23.02.2015. - ЕБОР СЕ ПОВЛЕКУВА ОД „БОШКОВ МОСТ“?!

ЕБОР СЕ ПОВЛЕКУВА ОД „БОШКОВ МОСТ“?!

Најавите за изградба на повеќе од 570 хидроцентрали поголеми од 1 MW се сериозна претстојна закана за најзначајното природно богатство на Европа - реките во балканскиот регион. Експертите од областа на животната средина, во регионот и пошироко, веќе долго време предупредуваат дека реализацијата на плановите за изградба на повеќе од 2000 брани несомнено ќе има забележително негативно влијание врз овие исклучителни реки и може да доведе и до исчезнување на значајни видови од флората и фауната. Дополнително, инволвираноста на големите „позајмувачи“ како ЕБОР и Светската Банка во процесот на имплементација на овој „мастер план“ прикриени зад маската „зелени извори на енергија“ наиде на отпор и кај голем дел од директно засегнатото локално население секаде низ Балканот.

Ваквите случувања го привлекоа вниманието на еден од најпрестижните британски часописи „Гардиан“ на чија насловна страна во одделот за животна средина, на 20.02.2014 осамна насловот „ БУМ ОД БРАНИ НА БАЛКАНОТ, ЗАКАНА ЗА ПОСЛЕДНИТЕ „ ДИВИ“ ВОДОТЕЦИ во ЕВРОПА“. Покрај општиот приказ на генералната состојба во регионот, особено големо внимание е посветено на случајот: изградба на брани во Националниот парк Маврово.

„ Дваесет и две од нив се уште наменети за Маврово, најстариот и најголем национален парк во Македонија, фасцинантни 730 квадратни километри дивина со пространи буково-елови шуми, клисури, водопади, тресетишта и највисоките планини во земјата“ – истакнува новинарот Артур Неслен за Гардиан.

Во својот текст, г-дин Неслен за Гардиан ги дискутира интересите и ставовите на засегнатите страни меѓу кои претставници од локалното население, експерти и претставници од инволвираните институции.

Во своето интервју со портпаролката на ЕБРД во врска со најавените инвестиции во хидроенергетскиот проект „Бошков Мост“, проект за кој досега имаше бројни негативни реакции и негодувања од експертите и пошироката јавност, имајќи предвид дека подрачјето е центар на популацијата на критично загрозениот Балкански рис, Гардиан дознава дека се уште не се исплатени средства за Бошков Мост и целата процедура околу проектите е моментално запрена. Во цитат од разговорот стои дека „Во тек е спроведување на „нова“ студија за оценка на влијанието врз животната средина. Се додека студијата не се заврши, нема да се преземаат никакви активности. Поради жестоките реакции од страна на експертите од областа на заштита на животната средина и засегнатата поширока јавност, работата на терен е отежната. Многу е веројатно дека ќе треба да се свртиме и да се откажеме".

На крајот, г-дин Неслен дава осврт кон целите и барањата поставени во Европската директива за води, според кои до 2027 година „речните текови во сите земји на Европа треба да се управуваат со цел достигнување на најмалку добар еколошки статус. Иронично, за Македонија и Албанија да ги исполнат нивните аспирации за членство во ЕУ, тие можеби ќе треба да ги вратат назад ефектите од хидроенергетскиот бум што инвестициските банки на ЕУ го наметнаа врз нив“. Оригиналната објава од Артур Неслен за Гардиан е достапна на следниот линк



Еко-свест

повеќе