23.11.2012. - Информатичари создаваат независен систем за мерење на загадувањето во Скопје

Наскоро веќе нема да треба да се чека на институциите да објават информации за да знаеме каков воздух дишеме, туку тоа граѓаните ќе може да го дознаваат сами. Група информатичари од невладината организација „Слободен софтвер“ создаваат „метео сензор кутија“, независен уред за мерење на загадувањето поврзан со компјутерска програма кој граѓаните ќе може сами да го направат и да го постават пред своите домови или канцеларии и со тоа да добиваат информации за тоа колку е загадено нивното соседство.
Во кутиите ќе може да се постават сензори по избор на самите корисници кои ќе мерат различни параметри од воздухот. Сите уреди ќе бидат поврзани на интернет и од своите локации постојано ќе испраќаат податоци до една база на податоци каде ќе се мапираат информациите и ќе се добива поцелосна слика за загадувањето во целиот град. Колку повеќе кутии се постават низ Скопје толку поточна и поцелосна ќе биде сликата за квалитетот на воздухот, а ќе може и многу прецизно да се лоцираат најзагадените реони и да се утврди причината и изворот на загадувањето.
Трошоците за изработка на кутиите се различни во однос на тоа какви сензори корисниците ќе сакаат да постават во нив. Како што велат од „Слободен софтвер“, најевтината варијанта е кутија со можност за мерење на температурата, влажноста на воздухот и бучавата која ќе чини околу 3500 денари. Изработката на уредите ќе биде поскапа ако се постават сензори за мерење на концентрациите на загадувачки материи како јаглерод диоксид, озон, прашината ПМ10 и ПМ2,5 , сулфурните и азотните оксиди. Овие сензори кои се набавуваат од странство се поскапи и кутија која би ги содржела сите нив ќе чини околу 400 евра.
„Метео сензор кутија“ на „Слободен софтвер“ денеска ја освои првата награда од 1500 евра на натпреварот „Подобри идеи за ЕУ фондови“ организиран од на Центарот за истражување и информирање „Еко-свест“. Со парите информатичарите на почетокот на идната година треба да ги изработат првите 4 кутии кои ќе мерат неколку параметри. Тие велат дека потоа ќе ги објават скиците за изработка на кутиите, постапката за поставување на сензорите и нивното приклучување во системот како и цените и локациите од каде може да се набават уредите за секој заинтересиран да може сам да го состави апаратот.
Од организацијата веруваат дека на овој начин со употреба на новите технологии и обичните граѓани ќе добијат можност да бидат подобро и независно информирани за животната средина, но и можност врз основа на податоците кои ќе ги добиваат да вршат притисок за подобрување на состојбата. Од „Слободен софтвер“ потенцираат дека кутиите и системот воопшто не се ограничени само на Скопје, туку може да се постават и на било која друга локација.

повеќе