Природа

Еко-свест во текот на 2011 година започна да работи на заштита на природата и биолошката разновидност. Оваа тема ја отворивме во текот на февруари 2011, кога започна проектот „Заедно за Натура 2000“.

Проектот „Заедно за Натура 2000“, спроведен во партнерство со CEE Bankwatch Network и финансиски поддржан од Европската Унија има цел да ги подготви граѓанските организации да земат учество во процесот на воспоставување на мрежата Натура 2000 во Македонија. Проектот го обезбедува тоа преку подигнување на капацитетите на граѓанските организации за здружена работа и со нивно информирање и обучување преку семинари, обуки и состаноци.

Спроведувањето на проектот резултираше со формирање на првата коалиција на граѓански организации од областа на животната средина во Република Македонија со фокус на заштита на природата.

Името на Коалиција е Коалиција „Натура 2000“, и нејзината мисија е: „Коалицијата “Натура 2000” обединува организации и поединци кои делуваат на полето на заштита на животната средина и биолошката разновидност со цел да се обезбеди воспоставување на еколошката мрежа Натура 2000 во Република Македонија.

Коалицијата се залага за спроведување на правната регулатива и добрите практики за заштита на животната средина и биолошката разновидност при сите инфраструктурни или други загрозувачки активности во Република Македонија. Со тоа коалицијата ќе придонесе кон воспоставување и заштита на Натура 2000 подрачја.“

Коалицијата „Натура 2000“ е од отворен карактер и освен граѓански организации активни на полето на заштита на животната средина, обединува и научни институции и стручни лица. Во Коалицијата редовно пристапуваат нови членки.

Повеќе информации за Коалицијата „Натура 2000“ и за мрежата Натура 2000 во Македонија се достапни на интернет страницата www.natura2000.mk

Што е Натура 2000?

Натура 2000 е мрежа на копнени и морски подрачја од меѓународно значење која се протега низ сите земји на Европската Унија и е осмислена со цел да се заштитат природните живеалишта и видовите на растенија и животни кои се ретки, загрозени или ранливи.

Мрежата е регулирана со законите на Европската Унија (Директива за птици и Директива за хабитати) и за Македонија е мошне значајно што побрзо целосно да ја воспостави бидејќи нејзиното спроведување е дел од обврските кои го условуваат пристапувањето кон Европската Унија.