15.07.2015. - Еколошките организации од Југоисточна Европа повикуваат за укинување на јагленот и премин кон одржливо производство на енергија

Од 5 до 10 Јули 2015, на Соларната Академија на островот Шолта во Хрватска се собраа 37 претставници од 25 граѓански организации од Југоисточна Европа, Турција и ЕУ да дискутираат за соработка на полето на заштита на животната средина и одржливи заедници.

Сакаме да имаме добра соработка во овој регион и затоа го основавме SEENET – регионaлна мрежа на еколошки граѓански организации кои работат на темите на енергија, транспорт и природни ресурси од перспективата на заштита на животната средина и одржливост.

“Мрежата работи веќе 5 години и сега на Шолта примивме 6 нови членови”, вели Јелена Маројевиќ Галиќ од ГО Green Home од Црна Гора. “Корупцијата и сиромаштијата ги идентификувавме како проблеми, кои исто така предизвикуваат ниски еколошки стандарди во регионот”, додаде таа.

“Во текот на минатата седмица фокусот беше да се идентификуваат приоритетите за работа во регионот за следните 3 години, а досега работевме на темите на климатски промени, транспорт и животна средина, заштита и употреба на природните ресурси и одржливи извори на енергија. Две кампањи се појавија како приоритет за регионот – запирање на изградбата на нови електрани на јаглен и премин кон обновливи извори на енергија. Во регионот имаме многу предлози за изградба на нови електрани на јаглен, но тие не се дел од обновливата иднина, такашто треба да ги откажеме плановите за нови електрани на јаглен и да ја подготвиме транзицијата за укинување на постоечките”, изјави Наташа Џерег од Цекор, ГО од Србија.

“Ние секако сакаме да преминеме на обновливи извори на енергија тука во регионот, но големите хидро проекти не се обновливи извори, ниту пак е одржливо да се градат повеќе мали хидроелектрани во национални паркови, а имаме безброј примери за планирани хидроелектрани, вклучувајќи го и Националниот Парк Сутјеска во Босна и Херцеговина” – предупредува Наташа Црнковиќ од Центарот за животна средина од Бања Лука. “Еден од екстремните примери е Националниот парк Маврово во Македонија, кадешто се планирани 22 хидроелектрани без Стратешка оцена за влијанието врз животната средина. Имплементацијата на овие проекти ќе води кон губење на категоријата II Национален парк”, вели Весна Илиевска Утевска од Еко-свест, Македонија. Лавдош Феруни од Земјоделската Органска Асоцијација од Албанија вели: “Ние и идните генерации имаме право да имаме реки без брани и сакаме реката Вјоса да биде река со природен тек.”

Овој состанок беше организиран како дел од проектот “Застапување на мрежи на ГО за одржливо користење на енергија и природни ресурси во Западен Балкан и Турција - ЕТНАР”, финансиран од страна на Европската Унија во рамки на ИПА Граѓанско партнерство за зајакнување на капацитетот на граѓанските организации во регионот. “Ние активно пренесуваме искуства од европските партнери Friends of the Earth International, Friends of the Earth Europe, Зелена акција – Friends of the Earth Croatia and Henrich Boell Fоundation на граѓанските организации од Западен Балкан и Турција”, додаде Јагода Муниќ од Хрватска.

Еко-свест

повеќе