Пропаднатите 1,7 милиони евра наменети за граѓанското општ

Датум: 19.02.2015.

Локација: Скопје

Организатор: Еко-свест

 

Почитувани колеги,

Ве покануваме на јавна презентација и дискусија на со цел да ја споделиме со Вас нашата реакција за пропаднатите грантови шеми во рамки на ИПА.
Дискусијата ќе се одржи на 19 февруари, 2015 година, со почеток во 10:00 часот во Клубот на новинари, Скопје.
Како претставници на организации од граѓанското општество изразуваме длабока загриженост и разочараност од поништувањето на два повика од претпристапната помош на ЕУ (ИПА програмата) за доделување на грантови за здруженијата и фондациите за проекти кои би ги спровеле во Македонија. Со пропаѓањето на овие повици неповратно се загубени 630.000 евра од Првата компонента на ИПА програмата (TAIB) на Европската унија за 2010 година наменети за граѓански организации кои работат во сферата на заштита на потрошувачите, како и 1.125.000 евра наменети за изградба на одржливо граѓанско општество повторно во рамките на Првата компонента на ИПА програмата (TAIB) на Европската унија за 2010 година.
Во услови на ионака ограничени донаторски средства за граѓанскиот сектор во Македонија, ова е сериозен удар на функционирањето на мноштво здруженија и фондации кои, директно или индиректно, би имале полза од активностите што требаше да се спроведат со овие средства. Нашата загриженост е уште поголема поради тоа што причина за поништувањето, според објавените информации од Секторот за Централно финансирање и склучување на договори (ЦФЦД) при Министерството за финансии на Република Македонија, е административна неажурност, т.е. ненавремено завршување на евалуациската процедура. Овој груб институционален пропуст претставува и назадување на патот на Македоноја кон ЕУ, забавена европеизација на општеството и обесмислена рамка за претпристапна помош за Македонија преку децентрализирано управување на средствата.
Го очекуваме Вашето учество и придонес во дискусијата. Ве молиме потврдете го Вашето присуство на e-mail sristeska@analyticamk.org или телефонски на 071 589 634.

Со почит,

Ана Чоловиќ Лешоска, Еко-свест
Бојан Маричиќ, МЦЕО
Александар Николов, Асоцијација Зенит
Малинка Ристевска Јорданова, ЕПИ
Неда Коруновска, Реактор
Соња Зубер, Аналитика
Александра Бујароска, Фронт 21/42
Герман Филков, Центар за граѓански комуникации
Фани Каранфилова Пановска, ФООМ

 



повеќе

назад