21.10.2012. - Тешките метали му тежат на здравјето

Освен оловото, кое постои во зголемена концентрација кај велешани, наскоро јавноста ќе знае дали граѓаните што живеат покрај Топилницата во себе содржат и жива над „безбедните“ концентрации. Еколошката организација „Еко-свест“ ги очекува резултатите од испитувањето на примероците од коса кои беа земени од велешани и со кои ќе се утврди дали нивното здравје е загрозено од жива, која е силен отров.

Тешките метали се присутни во зголемени концентрации во воздухот, почвата и водата во околината на големите металуршки комбинати - Железарницата во Скопје, „Фени“ во Kавадарци, „Југохром“ во Јегуновце, Топилницата за олово и цинк во Велес, која не работи повеќе од една деценија, како и околу термоелектраните. Некои истражувања покажуваат алармантни податоци, како тие за содржините на олово во почвата во Велес, но не се презема акција за чистење на контамираниот терен. Загадени со метали се и земјоделските производи од велешката околина, кои се продаваат низ цела Македонија. Надлежните генерално смируваат дека состојбата во другите градови е во рамките на дозволеното, но во пишаните документи од различни институции има податоци дека тешките метали се присутни повеќе отколку што треба во животната средина.

Ќе се испитуваат рибите од Младост

Од „Еко-свест“ велат дека живата е еден од најтоксичните нерадиоактивни метали, а јавноста не е доволно запознаена со ризиците од труење.

- Живата е особено опасна за бремените жени, затоа што лесно ја поминува плацентата и може да предизвика низа проблеми при развојот на бебето. За истражувањето го одбравме Велес, иако варијанта беше и околината на ОХИС, бидејќи и за таму дознавме дека може да има поголеми количини жива. Иако Велес е повеќепати испитуван за тешки метали, досега никој не ја испитувал живата. Пред неколку години руски истражувач тестирал коса и нокти кај велешани за жива, но дознав дека резултатите не се објавени. Професор Трајче Стафилов е единствен што правел тестирања за жива во околината на топилницата и утврдени се зголемени концентрации. Собравме 14 примероци од коса и чекаме резултати од сертифицирана лабораторија во САД - вели Драгана Угуровска од „Еко-свест“.

Организацијата ќе го тестира присуството на жива и во рибите од езерото Младост, на смуг и сом, оти овие риби, кои се предаторски видови, велешани најмногу ги ловат и ги консумираат.

Од научните истражувања е познато дека Велес е многу контаминиран со олово, кадмиум и цинк, кои се присутни во почвата во многу високи концентрации, но ги има и во домашниот прав во домовите на велешани. Иако топилницата не работи, голем загадувач е депонијата со згура, која е непокриена и изложена на атмосферски влијанија. Kоличеството тешки метали во почвите на загадената зона околу топилницата е просечно два до пет пати повеќе од максимално дозволените концентрации, со мошне високи максимални вредности. Оловото во велешката почва го има 25 пати повеќе отколку во почвите во Европа. Цинк има просечно 1,4 пат повеќе (максимално 135 пати), а кадмиум 2,6 пати повеќе (максимално 200 пати) од максимално дозволените концентрации и 100 пати повеќе од Европа.

Значително присуство на тешки метали е утврдено и близу комбинатот за фероникел „Фени индустри“. Според едно истражување, содржината на никел во примероците на мов од околината на топилницата е 5,95 пати повисока од преостанатите примероци, на хром 4,38 пати, на кобалт 3,15 пати и на цинк 1,72 пати. Во примероците од прав од покривите, исто така, има зголемена содржина на никел, хром и кобалт.

Што дишеме?

Проф. д-р Михаил Kочубовски од Институтот за јавно здравје вели дека според нивните мерења на воздухот, резултатите во однос на тешки метали се добри.

- Во воздухот во Велес од 2004 година наваму нема тешки метали. Во околината на Железара има повисоки вредности на железо во воздухот отколку во Ѓорче Петров. Во однос на тешки метали во животната средина вредностите се нормални секаде, освен во почвата во Велес, каде што не би требало да се одгледуваат земјоделски производи. Досега не сме правеле испитувања на крв кај кавадарчани или во други градови. Го мериме само оловото во крвта кај децата во Велес и количините се намалуваат од година во година. И сега наоѓаме, но во нормални концентрации. Оловото во крв може да предизвика анемија, бубрежни заболувања - вели д-р Kочубовски.

Иако надлежните смируваат дека дишеме здраво, во Националниот план за заштита на воздухот се среќаваат податоци за надминати прагови.

- За тешките метали е направено испитување на квалитетот на воздухот во однос на целните вредности и праговите на оценување. Нема надминувања на граничната вредност и праговите на оценување на оловото на ниту едно мерно место. Целната вредност на арсенот е надмината во Јегуновце, а горниот праг на оценување во Kавадарци. Kонцентрациите на никел во Kавадарци се над целната вредност, а горниот праг на оценување е надминат во Скопје и во Велес. Во однос на кадмиумот, горниот праг на оценување е надминат во Kавадарци, а долниот праг на оценување во Скопје и во Велес. Нема доволно податоци за да се направи зонирање на територијата на Македонија во однос на тешките метали, но добиените резултати покажуваат дека треба да се продолжи со мониторингот на овие загадувачки супстанции - се вели во документот.

Соња Христовска

Дневник

Повеќе