23.01.2014. - Дали е можна Македонија без фосилни горива?

Дали е можна Македонија без фосилни горива?

Скопје, 23.01.2014 година - Стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија до 2020 година со визија до 2030 година предвидува развој на енергетскиот сектор заснован на јаглен (лигнит) и големи хидроелектрани.

Еколошките организации во Македонија, земајќи го предвид вниманието кое земјите-членки на Европската Унија го полагаат на обновливите извори на енергија и спроведувањето интензивни мерки за енергетска ефикасност, веќе подолго време негативно се изјаснуваат во однос на ваквиот развој.

Според договорот со Енергетската заедница Република Македонија има обврска до 2020 година најмалку 20% од енергијата која ја произведува да потекнува од обновливи извори. Со оглед на тоа што тековната стратегија за енергетика единствено се посветува на исполнување на оваа обврска преку искористување на хидро-енергетските потенцијали, но не и на искористувањето на т.н. нови обновливи извори на енергија, како што се сончевата, ветерната и геотермалната енергија, емисиите на стакленички гасови како и потребите за енергија според стратегијата е предвидено да растат и понатаму.

Имајќи го ова на ум, Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест во соработка со врвни експерти од Универзитетот во Манчестер подготви анализа чија цел е да даде одговор на прашањето „Дали е можна Македонија без фосилни горива?“.

„Анализата е изработена врз основа на податоците од студијата изработена од страна на ÅF – MERCADOS EMI за ЕЛЕМ која дава неколку сценарија за развој на енергетскиот сектор на Република Македонија засновани на искористување на домашниот лигнит и на понатамошен увоз на јаглен по исцрпувањето на домашните резерви“- изјави Ана Чоловиќ Лешоска, извршен директор на Еко-свест. Со користење на истите податоци како и студијата изработена за ЕЛЕМ, анализата која Еко-свест ја објавува содржи неколку сценарија, меѓу кои и „супер-зелено“ сценарио според кое Македонија до 2050 година би можела скоро 80% од својата енергија да произведува од обновливи извори на енергија.



Еко-свест

Линк до анализата