29.06.2015. - Граѓанските организации повторно алармираат за загадувањето на воздухот

Скопје, 29.06.2015 - По повод Meѓународниот ден за намалување на загадувањето и штетното влијание врз човековото здравје од искористувањето на јаглен 29 јуни, Еко-свест, Фронт 21/42 ,"За нас се работи" и партнерските организации повторно повикуваат да се намали загадувањето и штетното влијание врз човековото здравје од искористувањето на јагленот како ресурс во производството на електрична и топлинска енергија.

Граѓаните постојано се жртви на загадувањето на воздухот од термоелектраните во Македонија кое, според последната студија на овие организации, го чини македонското здравство повеќе од 20 милиони евра годишно.

Како одбележување на Меѓународниот ден за намалување на загадувањето и штетното влијание врз човековото здравје од искористувањето на јаглен, на 29 јуни 2015 година во 12 часот пред Институтот за јавно здравје овие организации ќе предадат на двете најрелевантни институции за заштита на воздухот и животната средина – Министерството за животна средина и просторно планирање и Институтот за јавно здравје – две уметнички инсталации во форма на силуети на луѓе во природна големина кои содржат пораки поврзани со влијанието на загадувањето на воздухот од согорувањето јаглен.

„Овие уметнички инсталации, кои содржат неколку алармирачки пораки за влијанието на загадувањето и согорувањето на јаглен како ресурс за добивање електрична и топлинска енергија, ги предаваме на најрелевантните институции за, изложени во нивните простории, да претставуваат симбол на заедничката заложба на граѓанскиот сектор и надлежните институции за подобрување на состојбите со животната средина“ изјави Невена Смилевска, проектен координатор и активист за клима во Еко-свест.

Еко-свест, Фронт 21/42, "За нас се работи" и партнерските организации алармираат дека за да се осигурa благосостојбата на македонските граѓани и нивните деца неопходно е итно да се преземат мерки за усогласување со директивите на Европската Унија. Препораките за активности кои треба итно и неодложно да се преземат се: институциите сериозно да се заземат за доведување на термоелектраните во согласност со Директивата за индустриски емисии иако таа во моментов сеуште не е задолжителна за Македонија; ТЕЦ Осломеј да се ревитализира како што е предвидено, но по ревитализацијата да користи значително помалку загадувачки и јаглеродно интензивни енергенси; во ТЕЦ Битола да се инсталира десулфуризатор со динамиката предвидена од Енергетската Заедница – заклучно со крајот на 2017 година.

Еко-свест

повеќе