Се отвори системот за изнајмување велосипеди

Датум: 28.07.2010

Локација: Скопје

Организатор: Еко-свест

 

На 28 јули со јавен настан на Плоштадот Македонија се отвори системот за изнајмување на велосипеди во Скопје. Еко-свест како иницијатор на проектот „Велосипеди за сите„ во соработка со Градот Скопје и ЈП „Градски паркинг“ го отвори системот кој се состои од 3 пункта (Капиштец, Центар и Аеродром).

Системот е замислен на тој начин што велосипедот кој ќе се изнајми од еден пункт, може да се врати на друг. За 10 денари на час Скопјани ќе можат да изнајмат убав градски велосипед- тоа ќе можат да го сторат откако ќе пополнат формулар за изнајмување.

„Навистина е тешко да ја пробиете идејата дека можете да дојдете и да си изнајмите велосипед и тоа да ве чини само 10 денари, а притоа да не се секирате каде го паркирате, дали ќе ви го украдат и слично. Верувам дека граѓаните ако знаат дека велосипедите се осигурани ќе бидат повнимателни и ќе знаат, доколку го земат велосипедот, тогаш ќе мора и да го вратат.“ изјави Јулијана Даскалов од „Еко-свест“.

Проектот „Велосипеди за сите“ започна во 2008 година и е поддржан од Глобалниот еколошки фонд (Програма за мали грантови). Неговата цел е да го намали количеството на јаглерод диоксид во атмосферата преку промена на транспортното средство- од автомобил во велосипед како и да го направи велосипедот достапно превозно средство за сите граѓани

 





назад