21.10.2014. - ЕБОР пред нов предизвик: постапката за оцена на влијанието врз животната средина за Бошков Мост треба да се повтори.

Скопје, 21.10.2014- Согласно Законот за животна средина, Решението престанува да важи доколку во период од две години од неговото донесување, не се отпочнало со спроведување на проектот. Согласно Законот валидноста на решението истече на 13 октомври оваа година.

За потребите на реализација на овој проект финансиски поддржан од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во 2012 А.Д. ЕЛЕМ подготви студија за оцена на влијанието врз животната средина која беше одобрена со решение од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Две години по одобрување на студијата за Бошков Мост инвеститорот, А.Д. ЕЛЕМ не отпочна со изградба на проектот. Согласно Законот за животна средина член 85 став (5) Решението престанува да произведува правно дејство, доколку во период од две години од неговото донесување, не се отпочнало со спроведување на проектот. „Согласно Законот валидноста на решението истече на 13 октомври оваа година а барање за продолжување на решението нема.“ – изјави Александра Бујароска од Фронт 21/42 по извршениот увид во архивата на Министерството за животна средина и просторно планирање.

Според македонскиот закон, ЕЛЕМ би требало да ја започнат целата постапка за оцена на влијанието врз животната средина од сам почеток, што дополнително ќе го зголеми трошокот на проектот и неговото понатамошно пролонгирање.

Предметната студија беше во конфликт и со политиките на самата банка. Имено, по покренување постапка пред жалбениот механизам на ЕБОР експертите потврдија дека при носење на одлуката ЕБОР не обезбедила соодветна анализа на биодиверзитетот со што ги прекршила сопствените процедури и политики. „Овој наод потврдува дека во 2012 година Одборот на директори на банката донел одлука која била базирана на некомплетна студија и нецелосни информации за влијанието на проектот врз животната средина.“ – изјави Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест, организацијата која ја поднесе жалбата до Банката.

Денес Одборот на директори одржа средба со граѓанските организации. За време на средбата се покрена прашањето за економската исплатливост на проектот. Имено, пресметката за проектот Бошко Мост најпрво изнесуваше 85 милиони евра. Според последните пресметки како и вклучување на потребниот далновод проектот би чинел нешто помалку од 200 милиони евра. „Потребна е нова анализа на економската исплатливост на проектот по завршување на сите дополнителни анализи на негативно влијание на проектот врз природата. Само на тој начин би можело реално да се пресмета реалната цена на хидроцентралата.“ – изјави Бујароска Она што беше пренесено на Одборот на директори на ЕБОР е дека мора многу да се внимава пред да се инвестира во енергетиката, не само во Македонија туку и во целиот регион. Соња Зубер од Аналитика потенцираше дека „Од особена важност пред секое инвестирање е да се испита целосно состојбата со секторот енергетика, како и состојбата со корупцијата, колку поднесени, а колку решени случаи има, како и тоа да се земат во предвид мислењата на сите заинтересирани страни, а не само на властите, особено на граѓаните од чиј што џеб на крајот се враќаат заемите и кредитите.“

Имајќи го сето ова предвид, граѓанските организации прашуваат- со зголемувањето на трошокот за хидроцентралата Бошков мост, колку навистина овој проект ќе донесе придобивки а колку загуби за македонските граѓани? До денес над 100 научници и експерти го критикуваа изведувањето на Бошков мост поради негативниот ефект врз националниот парк „Маврово“. Имено, според доктор Urs Breitenmoser, специјалист за мачки на Меѓународната унија за заштита на природата проектот може да доведе до исчезнување на загрозениот Балкански рис. „Маврово е дом на последната популација на Балканскиот рис која успешно се репродуцира. Било какво дополнително влијание може да доведе до исчезнување на најзагрозениот цицач во Европа“. Дополнително, во спроведена електронска петиција речиси 100.000 потписници кажаа НЕ на спроведување на проектот во Маврово.



Еко-свест

Повеќе