7.06.2017. - City Tree едукативни предавања за деца во Тетово

Би сакале да Ве информираме дека по повод Меѓународниот ден на животната средина кој со низа настани светот го одбележуваше на почетокот на оваа недела, Еко-свест во текот на оваа недела организираше низа едукативни предавања за деца од основните училишта и градинки во општина Тетово, проследени со теренска посета на вертикалната градина поставена токму во центарот на Тетово.

Предавањата се наменети да ги едуцираат дечињата за причините и последиците од загадувањето на воздухот како и начини на кои можеме да ги смениме нашите секојдневни навики за да го спречиме загадувањето на воздухот и огромната потреба од повеќе дрвја и зелени површини во градот.

Со задоволство можеме да кажеме дека првата серија предавања помина одлично и постои огромен интерес кај најмладите за овие теми. Сите дечиња покажаа знаење за загадувањето на воздухот и се пожалија дека им предизвикува потешкотии со дишењето и други здравствени проблеми. Дечињата прашуваа и се интересираа за начини како можеме да си го исчистиме воздухот што го дишеме.

Овие едукативни настани се дел од проектот City Tree во Македонија кој Еко-свест го спроведува со подршка од Германската амбасада во Скопје. Како дел од овој проект, и во соработка со бизнис заедницата се поставија две City Tree инсталации- една во Скопје и една во Тетово, наменети да ја подигнат свеста на јавноста за сериозниот проблем со аерозагадување и потребата од зеленило во градот.

Едукативните предавања ќе продолжат наесен во основните училишта во главниот град Скопје. Ние се надеваме дека во иднина нашите дечиња ќе можат да уживаат во своето детство без да се грижат за загадениот воздух.



Еко-свест

Повеќе