19.02.2015. - Соопштение за новинари “Пропаднати 1,7 милиони евра наменети за граѓанското општество„

Соопштение за новинари

“Пропаднати 1,7 милиони евра наменети за граѓанското општество„

Граѓанските здруженија реагираат на поништувањето на два повика од претпристапната помош на ЕУ (ИПА) за Македонија

Скопје, 19.02.2015 – Пропаднати два повика со кои неповратно се загубени 630.000 евра од Првата компонента на ИПА програмата (TAIB) на Европската унија за 2010 година наменети за граѓански организации кои работат во сферата на заштита на потрошувачите, како и 1.125.000 евра наменети за изградба на одржливо граѓанско општество, во рамките на Првата компонента на ИПА програмата (TAIB) на Европската унија за 2010.

Во услови на ограничени донаторски средства за граѓанскиот сектор во Македонија, веста дека пропаднале два повика од 630.000 евра и 1.125.000 евра претставува сериозен удар врз функционирањето на мноштво здруженија и фондации кои, директно или индиректно, би имале полза од активностите што требаше да се спроведат со овие средства. Загриженоста на граѓанските организации е уште поголема поради тоа што причина за поништувањето, според објавените информации од Секторот за Централно финансирање и склучување на договори (ЦФЦД) при Министерството за финансии на Република Македонија, е административна неажурност, т.е. ненавремено завршување на евалуациската процедура. Овој груб институционален пропуст претставува и назадување на патот на Македонија кон ЕУ, забавена европеизација на општеството и обесмислена рамка за претпристапна помош за Македонија преку децентрализирано управување на средствата.

Административната неажурност во постапките за децентрализирано управување со помошта на ЕУ не ги засега само граѓанските организации, туку и државните органи кои исто се јавуваат како корисници на ваквата помош. Имено, само во декември 2014 година поради оваа причина изгубени се над 5,5 милиони евра од помошта на ЕУ кои биле наменети за договори за услуги или снабдување на државните органи.

Граѓанските организации очекуваат од надлежниот орган за индиректно управување со помошта од ЕУ при Министерствто за финансии на РМ, да ги прифати оправданите критики од здруженијата и фондациите, како несудени корисници на изгубените средства. Одговорни раководители во ваква ситуација би покренале постапка за лоцирање на причините за неуспешно спроведените постапки и би прифатиле отворен дијалог со сите засегнати страни за реформите кои се потребни за да се избегне повторување на вакви појави во иднина. Спротивно на тоа, на јануарската средба на Секторскиот мониторинг комитет за првата компонента на ИПА, ЦФЦД се обиде да ја префрли вината онаму каде што не може да ја има, со оспорување на способноста на здруженијата и фондациите да ги искористат средствата од Унијата што граѓанските организации не го прифаќаат како оправдување бидејќи дел од нив прелиминарно беа избрани на горенаведените повици, па дури и го имаа завршено процесот на преговори за проектните буџети пред да се случи откажувањето.

За ублажување и надминување на ваквите состојби, бараме од Министерството за финансии, Секретаријатот за европски прашања и од Делегацијата на Европската унија во Скопје:
• Транспарентно и темелно да се истражат причините за овие неуспешни постапки и да се образложи кои мерки ќе се преземат за да спречи административната неажурност во постапките повторно да доведе до неискористување на милионски средства од ИПА кои се во режим на индиректно управување. За оваа цел граѓанските организации се спремни на целосна соработка со надлежните институции.
• По истражувањето да биде јавно и транспарентно објавен извештај со мерките кои ќе се преземат за елиминирање на можноста оваа ситуација да се повтори, како и со препораки за спроведување на засилен мониторинг за идните повици.
• Да се преиспита способноста на структурите за индиректно управување да одговорат на обврската за обезбедување навременост, транспарентност, објективност и веродостојност на постапките.
• Да се одложи крајниот рок за поднесување на предлози за повикот “Further development and financial sustainability of the civil society” (EuropeAid/136625/ID/ACT/MK) се додека не се спроведат претходните три барања. Доколку е потребно, повикот треба одново да се објави, за да не се ризикува повторна несоодветна постапка, или ситуација во кога граѓанските организации би избегнале да аплицираат поради сомневање во веродостојноста на постапката со што повикот би пропаднал.

За повеќе информации:

Ана Чоловиќ Лешоска, ana@bankwatch.org

Бојан Маричиќ, bojan@mcet.org.mk

Еко-свест

повеќе