Генетски модифицирани организми

Што се тоа генетски модифицирани организми?

Генетски модифицирани организми (ГМОи) се организми во кои генетскиот материјал е променет на начин кој природно не се случува со процесите на размножување и/или природна рекомбинација, вклучувајќи ги и микроорганизмите со исклучок на човечките суштества.

Што е тоа генетски модифицирана храна?

Генетски модифицираната храна се добива со вметнување на генетски материјал (ДНА) од еден вид на друг, со техниките на генетскиот инженеринг. Ова овозможило пренос на посакуваната карактеристика од еден на друг вид кои не се во сродство или можеби помеѓу животни и растенија. На пример, ген кој функционира како антифриз земен од поларна риба е вметнат во домати и јагоди за да им оневозможи смрзнување. Свињи во кои е вметнат ген од човек растат побрзо и по ефективно.

Што е тоа генетски инженеринг?

Генетски инженеринг (ГИ) е нова технологија која овозможува манипулација со гени. Научниците можат да пренесат ген од еден вид на друг несроден вид (од животни на растенија и слично), со цел добивање на ново својство или својства благодарение на „јазикот на гените“– генетскиот код.

Пример за ова се жетви кои се отпорни на вируси со додавање на вирусен ген. Во САД се одгледуваат тикви отпорни на вируси– повеќето од нив се користат во производството на храна за бебиња. Дозволи за одгледување на вирусно резистентни краставици, лубеници, дињи, компири, сончогледи, домати, пиперки и друго се издаваат во САД и покрај тоа што со лабораториски експерименти е утврдено дека истите овозможуваат појава на нови вируси – многу поопасни од оние од кои жетвите се штитат.

ГИ е технологија која најмногу се користи во индустриското земјоделство. Во 2000 година:

- само 5 меѓународни компании доминираа во целиот биотехнички бизнис во земјоделството;
- 98% од генетски модифицирани жетви се одгледува во САД, Канада и Аргентина;
- Доминираа 2 особини: повеќе од 70% од сите жетви со генетски модифицирани организми (ГМО) одгледувани низ целиот свет се растенија отпорни на хербициди, повеќе од 20% се растенија отпорни на штетници.

Дали постои ризик по Вашето здравје?

- Со консумирање на ГМ храна можна е појава на алергиски реакции на Вашиот организам, кои се многу често третирани како алергии со нејасно потекло;
- Можна отпорност кон антибиотици;
- ГМ храната може да има токсичен ефект.

Што значат Генетски Модифицираните организми за природата?

- Го нарушуваат биодиверзитетот во природата, бидејќи ГМ посевите стапуваат во интеракција со природната флора и фауна. Се размножуваат, мутираат, го напаѓаат околниот жив свет и го уништуваат. ГМ растенијата предизвикуваат стерилност на почвата и неможност за одгледување на конвенционална и органска храна.
- Го уништуваат живиот свет, бидејќи ГИ создава растенија резистентни на инсекти, со испуштање токсини од бактерии во почвата, со што се уништуваат пчелите, пеперутките и останатите инсекти кои нормално се зависни од природните цветови.
- Повеќе од две-третини од досега произведените ГМ растенија прогласени се за немилосрдни убијци поради хербицидното дејство врз одгледување на околните конвенционални и органски растенија.

Што работи Еко-свест?

Еко-свест се обидува да ја подигне јавната свест на граѓаните на Македонија за потенцијалните ефекти на генетски модифицираните организми по животната средина и човековото здравје. Тоа го постигнува со реализација на проекти, кампањи и активности.
Друга цел кон која е насочена нашата работа е усвојување на закон за генетски модифицирани организми во Македонија, кој ќе одговара на законот во ЕУ, но ќе биде прилагоден на околностите во нашата држава, како и усвојување на дополнителни регулативи (подзаконски акти) со кои ќе може да се применуваат одредбите во законот.
Еко-свест ја промовира идејата за декларирање на зони слободни од ГМО во Македонија.