12.12.2013. - Соопштение: Што крие ЕБОР за Бошков Мост?

Скопје, 12 декември, 2013 – Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) уште пред 6 месеци имаше подготвен извештај за неправилностите при спроведувањето на нејзините процедури во однос на проектот ХЕ „Бошков Мост“. До ден денес, извештајот не е обелоденет и зборува за тоа колку банката е транспарентна и одговорна за своите дела.

На 7 ноември 2011 година Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ поднесе жалба до механизмот за жалби при Европската банка за обнова и развој тврдејќи дека банката ги прекршила сопствените процедури во однос на проектот ХЕ „Бошков мост“ кој се планира во Националниот парк „Маврово“. Во жалбата беше образложено дека пошироката област на планираниот проект е значајно живеалиште за опстанокот на малата популација на критично загрозениот Балкански рис, и дека Банката, направила несоодветна проценка на проектот. Во недостиг од ваков важен податок, Одборот на директори го одобри проектот спротивно на процедурите на Банката каде јасно е наведено дека Банката нема да финансира проекти кои се наоѓаат во вакви значајни подрачја.

Улрих Еихелман од организацијата за заштита на реките (Riverwatch) од Австрија изјави: „За иднината на Националниот Парк „Маврово”, каде се планира изградбата на ХЕ „Бошков мост” и низа други хидро електрани се заинтересира и меѓународната научна јавност, а Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) донесе декларација за заштита на Маврово . Во тек е петиција од светски научници адресирана до претедателите на ЕБОР и Светска банка против изградбата на хидроцентралите во Маврово.“

Анализа на постапките на Банката траеше скоро 2 години, а ја спроведе независен експерт. Извештајот на експертот беше подготвен во јуни 2013 година. Во него, јасно е наведено дека Банката прекршила 4 од своите правила наведени во Еколошките и социјални процедури (2008) . Иако извештајот беше подготвен уште пред 6 месеци, тој сè уште не е официјално објавен.

„Се поставува прашањето- зошто Банката не го објавува извештајот? Во чиј интерес е оваа постапка да е долга и неефикасна? ЕБОР го воспоставила механизмот за поплаки токму за да ја елиминира несоодветната примена на процедурите. Но, ако резултатите од анализите на постапките не се објавуваат и не овозможуваат отворен дијалог со јавноста, тогаш постои сериозен проблем со одговорноста на Банката и нејзината транспарентност„- изјави Ана Чоловиќ Лешоска, која ја поднесе жалбата до ЕБОР.

За повеќе информации:
Ана Чоловиќ Лешоска
Еко-свест
Мобилен: 072 726 104
ana@ekosvest.com.mk


Еко-свест

повеќе