19.06.2017. - Резиме на панел дискусија: Соработката помеѓу општините, компаниите и граѓанскиот сектор

Амбасадата на Сојузна Република Германија во Скопје и Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ на 15 јуни во Скопје организираа еднодневна панел-дискусија со наслов „Соработката помеѓу општините, компаниите и граѓанскиот сектор“. Настанот е дел од проектот City Tree за заштита на климата.

На отварањето на настанот се обратија Н.Е д-р Кристине Д. Алтхаузер, Амбасадорка на Сојузна Република Германија, д-р Кочо Анѓушев, Заменик Претседател на Владата на Република Македонија одговорен за економски прашања и Ана Чоловиќ Лешоска, извршна директорка на Еко-свест.

Амбасадорката на Сојузна Република Германија нагласи дека климатските промени се проблем кој нѐ засега сите и за кој сите треба да се заложиме.

„Климатските промени не се само домашен проблем. Тие се меѓународен проблем. Климатските промени предизвикуваат низа други проблеми кои ја загрозуваат безбедноста и здравјето на луѓето. И ние мора да почнеме да делуваме сега за да ги спречиме.“ – рече Н.Е д-р Кристине Д. Алтхаузер

Заменик Претседателот на Владата на Република Македонија одговорен за економски прашања во своето излагање се осврна на својата скорешна посета на Кралството Шведска каде се запознал со позитивни примери за коритење обновливи извори на енергија.

“Обновливите извори на енергија се иднината на енергетскиот систем на Р.Македонија. Екологијата не треба да биде во конфликт со енергетиката. Шведска има многу примери за успешни еколошки практики кои ние можеме да ги примениме.“ - рече д-р Кочо Анѓушев

Како дел од заложбите за подигнување на свеста за загадувањето на воздухот и влијанието кое емисиите на штетни гасови во атмосферата врз климатските промени, оваа година во Скопје и Тетово беа монтирани вертикални зелени инсталации- City Tree.

На настанот беше претставен моделот на соработка помеѓу Еко-свест, компаниите и општините која ја овозможи успешната реализација на овој проект.

Извршната директорка на Еко-свест, Ана Чоловиќ Лешоска зборуваше за успешната соработка со вклучените компаниии и општини вклучени во овој проект. Таа истакна колку е важно сите чинители во општеството да соработуваат помеѓу себе.

„Треба да се овозможи делегирање на одредени надлежности од институциите на граѓанските организации кои имаат знаење и капацитет да спроведат голем број на активности и со тоа да допрат до широката јавност“- рече Чоловиќ Лешоска

Виктор Мирчевски од здружението на граѓани „Конект“ го презентираше истражувањето „Градење мостови за соработка“ кое го објаснува степенот на соработка помеѓу чинителите во општеството.

„Иако компаниите знаат што е граѓанска организација, поразително е дека истражувањето покажува дека само 15% соработуваат со нив, притоа за поимот „соработка“ земена е широка дефиниција како на пример присуствување на ист настан заедно со граѓански организации“ – рече Мирчевски.

Ико Брдароски, од компанијата „Пакомак“ ги објасни предизвиците со кои се соочуваат во своето секојдневно работење и ги посочи проблемите кои се пречка за остварување на соработка со институциите.

„Монополот на јавните комунални претпријатија огромен проблем во собирањето селектиран отпад. Мора да се даде повеќе простор за конкуренција во оваа област или да се овие претпријатија да бидат поотворени за соработка со други чинители.“ – рече Брдароски.

Ана Чоловиќ Лешоска го затвори настанот и најави дека како дел од проектот ваков настан ќе се одржи и во Тетово, а планиран е и саем за бизниси каде граѓанските организации и институциите ќе можат подобро да се запознаат со можноста за взаемна соработка.

Еко-свест

Повеќе