16.12.2010 - Информација за состанокот на Секторскиот комитет за мониторинг на Оперативната програма за регионален развој

Третиот состанок на Секторскиот комитет за мониторинг на Оперативната програма за регионален развој [1] се одржа на 2 декември 2010 година во просториите на Клубот на пратеници. Како претставник на еколошките организации беше присутна Ана Чоловиќ Лешоска.[2] Останати членови на комитетот се претставници од министерствата за транспорт и врски, животна средина и просторно планирање, финансии, локална самоуправа, Европска комисија и Делегацијата на Европска Комисија во Македонија.

Целта на Секторскиот комитет е да го следи развојот и реализацијата на оперативната програма за регионален развој, која ги офаќа секторите на транспорт и животна средина.

Во делот на транспортот, преку оваа програма се планирани неколку проекти:
- Изградба на автопат помеѓу Демир Капија и Смоквица
- Модернизација на Скопската железничка станица
- Изработка на физибилити студии за повеќе проекти за железницата

Во делот на животна средина планирани се:
- Изградба на прочистителна станица во Прилеп
- Интегрирано управување со отпадот, и тоа во 2 региони

Акцентот на овој состанок беше главно на постигнувањата во досегашниот период и пополнетите и испратени ИПА апликации до Европската комисија за големите инфраструктурни проекти (автопатот и пречистителната станица). Главно се говореше за обврската на Македонија итно да ги приврши работите и да го објави тендерот за изградбата на автопатот Демир Капија- Смоквица, со цел да почне искористувањето на фондовите од ЕУ наменети за тој проект. Во спротивно, доколку не се испочитуваат временските рокови, може да дојде до враќање на неискористените средства.

Самиот автопат чини околу 250 милиони евра, од кои околу 40 милиони евра се грант од Европската комисија, а останатите ќе бидат обезбедени во форма на заем (кредит) од Европската инвестициона банка и Европската банка за обнова и развој. И двете банки ќе треба да одлучат за кредитите во текот на следната година. Прашање е дали на Македонскиот народ, кој ќе се задолжи кај меѓународните институции цели 210 милиони евра, кои ќе бидат вратени со камата во текот на следните 20-30 години има потреба од овој автопат? Автопатот е наменет примарно за европскиот корисник и превозник кој непречено и брзо би стигнал од една во друга европска држава. На автопатот се планира поставување и наплатни рампи, иако економската исплатливост на патот е многу ниска.

Претставникот на еколошките организации го покрена прашањето за проширување на Секторскиот комитет со други претставници на граѓанското општество. Следен чекор ќе биде идентификација на можни членови во Комитетот и организирање на транспарентен избор на претставници од различни сектори во кои делуваат граѓанските организации. Следниот состанок ќе биде одржан во јуни 2011 година.

За сите прашања и коментари контактирајте со:
Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест
ana@ekosvest.com.mk
02 3217 247

Белешки:

1. Оперативната програма за регионален развој е финансирана од предпристапните ИПА фондови на Европската комисија и по потреба, заеми од меѓународни финансиски институции.
2. Преку јавно гласање во 2008 година еколошките организации за свои претставници во овој комитет ги избраа Нешад Аземовски од Биосфера и Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.

Еко-свест