31.07.2012. - Новата брана ќе му пресуди на рисот

Две години откако се запознавме со балканскиот рис Марко, го видовме и Ристе, кому Македонското еколошко друштво му стави ремче околу вратот за да го следи во ноќните скитања низ планините. Практично се бројат на прсти, па не е тешко секоја од овие величествени мачки да добие свое лично име. Балканскиот рис во Македонија е загрозен вид, пред истребување, а од стотина примероци во светот, од 30 до 50 живеат во западниот дел, во и околу Маврово. Нема природни непријатели, освен човекот, кој се подготвува да му пресуди со планираната изградба на хидроцентралата „Бошков мост“ и со акумулацијата „Луково Поле“ на територијата на националниот парк.

Откако беа објавени плановите да се намали степенот на заштита на одделни делови од националниот парк за да се овозможи изградбата на енергетските објекти, во одбрана на рисот застанаа низа домашни и странски еколошки здруженија. Здружението „Еко-свест“ во минатата есен успеа да го стопира кредитот од 65 милиони евра, што Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го одобри за „Бошков мост“.

Последниот глас во одбрана на рисот стаса од Петр Хлобил од Чешка, директор во меѓународната организација „Банквоч“, која следи дали светските финансиски институции ги запазуваат сопствените еколошки критериуми при давањето заеми за енергетски проекти. Тој неодамна го посети Маврово на покана на македонски еколози, заедно со Давид Питхарт од Институтот за применета екологија во Чешка. Двајцата во своите јавно достапни извештаи пишуваат дека „Бошков мост“ и „Луково Поле“ ќе уништат важни природни живеалишта и ќе загрозат одредени животински и растителни видови, што е спротивно на критериумите на самите банки.

- Хидроцентралата „Бошков мост“ се планира да се гради во област која не само што треба да стане дел од „Натура 2000“, мрежата на заштитени подрачја на Европската унија, туку е дом на критично загрозениот балкански рис. Од проценетата светска популација на овие мачки, од 100 примероци што живеат во планините на Балканот, дури 30-50 живеат во Маврово. Во студијата за влијанието на „Бошков мост“ врз животната средина е игнорирано влијанието врз рисот и покрај тоа што членовите на Македонското еколошко друштво докажаа дека рисот се движи токму во регионот каде што ќе биде донесена тешката механизација. Но тоа не ја спречи ЕБОР да го одобри заемот за проектот - вели Хлобил.

Откако ЕБОР одлучи да ја преиспита одлуката за кредитот, ЕЛЕМ се нафати да изготви сопствена студија во траење од една година за движењето на рисовите и за влијанието на проектите врз биодиверзитетот.

Хлобил се сомнева дека новата студија ќе биде веродостојна.

- Таму веќе се гради мала хидроцентрала, исто со пари од ЕБОР, а бучавата ги одвраќа животните, меѓу кои и рисот. Затоа можноста дека ќе бидат забележани рисовите е мала, што ќе ~ понуди на ЕЛЕМ изговор за да продолжи „Бошков мост“. Но, рисовите веќе се забележани таму претходно! - пишува Хлобил.

Тој пишува и за влијанието на изградбата на браната „Луково Поле“ за која Светската банка оваа есен ќе одлучува дали ќе одобри кредит.

- Во сопствената документација Светската банка го опишува пределот во кој ќе се гради оваа акумулација како „субалпски, со значителна убавина, богат со флора и со фауна и со релативно недопрена природа“. Сето тоа ќе биде нарушено со тешката механизација. За „Луково Поле“ се предвидуваат големи хидролошки зафати и изградба на голема брана и канал долг 20 километри. Теренот најчесто е несоодветен за изградба, што ќе бара приспособување и влијание врз недопрената природа. Во текот на големата изградба на каналот и на пристапните патишта можеме да очекуваме дека рисовите ќе бидат протерани од областа - потенцира чешкиот експерт.

Kако дополнителен проблем двајцата стручњаци го потенцираат тоа што со пренасочувањето на водите голем дел од реките и потоците ќе останат без потребниот биолошки минимум вода и ги повикуваат финансиските институции да се откажат од финансирање на проектите.

Министерството за животна средина, според досегашните изјави на оваа тема, не се согласува со еколозите. Министерот Абдулаќим Адеми, во една пригода за овој проблем изјави:

- Ги почитувам невладините организации, но сакам да им порачам дека треба да бидат свесни и за инвестициите што треба да се случат во Македонија. Ние сме свесни за животната средина, но ако размислуваме само од агол на екологијата, тогаш не би требало да имаме инвестиции, а тоа за Македонија е невозможно. Токму затоа ги слушнавме сите засегнати страни и на крајот донесуваме одлука - рече министерот.

Соња Христовска

Дневник

Повеќе