Климатски промени

Во текот на 2012 година Екосвест продолжи со работата на темите енергија и транспорт. Во периодот 01.03.2012 - 31.12.2012, со работата на проектот „Климатски иницијативи во Македонија“ фокусот на нашата работа се прошири и на климатските промени. Овој проект ни овозможи тесно да соработуваме со најактивните граѓански организации кои работат на полето на животната средина и да промовираме чист и одржлив развој, енергетска ефикасност, како и да се залагаме националното законодавство и стратегии да ги содржат најновите политики кои се развиваат на ниво на ЕУ и на светско ниво.

Целта на проектот „Климатски иницијативи во Македонија“ е да се започне со стратешки пристап кон климатските промени во Македонија и да се зајакнат капацитетите на граѓанските организации за работа на климатските промени.

Како резултат на овој проект, капацитетите и знаењата на организациите се зголемени и тие се поподготвени за работа на климатските промени, за што доказ е придонесот даден во анализата на три национални стратегии - за енергетика, за транспорт и за биолошка разновидност.
Исто така, важен резултат од овој проект е планот за кампања која би се одвивала во текот на две години на тема на климатски промени (заклучно со Март 2014 година). Проектниот тим исто така беше во контакт со националните институции кои работат на климатски промени, биолошка разновидност, транспорт и енергетика.