5.12.2017. - Балканскиот рис поставен на список на строго заштитени видови

На денешниот состанок на Комитетот на Бернската Конвенција за заштита на европските диви видови и живеалишта, Балканскиот рис беше поставен на списокот на строго заштитени животински видови. Предлогот за неговото поставување на овој список доаѓа од Албанија, како една од земјите во која овој вид живее.

Во Македонија, Балканскиот рис е познат како наш национален симбол. Живее во западниот дел од Македонија, главно на територијата на Националниот парк Маврово и е критично загрозен вид бидејќи се проценува дека неговата популација се состои од околу 30тина возрасни единки. Оваа година Македонското еколошко друштво објави научни податоци со кои докажува дека Националниот парк Маврово е репродуктивно јадро на оваа мала популација, што значи дека рисот успешно се размножува токму тука. Воедно, еколошките здруженија Еко-свест и Фронт 21/42 во рамки на кампањата за заштита на НП Маврово ја потенцираат важноста на оваа територија да се забрани масовен инфраструктурен развој, односно изградба на мали и големи хидроцентрали и нивните придружни објекти со што би се заштитила целата територија на Паркот неопходна за зачувување на важните живеалишта на многу видови.

Одлуката за поставување на Балканскиот рис на анексот 2 на строго заштитени животински видови е особено важен чекор во понатамошната успешна заштита на овој вид и закрепнување на оваа мала но значајна популација.



Еко-свест

Повеќе