06.10.2015. - Енергетско моделирање во рамките на климатските промени и КОП 21

Скопје, 06.10.2015 – Денес, организациите Аналитика, Еко-свест и Фронт 21/42 во ЕУ Инфо Центарот во Скопје одржаа конференција со наслов „Енергетско моделирање во рамките на климатските промени и КОП 21“ . Настанот се одвиваше во форма на дискусионен панел при што беше презентирана работата на енергетскиот модел наречен 2050 Калкулатор. Моделот ги покрива побарувачката и понудата на енергија, а се развиваше паралелно за 7 земји од регионот (Македонија, БиХ, Србија, Црна Гора, Косово, Албанија, Хрватска). На конференцијата беше презентиран процесот на пополнување на моделот со податоци, како и финалните резултати за тоа како Македонија да дојде до 78% намалување на емисиите до 2050 година.

Презентираниот модел е алатка наменета за внес на податоци при донесувањето на одлуки и политики во врска со енергетскиот сектор и дава препораки во однос на разгледуваните сектори на неколку нивоа.

На конференцијата со воведни говори се обратија на присутните Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири и Оперативниот шеф на Делегацијата на ЕУ Мартин Клауке.

Понтаму, говорници беа и претставниците на македонските и меѓународните институции, од МАНУ, Министерството за животна средина и просторно планирање и од Рамковната конвенција за климатски промени на ОН. Темите за кои се дискутираше се климатските промени и тоа што се прави во Македонија за нивно ублажување.

Од досегашната работа на моделот, според анализата на 4 сектори: транспорт, згради (домаќинства, јавни и комерцијални згради), индустрија (феролегури, челик и цементна идустрија) и производство на електрична енергија, можат да се извлечат следниве заклучоци:

● Во Македонија со значително вложување и напор е возможно да се постигне намалување на емисиите на национално ниво дури од 78%!
● Македонија може да обезбеди стабилна енергетска иднина и без изградба на нови термоцентрали на јаглен, со реновирање на старите и инвестирање во чисти, обновливи извори на енергија.
● Моделот предвидува дека е можно искористување на 50% од техничкиот капацитет што Македонија го има кај соларната енергија и со тоа да изгради капацитети од 2.59 GW (гигават/час) до 2050 година.
● Горливиот проблем на греењето во домаќинствата може да се реши така што: како главни технологии се предвидуваат топлински пупми од една страна и когенеративни постројки на природен гас и биомаса и бојлери на биомаса и природен гас од друга страна. До 2050 целосно се отфрла греењето на нафта и јаглен и речиси целосно греењето на струја (resistive heating). Понудените опции за греење се групирани во 4 подгрупи – висока, умерена, ниска и многу ниска електрификација. Опцијата со топлински пумпи (односно опција со висока електрификација) предвидува 90% од греењето да биде покриено со топлински пумпи до 2050, а останатите 10% со биомаса. Опцијата пак, со когенерација (опција со многу ниска електрификација), предвидува до 2050 да доминира искористувањето на биомаса (до околу 45% од потребите за греење) во когенетаривни постројки на биомаса и бојлери на биомаса, топлинските пумпи да покриваат 20%, а болјери и когенерација на природен гас околу 33%.
● Кај транспортот се предвидува раст, меѓутоа со промена на политиките и свеста кај граѓаните се предвидува промена во модалитетите кои се користат, и тоа: процентот на пешачање и возење велосипеди расте до 8% од вкупните патнички поминати километри во споредба со базната година (2010). Употребата на автобуси се зголемува до 47%, на железницата 8%, додека пак процентот на вкупните поминати патнички километри кај автомобилите паѓа на 37%.

Овој настан е дел од регионалниот проект СЕЕ СЕП.

Еко-свест

повеќе