8.06.2017. - Реакција по повод одлуката на УНЕСКО

Би сакале да ја поздравиме најновата одлука на Комитетот за зачувување на светското наследство на УНЕСКО за природното и културно наследство на Охридскиот регион која следи по одржаната мисија на УНЕСКО во Р.Македонија во март годинава.

Мисијата изразува загриженост за зголемениот сообраќај и притисок од туризамот и несоодветните инфраструктурни проекти. Ова едногласно го заклучија експерти од различни области и изразија став дека ваквите проекти директно го загрозуваат исклучителниот биодиверзитет на Охридскиот регион.

За истото предупредуваа и експертите присутни на првата експертска конференција „Скапоценостите на Македонија“ која Еко- свест ја организираше во 2016 година. На конференцијата домашни и странски експерти ја изразија својата сериозна загриженост за иднината на уникатниот биодиверзитет во регионот на Охрид- Преспа.

„Гледајќи дека езерото се движи накај точка од која нема враќање предлагам итна акција. Најпрвин, треба да се прогласи мораториум за сите градежни активности кои влијаат на езерото или неговите сливови.“- беше дециден професорот д-р Томас Вилке од Јустус Либиг Универзитетот во Гисен кој го предводеше истражувањето на староста на Охридското Езеро.

Токму затоа беше очекувано комитетот на УНЕСКО да го побара од нас токму тоа- запирање на сите инфраструктурни проекти во Охридскиот регион.

„The mission strongly recommended to completely abandon the Galičica ski centre project, keep the internal national park zoning as is, and consider developing ecotourism options that would not negatively impact the property. Therefore, it is recommended that the Committee request the State Party to halt the construction projects of the Galičica ski resort, as well as the sub-sections (a) and (e) of the A3 road.“ – се вели во извештајот на Мисијата на УНЕСКО.

Воедно сакаме да изразиме загриженост за повторувањето на планот за изградба на спорниот пат Охрид-Пештани-св.Наум и во изборната програма на СДСМ од 2016 година. Не е јасно дали станува збор за реконструкција на постојниот патен правец и подобрување на безбедноста на истиот, или пак за нов пат низ планината Галичица.

Воедно, ја користиме оваа можност да ја информираме јавноста дека Еко- свест во моментов ангажира тим од пет експерти од различни области со цел изработка на физибилити студија за одржлив транспорт во Охрид долж крајбрежјето, на потегот од Охрид до Св. Наум. Оваа студија ќе го даде идејното решение за велосипедска патека, автобуски и бродски транспорт на соларна енергија и ќе ги разгледа можностите за одржливо урбано планирање на Охрид. Студијата ќе биде презентирана пред јавноста наесен и се надеваме дека реализацијата на ова решение ќе биде висок приоритет на кандидатите за градоначалник на општина Охрид.

Сметаме дека одржливиот развој на нашите најскапоцени заштитени подрачја е единствениот пат по кој нашата држава може да овозможи климатски отпорни заедници и локален економски развој со придобивки за сите граѓани во Македонија.

Еко-свест

Повеќе