9.12.2014. - Бошков Мост и Луково поле пред Бернската конвенција

БОШКОВ МОСТ И ЛУКОВО ПОЛЕ ПРЕДМЕТ НА ИСТРАГА НА СОВЕТОТ НА ЕВРОПА ЗА КРШЕЊЕ НА КОНВЕНЦИЈАТА ЗА ЗАШТИТА НА ПРИРОДАТА (БЕРНСКА КОНВЕНЦИЈА)

09.12.2014, Скопје

Постојаниот комитет на Бернската конвенција [1] - обврзувачки меѓународен правен инструмент на Советот на Европа во областа на заштитата на природата – на 34от состанок во Стразбур отвори случај за планираните хидроцентрали во Националниот парк Маврово. Комитетот ќе испитува прекршување на одредбите на Конвенцијата при носење на одлуките за изградба и влијанието од самата изградба на планираните 18 хидроелектрични проекти на територијата на паркот, вклучувајќи ги и големи Бошков Мост и Луково Поле.

Постапката пред постојаниот комитет започна на 12 март 2013 година, кога од страна на македонските еколошки граѓански здруженија беше поднесена жалба за прекршување на 4 одредби од Бернската конвенција. Граѓанските организации тврдеа дека заштита на паркот „Маврово“ кој е Емералд подрачје и идно Натура подрачје [2] не е можна со изградба на 18 инфраструктурни проекти на неговата територија. "Постојаниот комитет најде основаност и оправданост на нашите тврдења дека балканскиот рис е ставен на ризик со спроведување на Бошков Мост и други хидро проекти. Комитетот соопшти дека ќе спроведе сопствена анализа во самиот национален парк со цел да го утврди степенот на закана за биодиверзитетот од страна на овој проект" - објасни Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.

Откако експерти назначени од страна на постојаниот комитет ќе извршат проценка на планираните проекти во Националниот парк „Маврово“, ќе се подготват препораки кои ќе бидат обврзувачки за Македонија. "Ако препораките за заштита на Националниот парк „Маврово“ се земат предвид и се спроведат случајот ќе биде затворен. Ако Македонија не ги спроведе барањата и препораките, случајот ќе остане отворен, а постојаниот комитет ќе наложи дополнителни построги мерки за решавање и надминување на проблематичната ситуација во насока на заштита и унапредување на паркот", објаснува Александра Бујароска од Фронт 21/42. Вниманието на Советот на Европа за овие прашања донесе драматични промени во плановите на владите во другите земји, па слични ефекти може да се очекуваат и во Македонија. "Отворањето на случај за прекршување на Бернската конвенција од страна на постојаниот комитет треба да испрати јасна порака до нашите власти дека спроведување на 18 хидроелектрични проекти на територија на едно заштитено подрачје е спротивност со начелата за заштита и унапредување на природата", вели Ана Чоловиќ Лешоска.

Проектите Луково Поле и Бошков Мост уште со нивното најавување станаа контроверзни во однос на негативното влијание врз биодиверзитетот и самиот Национален парк „Маврово“.

Планираното спроведување на Бошков Мост без соодветна сеопфатна проценка на влијанието врз животната средина се покажа проблематично и од гледна точка на стандардите и правилата на Европската банка за обнова и развој поради што во 2014 година жалбениот експерт потврди дека банката ги прекршила сопствените процедури при одобрување на заемот за проектот. Дополнително, последните докази покренуваат сериозни сомневања за економската оправданост на проектот поради што ЕБОР допрва ќе ја испитува исплатливост на проектот. Еколошката дозвола за ОВЖС студијата за Бошков Мост истече на 13ти оваа година поради што целата постапка мора да започне одново.

Проектот Луково поле исто така се соочи со голем број предизвици. Светска банка, која е заинтересирана финансиски да учествува во проектот, откако и самата ја увиде значајноста на долината на Длабока река за екосистемот наложи тој зафат да биде искчлучен. Еколошката студијата за Луково поле се чека веќе неколку години. Отпочнатата постапка за студијата е предмет на жалба поради колизија на проектот со Законот за заштита на природата и Законот за самиот национален парк „Маврово“ затоа тоа што проектот е лоциран во високопланински предел и зони на заштита во паркот каде изградба на вакви проекти е изричито забранета.

Контакт за повеќе информации:

Ана Чоловиќ Лешоска, Еко-свест
ana@bankwatch.org
+38972726104

Александра Бујароска, Фронт 21/42
aleksandra.bujaroska@front.org.mk
+38978433713

БЕЛЕШКИ ЗА УРЕДНИЦИТЕ:

[1] Бернската конвенција е конвенција за заштита на европскиот див свет и природни живеалишта. Оваа конвенција претставува обврзувачки правен инструмент во областа на заштита на природата кој го покрива најголемиот дел од природното наследство на Европскиот континент и се проширува и во некои земји на Африка.
Бернската Конвенција ја уредува еколошката мрежа Емералд и има цел да ги заштити дивите растителни и животински видови.

[2] Натура 2000 претставува мрежа на подрачја на заштита на природата, воспоставена според Директивата за хабитати, распространета ширум Европската Унија. Целта на оваа мрежа е обезбедување на долгорочниот опстанок на највредните и загрозените видови и типови на живеалишта ширум Европа.
Емералд мрежата и мрежата Натура 2000 меѓусебно се надополнуваат бидејќи Емералд мрежата може да се имплементира и во земјите кои не се членки на Заедницата, за разлика од мрежата Натура 2000.

Еко-свест