Енергија



Потрошувачката на енергија и енергенси е составен дел како на секојдневниот живот на поединецот, така и на индустријата и на сите останати сегменти на општеството.

Побарувачката на енергија е во постојан пораст на светско, регионално и национално ниво.

Ова се однесува како на електричната и топлинската енергија, така и на енергијата односно енергенсите употребени во транспортот.

Сегашното светско производство на енергија се базира врз употреба на фосилни горива (јаглен, нафта и природен гас) и нуклеарна енергија, поради што енергетскиот сектор се јавува како најголем загадувач на животната средина, почнувајќи од испуштањето на јаглероден диоксид како еден од причинителите за глобалното затоплување, па се до радиоактивниот отпад кој се добива од нуклеарните централи.

Покрај последиците по животната средина и здравјето на луѓето, добивањето на енергија од конвенционалните извори, тука пред се се мисли на нафтата и природниот гас, има и економски последици поради постојаниот пораст на цените на овие суровини, кои исто така со децении наназад беа причина за војни, како и причини за политички манипулации.

Во моментот, светот се наоѓа во позиција од која што што поскоро треба да ги смени воспоставените енергетски навики. Неопходно е воведување на мерки на енергетска ефикасност, како во производството, преносот и дистрибуцијата на енергијата, така и во индустријата и во домаќинствата. Ова ќе придонесе за стабилизирање на брзиот пораст на побарувачката на енергија.

Од друга страна, процентот на искористувањето на обновливите ресурси (енергијата од сонцето, ветерот, биомасата итн) мора да се зголеми, со што би се зголемил и процентот на нивното учество во енергетскиот биланс.

На овој начин би биле задоволени енергетските потреби на светското населени, не би бил запрен економскиот развој на неразвиените земји, но исто така би се спречило загадувањето на животната средина. Испуштањето на гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина во атмосферата би се стабилизирало и следствено би се спречило понатамошно зголемување на климатски промени.

Не би се создавале нови количества радиоактивен отпад, за кој не постои конечно решение за негово одлагање, а останува потенцијална опасност од загадување во следните неколку стотици илјади години.

Еко-свест во својата работа ги лобира меѓународните финансиски институции за финансирање на обновливите енергетски извори и енергетската ефикасност во Македонија и регионот; спроведува истражувања за потенцијалите на Македонија во користењето на обновливи енергетски извори и ефикасно користење на енергијата; и спроведува кампањи против големите и деструктивни енергетски проекти како нуклеарната централа Белене во Бугарија и нафтоводот АМБО.

Со цел да ги постигне своите цели, Еко-свест на ова поле соработува со своите партнерски организации од Балканот и Централна и источна Европа.