15.12.2015. - Нова студија открива - меѓународните финансии за хидроенергија ги уништуваат македонските недопрени реки

14 декември, 2015. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) поддржала 17 хидроенергетски проекти во Македонија во заштитени подрачја со кредити во вредност од 23 милиони евра во периодот од 2010-2012 година. Дополнително, ЕБОР има одобрено, но не и исплатено, кредит од 65 милиони евра за контроверзниот Бошков Мост (од 68 MW) во Националниот парк Маврово, и покрај тоа што проектот претставува закана врз единственото репродуктивно јадро на критично загрозениот балкански рис. На почетокот од овој месец Постојаниот комитет на Бернската конвенција1 препорача суспендирање на проектот, заедно со другите планирани проекти во паркот.

Истражувањето открива дека развојот на хидроенергијата влијае на Националниот парк Маврово, Националниот парк Пелистер, заштитеното подрачје Осоговски Планини и на заштитеното подрачје Плачковица.

Севкупно, ЕБОР обезбеди директни заеми за 19 хидроелектрани во Република Македонија, од кои 14 веќе се ставени во употреба. Покрај тоа, ЕБОР има обезбедено 3,6 милиони евра за 3 мали хидро проекти преку кредитни линии на локалните комерцијални банки. Тие сепак остануваат непознати, како и 4 други мали хидроцентрали финансирани од домашната банка на ЕУ - Европската инвестициона банка (ЕИБ). ЕИБ ги поддржа со 3,5 милиони евра преку Македонската банка за поддршка на развојот. Повикувајќи се на доверливост, ЕБОР и ЕИБ одбија да ги именуваат овие мали, но потенцијално штетни хидроцентрали, со што ефективно се попречува јавниот надзор.

"Фактот дека европските банки за развој финансирале хидроелектрани во заштитени подрачја во Македонија покажува дека е потребно многу повеќе надзор од страна на самите банки, од владите кои ги контролираат и од македонските државни институции " - изјави Весна Илиевска од Еко-свест и кампањата “Да го зачуваме синото срце на Европа”.

Истражувањето идентификуваше вкупно 72 проекти кои се планирани или оперативни од 2005 година во заштитени подрачја во Македонија. Во студијата, изворите на финансирање беа идентификувани за 27 од нив [2]. Компаниите кои стојат зад 1 Меѓународна конвенција за заштита на Европските диви видови и живеалишта, ратификувана од Македонија во 1999 година. хидропроектите во Македонија се претежно локални компании, а кога станува збор за вклучени странски инвестиции, тоа најчесто се Италија, Австрија и Германија.

На ниво на Југоисточна Европа истражувањето открива дека 75 проекти се директно поддржани од страна на меѓународни финансиски институции со 818 милиони евра. 30 од нив се во заштитени подрачја. Над 60% од хидроелектраните финансирани од страна на развојните банки во заштитени подрачја во Југоисточна Европа се лоцирани во Македонија.

"Ако проблемите предизвикани од хидроцентралите не се спречат во Македонија и останатите земји од Југоисточна Европа, ќе се наруши позитивната слика за целиот сектор на обновлива енергија. Во интерес на ЕУ е да се засили надзорот на овој сектор, доколку Европа сака да промовира обновливи извори на енергија во своите нови земји-членки и земјите-кандидати", коментира Клара Сикорова, истражувач од CEE Bankwatch Network. "Добрата вест е дека поголемиот дел од хидроелектраните кои ги идентификувавме за сега се само планови, па сè уште може да се сопрат каде што е потребно", додаде таа.

Еко-свест

повеќе