15.08.2015. - Три нови видови инсекти пронајдени во Македонија

Виена, Радолфцел, 12 август, 2015. Човек не мора да патува до Амазон или да нурка во длабочините на морето за да открие нови видови. Доволно е да погледне поблиску на Балканот. Во соработка со Волфрам Граф, професор на Универзитетот во Виена за Природни ресурси, тим на научници откри три до сега непознати акватични видови инсекти на територијата на Националниот парк Маврово во Македонија: видовите од групата водни молци: Drusus krpachi и Potamophylax lemezes, како и видот од групата пролетници Siphonoperla korab.

Специфичниот начин на живот на овие видови треба допрва да се истражува. Генерално, водните молци и пролетниците поминуваат до три години во фази на ларва во потоци и реки. Потоа, тие се преобразуваат во летачки инсекти кои повторно, во рок од неколку седмици, ги положуваат своите јајца во вода.

Иако тукушто откриени, овие видови веќе се изложени на ризик од исчезнување, бидејќи македонската влада планира изградба на 22 хидроцентрали во Националниот парк Маврово, а неколку од нив се веќе во изградба. Тоа исто така ќе се одрази негативно и врз малите потоци - живеалишта значајни за опстанокот на овие видови. "Хидроелектраните, заедно со пропратната дренажа и каптирањето на водите, ќе ги изложат овие чувствителни видови, локални во однос на распространетоста, на ризик од исчезнување", вели Волфрам Граф.

Сепак, откривањето на овие три видови во Националниот парк Маврово не е изолиран случај. "Само во последните 5 години, на Балканот се пронајдени околу 15-20 нови водни инсекти. Претпоставуваме дека уште многу видови сè уште не се откриени. Потоците и реките на Балканскиот Полуостров се меѓу еколошки највредните и најфасцинантните живеалишта на Земјата ", додаде Волфрам Граф.

Сепак, ова „жариште“ за биолошката разновидност е во опасност од уништување. Многу видови би можеле да исчезнат, без воопшто да бидат откриени. Помеѓу Словенија и Албанија се планирани повеќе од 2.000 хидроцентрали, од кои над 800 се во заштитени подрачја.

На реките на Балканскиот Полуостров им се заканува вистинско „цунами“ од брани. Токму затоа, со цел да придонесат кон зачувување на значајните речни текови на Балканот, а во соработка со локални партнери, Riverwatch и EuroNatur ја промовираа кампањата "Да го зачуваме Синото срце на Европа" во засегнатите земји на Балканот.

Еко-свест

повеќе