвоена од страна на Владата. Еко-свест, која беше дел од консултативниот панел за стратегијата е категорично против ваквиот проект и учеството на државата или на ЕСМ во ваква заробена инвестиција.

Дополнително, во 2012 година Владата има донесено мораториум за изградба на нуклеарна електрана, што би значело дека јавните пари од македонските граѓани не треба да се користат за изградба на нуклеарни капацитети.

Со вложување на средства во ваков голем проект чија градба ќе трае многу долго и ќе испорача струја дури по период од најмалку 10тина години ние ги заробуваме средствата кои инаку можеме да ги вложиме во одржливи системи за производство на електрична енергија и во енергетска ефикасност. Воедно, со вложување во нашата држава, овозможуваме вработувања и енергетска сигурност и независност, што нема да е случај со вложувањето во „Белене“.

Она што никој нема да го објави јавно е дали нашата држава доколку влезе во финансиската конструкција на новата нуклеарна централа воедно ќе треба да понесе одговорност и за генерираниот нуклеарен отпад?

Што е со јавниот интерес?

Владата пројавува интерес преку Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) која е во државна сопственост. Токму поради фактот што ЕСМ е државна компанија таа треба своите инвестиции да ги прави согласно Стратегијата за развој на енергетиката и мора при тоа да го земе предвид интересот на граѓаните на државата. 

Со либерализацијата на енергетскиот пазар, ЕСМ е во можност да инвестира во проекти кои ги смета за прифитабилни. Сепак, не станува збор за приватна компанија и оттука, интересите на нашите граѓани од аспект на безбедност, независност на снабдувањето со електрична енергија и одржливоста на системот треба да се приоритетни во донесувањето на одлуките за идни инвестиции.

Leave a Reply

Close Menu