18.05.2012. - Жалбата за „Бошков Мост“ усвоена

Европската банка за обнова и развој, која го финансира проектот ХЕ „Бошков Мост“ неделава го објави извештајот со кој потврдува дека жалбата на еколошката организација Еко-свест за проектот е основана.
Во ноември 2011 година, пред директорите на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) да одлучат за финансирање на проектот, Центарот за истражување и информирање за животната средина Еко-свест поднесе жалба дека Банката не ги следела своите еколошки процедури во процесот на одобрување на проектот.
„Жалбата е поднесена до Механизмот за жалби воспоставен од страна на ЕБОР бидејќи сметавме дека Банката направила пропусти при оценката на овој проект врз животната средина, кои може да резултираат со сериозни штети по живиот свет во Националниот Парк „Маврово“, каде се планира да се гради хидроелектраната“ изјави Ана Чоловиќ Лешоска, директор на Еко-свест.
По оценката на жалбата како основана ќе следи нова постапка за детална анализа кои процедури ги прекршила Банката во процесот на одлучување по проектот. Тоа ќе подразбира меѓу другото и: анализа дали Банката правилно ги оценила ризиците по живиот свет, особено по балканскиот рис, кој се смета за критично загрозен од страна на IUCN (Меѓународната организација за заштита на природата); анализа дали Банката ги проценила кумулативните ефекти врз климата и животната средина на сите хидро-проекти планирани во националниот парк; дали Банката добро ги анализирала сите можни алтернативи на проектот пред да одлучи дека тој е најдобрата опција; и дали областа на планираниот проект треба да се смета за „критичен“ по опстанокот за популацијата на Балканскиот рис.
Постапката за оценка на чекорите на Банката по основ на „Бошков Мост“ би требало да заврши најдоцна до оваа есен, кога ќе бидат предложени мерки или други решенија за отстранување на негативните ефекти на проектот врз животната средина.

Еко-свест

повеќе