11.04.2014. - Хидроенергетски проекти наспроти заштита на природата

Соопштение за медиуми

„ХИДРОЕНЕРГЕТСКИ ПРОЕКТИ НАСПРОТИ ЗАШТИТА НА ПРИРОДАТА“

ДАЛИ ЌЕ ГО ИЗГУБИМЕ ПРИРОДНОТО БОГАТСТВО?


Скопје, 11 април 2014 година- Преку 100 граѓани учествуваа на првата јавна дебата за двете хидроелектрани планирани во Националниот парк „Маврово“ вчера, во киното „Фросина“. За прв пат досега, претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, научници, граѓански организации и локалните жители беа собрани на едно место за да дебатираат за контроверзните проекти „Луково поле„ и „Бошков мост“. „Светска банка, Европската Банка за Обнова и Развој и А.Д. ЕЛЕМ и покрај тоа што беа уредно поканети и соодветно информирани за настанот не се почуствува должни да учестуваат на оваа прва јавна дебата и покрај контраверзноста на проектите кои ги финансираат“ – потенцираше организаторот на дебатата.

Андреј Совинц, од Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN) образложи дека во националните паркови нема место за хидроелектрани „Според IUCN, националните паркови се подрачја заштитени со цел да се обезбеди долгорочно зачувување на природноста на екосистемите од негативните влијанија на човекот. Како такви, овие подрачја претставуваат забранети зони за изградба на брани и имплементација на секаков вид на комерцијални активности со деструктивен карактер. Ваквите иницијативи и непочитувањето на признаените вредности на националните паркови праќаат негативна порака до меѓународната заедница. Дополнително, хидроенергетските проекти се во спротивност со Европското законодавство како и Директивата за Натура 2000 и Директивата за води. Само таканаречените банана републики би ги игнорирале меѓународните стандарди и правила за национални паркови, кои IUCN ги пропишува, и секако, Македонија не е таква земја“, вели заменикот на регионален претседател за Европа од Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN).

Професорот Љупчо Меловски од Универзитетот Св. „Кирил и Методиј“ алармираше: „Маврово“ е центар на преостанатата популација на критично загрозениот подвид на балканскиот рис (Lynx lynx balcanicus), која вкупно брои помалку од 50 возрасни единки. Реализацијата на двата хидроенергетски проекти може да доведе до исчезнување на последната репродуктивна единица на балканскиот рис”. На тоа, Министерството за животна средина и просторно планирање, претставено од г-динот Влатко Трпески, раководител на Секторот за природа при Управата за животна средина одговори дека Министерството ги подготвува потребните документи и законски акти за заштитата на Националниот парк „Маврово“ вклучувајќи го и предлог законот за повторно прогласување на „Маврово“ како национален парк и истите за брзо време ќе бидат предмет на усвојување.

Професорот Стефан Бужаровски од Универзитетот во Мачестер од Велика Британија, експерт во делот на енергетиката, кој ја има разгледувано Стратегијата за развој на енергетиката во Република Македонија, јасно образложи „Овие хидроелектрани кои се планираат во Националниот парк „Маврово“ се само со мал придонес во целокупното производство на електрична енергија во Македонија и нивната градба всушност нема да ја реши енергетската состојба. Но сепак, не значи дека се единственото решение- треба да се работи на зголемување на енергетската ефикасност и развојот на соларната енергија во земјата.“

Ulrich Eichelmann и Gabriel Schwaderer од европските организации Riverwarch и Euronatur им дадоа до знаење на присутните дека Македонија и меѓународните финансиски институции кои размислуваат за поддршка на хидроелектраните во „Маврово“ допрва ќе станат центарот на меѓународното внимание. „Голем дел од планираните проекти се во спротивност со европското законодавство, а уште поскандалозно е инвестирањето во проектите преку странски инвеститори. Промовирани под маската на „зелена енергија“ хидроенергетските проекти се страшна закана за драгоцените природни предели“, вели Ulrich Eichelmann, претседател на Riverwatch – меѓународна организација за зачувување на реките. „Градбата на хидроенергетските проекти се наложува без никаков обзир спрема луѓето и природата, дури и во национални паркови. Ова е неприфатливо и го попречува потенцијалот за одржлив економски развој во соодветните земји. Хидроенергетскиот развој мора да ги земе предвид сите аспекти на животната средина. Од огромна важност е да се изготви план за зачувување на најранливите водни екосистеми во регионот“, вели Gabriel Schwaderer, претседател на EuroNatur.

Од дебатата која траеше до доцните вечерни часови беше јасно дека вакви отворени настани се навистина потребни. „Национален парк и балкански рис или изградба на хидроелектрани е многу важна одлука. Затоа треба да се дискутира отворено и јавно, со присуството на сите засегнати страни“, изјави Александра Бујароска од Фронт 21/42, во функција на национален координатор на кампањата „Да го зачуваме синото срце на Европа“. Ваквиот повик беше широко прифатен од присутните учесници. На конференцијата беше промовирана и меѓународната отворената петиција за спас на НП Маврово адресирана до Претседателот на Владата на Република Македонија, г-динот Никола Груевски.



Повеќе информации, фотографии и видеа од настанот можете да најдете на следните линкови:

www.facebook.com/groups/SAVE.Mavrovo.NP/

www.facebook.com/ekostav.ekostav



Линк за поддршка на петицијата: www.rainforest-rescue.org/mailalert/947/macedonia-dam-projects-threaten-lynx-with-extinction

Еко-свест