Едукација



Мисијата на Еко-свест е да истражува и информира од областа на животната средина, но притоа и да едуцира. Еколошката криза и отсуството на стратегија за зачувување на планетата Земја се последица на сеуште недоволно изградената еколошка свест и еколошко-образование.

Нашиот мотив за работа на еко-едукацијата е поттикнат од неколку застрашувачки примери со кои секојдневно се соочуваме во текот на нашата работа:

-    Природните ресурси во голема мера се уништени. 30% од планетата е неповратно уништена во изминатите 30 години.
-    Потрошувачката на храна и вода во истиот период е зголемена за 50%. Затоа пак, 50% од питката вода засекогаш е загадена. Сетете се само на маслата од возилата... 4 литри масло од еден патнички автомобил доволно е трајно да го загади изворот на питка вода.
-    Акумулацијата на отпад е астрономски голема. Ако се постават сите пластични шишиња едно до друго, потрошени за една година во светот, може повеќе пати да се обиколи земјината топка.
-    На почва каде има засеано генетски модифицирана храна, десетина години не може да се одгледува ниту една друга култура.
-    Во 2005 година на планетава имало најголем број на урагани и тајфуни било кога забележани во историјата. Тој број расте...
-    Резултатите од најновите истражувања за (толку често споменуваното) глобално затоплување покажуваат дека северната хемисфера оваа година е потопла во споредба со изминатите 1200 години.

Едукација од областа на заштитата на животната средина, според дефиницијата, се однесува на здружени обиди да се учи за функцијата на природната средина, а особено како човекот да го промени своето однесување во екосистемот со цел да живее (само)одржливо.

Еколошко-образование претставува термин кој често е користен кога се подразбира образованието во училишниот систем, од основно до факултет. Сеедно, користен е понекогаш пошироко за да ги опфати сите напори да се едуцираат младите па и поширокиот аудиториум, преку печатени материјали, електронски медиуми, медиа-кампањи итн.

Еко-свест чувствува дека еколошкото знаење е условено од многу фактори и моменти на „in“ и „out“ во модата наречена ЕКОЛОГИЈА, па бара пронаоѓање на најсоодветни методи и потреба од воспоставување на најадекватен систем на еколошко-образование. Примарната цел на она што ние го нарекуваме еко-едукација е креирање и воспоставување хармонија меѓу природата и општеството во сегашна форма. Станува збор пред сé за превенција која се реализира низ квалитетен пласман на еколошка култура, морал и етика. Промените во светот може да се случат само доколку тргнеме од промена на нас самите. Програмата за Еко-едукација подразбира фаворизирање на нов стил на живот, нови етичко-културни вредности, нови и одговорни личности.
До сега, Еко-свест имаше можност во повеќе наврати да работи на еко-едукација но често пати како поедноставена верзија. Во последните неколку години на полето на заштита на животна средина се зборува за т.н. педагогизација на животната средина. Здруженијата на граѓани како во Македонија така и низ светот сметаат, пак, дека еко-едукацијата не смее да се остави исклучиво на училишниот систем, туку битен фактор тука треба да имаат семејството, мас-медиумите, работната средина и ние- здруженијата на граѓани.
Од таа причина, Еко-свест се грижи за формирање на еко-свеста кај луѓето, градење на нови ставови и дијалог низ размена на информации.