21.07.2017. - Состанок со Претседателот на Владата на Република Македонија, г-н Зоран Заев

Почитувани,

Би сакале да Ве информираме дека во текот на вчерашниот ден претставници од Еко-свест остварија средба со премиерот на Р.Македонија, г-дин Зоран Заев. Средбата траеше повеќе од 45 минути, на неа ги посочивме најприоритетните проблеми во секторот животна средина и понудивме можни решенија како и нашата отвореност и експертиза за натамошна соработка во насока на поефикасно и побрзо решавање на овие проблеми и унапредување на животната средина во Македонија.

Средбата ја структуриравме околу проритети кои ги лоциравме како најитни по консултативните средби со бројни организации од секторот животна средина во изминатите неколку месеци. Овие области се: информирање и вклученост, аерозагадување и клима, стратешко управување со природните ресурси, Смарт Охрид решение за одржлив транспорт на Охридското крајбрежје, зелени фондови и управување со урбаниот простор.

„Граѓанските организации од секторот животна средина се организираа, координираа и побараа од Премиерот на РМ Г-дин Зоран Заев подобра комуникација и соработка со институциите во државата преку оформеното Координативно тело со своите секторски претставници и електронската еколошка платформа Екосфера. Од претседателот на владата на РМ ова барање беше прифатено.“ – рече Стојан Лешоски од Еко-свест кој го брифираше премиерот во областа вклученост и информирање на јавноста.

„За премиерот загадувањето на воздухот и почвите во земјата е горлив проблем за чие решавање е потребна соработка помеѓу сите засегнати чинители во земјата. Како една од итните работи кои треба да се случат го лоциравме справувањето со депонијата на линдан и инсталирање на единица за десулфуризација во РЕК Битола“ – рече Невена Смилевска која ја имаше тешката задача да зборува за аерозагадувањето и климата.

„Особено ни е драго што премиерот го препознава огромното значење на природните богатства со кои располага земјата. Тој се сложи дека овие богатства треба да се заштитат и во таа насока земјата да се развива одржливо. Смета дека масовниот туризам и мега проекти во среде природни богатства не се вистинската насока во која треба да се развива туризмот во земјата.“- изјави Елена Николовска која на Премиерот му ги посочи проблемите од областа стратешко планирање со природните ресурси.

„Нашите напори ги вложуваме во изнаоѓање на практични и иновативни проекти за одржлив транспорт, како во случајот со концептот Смарт Охрид кој го претставивме пред Премиерот. Тој изрази интерес ваквиот проект да го поддржи со цел развој на туризмот во Охрид и придобивки за локалното население како и заштита на природата и езерото. Воедно, Премиерот се согласи дека нефункционалноста на колекторскиот систем на Охридското езеро е еден од големите проблеми кои треба да се решат во најскор можен рок. Премиерот изрази интерес градот Охрид со заеднички напор да го кандидираме за изработка на акционен план за одржлив развој со помош на меѓународните финансиери “- изјави Ана Чоловиќ Лешоска која ги претстави потенцијалите кои Македонија може да ги искористи доколку активно се залага за одржлив развој.

Оваа средба ја гледаме како почеток на една успешна соработка за унапредување на животниот стандард на граѓаните на Република Македонија и практична имплементација на проекти и инцијативи кои директно ќе придонесат кон заштитата на природните богатства на нашата држава, воедно овозможувајќи економски раст и развој.

Со почит,
Елена Николовска
Односи со јавност
еlena@ekosvest.com.mk


Еко-свест

Повеќе