Законодавство

Во Македонија, подолго време не се обраќа внимание на заштитата на природата и биодиверзитетот, заштитата на човековото здравје од бучавата и аерозагадувањето, културата на живеење во урбаните средини, свеста на граѓаните за проблемите со животната средина итн.
Во последните петнаесетина години тенденцијата за решавање на проблемите поврзани со животната средина се сведува на потпишување на меѓународни конвенции и донесување законски рамки од страна на државата, која по овој чин смета дека ги завршила своите обврски.

Многу често се случува институциите кои ги потпишале или донеле овие документи и самите да не знаат што сe треба да направат за да ги исполнат одредбите во нив. Ова води кон минимално или воопшто не почитување на законите, односно нивно неимплементирање.
Законската рамка и после толку години сеуште не е комплетирана со подзаконски акти и правилници кои би ја овозможиле нејзината примена, а и веќе донесената не се применува.
Проблемите поврзани со животната средина веќе со години тапкаат во место. Нештата се сведени на постоење на „хартија“, и многу малку од тоа, скоро ништо не се реализира во реалноста.
Излегувањето од состојбата на инерција и придвижувањето на нештата со сигурност ќе потрае уште некои време.
Од друга страна, економски лошата ситуација го прави обичниот човек незаинтересиран за проблемите со животната средина и нивното решавање, сметајќи го за луксуз.
Немањето на финансии и лошата економска ситуација е изговор и на надлежните органи кои треба да ја променат состојбата со животната средина во Македонија.

Според тоа, делувањето на Еко-свест во полето на законодавството поврзано со животната средина, во смисла на лобирање за донесување соодветни законски и подзаконски акти, како и нивно соодветно спроведување во праксата, се наметнува како природен приоритет на организација која сака да ја види животната средина во која опстојува и општествениот став кон истата во подобра состојба од сегашната.
Како потесна област на делување во следните три години се земени законските и подзаконските акти поврзани со генетски модифицираните организми (ГМОи), и стратешка оцена на животната средина (СОЖС), и примената на законските и подзаконските акти во делот на оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС) и интегрирано спречување и контрола на загадувањето (ИСКЗ).

Влегувањето на членови на Еко-свест во тела со одлучувачка моќ, ќе придонесе за креирање на посеопфатни и поцелисходни нови законски регулативи и поуспешно спроведување на веќе донесените закони во практиката.
Тука мора да се напомене и тоа дека вклученоста на граѓанските здруженија во Македонија во процесите на донесување на законите, а особено во процесите на донесувањето на одлуки е минимална, скоро никаква.
Затоа се наметнува потребата од актуелизирање на активната вклученост и влијанието на граѓанските здруженија во овие процеси.
Ова ќе води кон донесување на поквалитетни одлуки и подобрување на состојбите со животната средина во земјата, а исто така и кон демократизација на прашањата поврзани со животната средина.

Во текот на локалните и парламентарните избори Еко-свест зема активно учество во „позеленувањето на политичката агенда“ со тоа што се залагаше за подигнување на прашањата од област на животна средина на повисоко ниво.
Во 2006 година, заедно со други граѓански здруженија од Македонија, Еко-свест го основаше „Македонски зелен центар“ (www.zeleni.org.mk), центар за лобирање, застапување и истражување на прашањата од областа на животната средина.