Зачувување на НП Маврово од хидроенергетските проекти

Националниот парк Маврово е еден од најбогатите паркови во однос на биодиверзитетот во Македонија. Тој е дом на 50 видови на цицачи; 129 видови птици, 11 видови водоземци (од вкупно 15 видови во Македонија), 24 видови на влечуги (од вкупно 32 во Македонија) и 924 видови на без'рбетници. Од нив, 11 видови на цицачи, 45 видови птици, 2 водоземци и 13 видови влечуги кои се наоѓаат во националниот парк се наведени во Прилог II од Бернската конвенција (строго заштитени животни), со што се означува важноста на подрачјето за заштитата на биолошката разновидност.

Исто така, Националниот парк е Емералд подрачје, кое во иднина (со влезот во Европската Унија) ќе стане Натура 2000 подрачје – дел од европската мрежа на заштитени подрачја.

За жал, на територијата на Паркот интензивно се планираат повеќе енергетски проекти, меѓу кои е и ХЕ „Бошков Мост”, ХЕ „Црн камен“ и акумулација Луково Поле и др мали хидро електрани. Плановите на Владата на Република Македонија да изгради голем број хидропроекти во „Маврово“ неминовно ќе влијае врз недопрената природа и биодиверзитетот. Од особена важност е фактот што недостига анализа на кумулативниот ефект на сите планирани проекти кои ќе функционираат на иста територија, користејќи ги истите природни ресурси.

Еколошките организации повикуваат на надлежните институции и заинтересираните инвеститори дека од огромна важност е прво да заврши постапката за ревалоризација на вредностите на паркот, да се донесе Закон за ре-прогласување на Маврово како Национален Парк и да се изработи План за управување со Паркот како и Стратешка оцена на животната средина пред започнување на какви било инфраструктурни активности. Само на тој начин навистина можеме да ја заштитиме оваа област и да покажеме дека вистински се грижиме за нашето национално богатство.

 

ХЕ „Бошков Мост”

Опис на проектот
Електрани на Македонија АД („ЕЛЕМ”), претпријатие во државна сопственост, е во постапката на реализација на проект за изградба и управување на хидро-енергетски објект „Бошков Мост”. Проектот „Бошков Мост” вклучува изградба на акумулација (33 метри висока брана), хидроелектрана (ХЕ) со вкупен капацитет од 68 MW и годишно производство околу 118 GWh и тунел и цевковод од акумулацијата до ХЕ. Објектот ќе биде изграден на Мала Река, во националниот парк „Маврово“,  општина Маврово -Ростуше. За негова реализација, АД „ЕЛЕМ” побара кредит од Европската банка за обнова и развој во износ ос 65 милиони евра, а вкупната вредноста на проектот е 84 милиони евра.
Повеќе од 80% од проектот се наоѓа во територијата на заштитено подрачје „Маврово”, најголемиот национален парк во Македонија.

Негативни влијанија врз животната средина
Тоа што ХЕ Бошков мост се наоѓа во делот на Паркот што дозволува одржливо користење не подразбира дека во тој дел е дозволено менување на карактерот на самиот парк. Напротив во член 75 од Законот за животна средина јасно стои дека е забрането спроведување на активности со кои се загрозува изворноста на природата во националниот парк. Согласно истиот член одржливото користење на природните ресурси на националниот парк се врши на начин на кој не го загрозува опстанокот на видовите и нивната природна рамнотежа.
Точно во областа во која се планира изградбата на Бошков мост живее и активно се движи популација на балканскиот рис. Овој подвид на Евроазискиот рис во Македонија е застапен само во Националниот парк Маврово и според Македонските експерти претставува вид со „критично загрозен“ статус. Рисот, кој во Македонија брои популација од околу 30 единки (која со текот на годините поради недоосветна заштита е паднат од 55 на 30), е чувствителен на фрагментација на живеалиштата (со сечење на шумите) и голема бучава. Изградбата на ХЕ „Бошков Мост“ негативно ќе влијане врз стабилноста и преживувањето на популацијата на балканскиот рис во НП „Маврово“.

Постапката околу проектот
Проектот ХЕ „Бошков Мост” е дел од Уредбата за определување на проектите и за критериумите врз основа на кои се утврдува потребата за спроведување на постапката за оцена на влијанијата врз животната средина (Прилог I, точка 12 – хидро технички објекти). Нашиот Закон за животна средина предвидува за овие проекти да се изработи Студија за оцена на влијанието на проектот врз животната средина. Студијата ги утврдува, анализира и оценува сите можни алтернативи на предлог проектот и во постапката овозможува услови за учество на јавноста.       
На 08 јули 2011 година, беше изготвена Студијата за оцена на влијанието врз животната средина [линк до Студијата]. Како надлежен орган за спроведувањето на постапката за оцена на влијанието врз животната средина, Министерство за животна средина организираше 3 јавни расправи: 1 во општина Маврово (12.09.2011), една во општина Дебар (13.09.2011)  и една во Скопје (14.09.2011). Дополнително, АД „ЕЛЕМ” како изведувач на проектот организираше состанок за презентација на Студијата (27 јули 2011).
Еко-свест и работната група за учество на јавноста во донесување одлуки од област на животната средина (чии членки се Фронт 21/42, Еко-свест, Македонско еколошко друштво, Македонски зелен центар, Еко-скоп и Целор) на 05.08. 2011, испратија писмен допис со коментари по Студијата за оцена на влијанијата врз животната средина и социјалните аспекти. Дописот беше испратен до МЖСПП, ЕЛЕМ, Делегацијата на ЕУ во Македонија и Европската банка за обнова и развој.
Писмо со коментари по студијата и барање проектот да не се финансира беше испратено до Одборот на Директори на Европската банка за обнова и развој. Од банката беше побарано да  не го одобрува проектот „Бошков Мост” во овој период, се додека не:
се донесе Закон за ре-прогласување на Маврово за национален парк,
се изработат Планот за управување со Паркот и Стратегиска оцена на планот врз животната средина.
Покрај ова, Еко-свест од име на работната група ги испрати и следните дописки: