28.12.2015. - Излези за воздух!

Граѓани! Времето не' гази, а воздухот и понатаму ни ги зема здивот и животот. Немаме време за чекање, болестите и смртта не' демнат и нас и нашите блиски и нашите деца! Доста е! Се здруживме и одлучивме да кажеме НЕ! Ве повикуваме сите што дишете, а не сакате да умрете да ни се приклучите на протест в понеделник, 28 декември, во 17:00 часот пред Владата на Република Македонија.

Протестираме против загадувањето на воздухот! Протестираме за надлежните да преземат итни мерки со кои ќе се заштити нашето здравје! (прочитајте ги барањата и мерките подолу во овој текст)

Излези за воздух!

Со почит,

Граѓански здруженија и иницијативи: - Еко Свест - Фронт 21/42 - Eco Guerilla (Тетово) - За нас се работи (Битола) - Go Green - Lëvizja Nëna dhe fëmija / Движење Мајка и дете (Тетово) - Заслужуваме подобро! - Воздух Сега! - Ние сме Карпош 4 - #ТетовоНаТочак / #TetovaMeBiçikleta - Ајде! - No Pasaran! - Факултет за работи што не се учат - Стоп за фабриката Железара - Ќе дишеме или ќе издишеме - Скопје Смог Аларм - Стоп за загадувањето на Аеродром и Гази Баба - Го сакам ГТЦ - Плоштад Слобода - Профицио - Цивил - Центар за слобода

НЕ СЕ ДИШЕ. ИЗЛЕЗИ ЗА ВОЗДУХ!

Граѓаните на Скопје, Битола, Тетово и другите загадени градови во Македонија се здружија преку дваесетина граѓански иницијативи и организации за да изразат протест и да побараат од надлежните институции, Владата на Република Македонија и општините да преземат итни, краткорочни и среднорочни мерки за спас од загадувањето на воздухот. Граѓаните нема веќе да толерираат неодговорно однесување кон загадувањето кое предизвикува болести и смрт и порачуваат дека веќе не се дише и дека загаденоста на воздухот е на ниво на елементарна непогода. Централен протест преку кој барањата ќе бидат испорачани до институциите е закажан за понеделник, 28 декември, во 17:00 часот пред Владата на Република Македонија. Македонија има најзагаден воздух во Европа - ова го потенцираше Светска банка во извештајот за зелен раст на Македонија. Македонија е на петто место според годишните смртни случаи предизвикани од загаден воздух со честички постини од 10 микрометри (ПМ10). Според извештајот на Светска банка, цврстите честички се одговорни за 1.350 смртни случаи годишно во Македонија. ПМ10 претставуваат мали честички со дијаметар од 10 микрони кои лесно навлегуваат во белите дробови и содржат метали и прашина од индустријата и патиштата, како и честички создадени при согорување. Главни причинители на загадувањето на воздухот во Скопје, Битола, Тетовo и други општини сe сообраќајот, малите и големи индустриски капацитети, градежните зафати и домаќинствата. Здружените иницијативи, организации и граѓани бараат конкретни итни мерки кои надлежните институции (Владата на Република Македонија, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за внатрешни работи, градоначалниците на Град Скопје, Тетово, Битола и други општини, како и Центарот за управување со кризи) треба да ги превземат во оваа алармантна состојба со која се соочуваме. Воедно посочуваме и системски, среднорочни и/или долгорочни решенија кои треба да се преземат со цел намалување на загадувањето на воздухот.

БАРАЊЕ ЗА СПРОВЕДУВАЊЕ ИТНИ МЕРКИ ВО РОК ОД 24 ЧАСА ОД НАДМИНУВАЊЕ НА ДНЕВНИТЕ ГРАНИЧНИ ВРЕДНОСТИ НА ЗАГАДУВАЊЕ

За секторот СООБРАЌАЈ: - Да се изработи план за режим на сообраќај кој ќе се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачки материи и доколку тоа трае подолго од 24 часа. Спроведувањето на Планот треба да подразбира координација помеѓу надлежната општина (Град Скопје, Битола, Тетово и други градови) и МВР. Во овој план, задолжително треба да биде вклучена мерка за намалување на цената на јавниот сообраќај во деновите со алармантно зголемени концентрации на загадувачки материи; - Планот да вклучува забрана за движење на возила со понизок стандард од ЕУРО 4, како и возила на дизел; - Во поширокото централно градско подрачје да не се движат патнички возила, а сообраќајот да се одвива само преку движење на јавниот превоз (автобуси и велосипеди) додека трае алармантната состојба од 24 часа надминување на загадувачките материи;

За секторот ИНДУСТРИЈА: - Привремена забрана за работа на индустријата (со А и Б интегрирани дозволи) и воведување времен прекин во деновите со зголемено загадување како и целосна транспарентност во известувањето до граѓаните за надзорот; - Засилување на инспекцијата и континуиран надзор над индустриските капацитети (подложни на А и Б интегрирана дозвола) како и целосна транспарентност во известувањето до граѓаните за надзорот;

За секторот ГРАДЕЖНИШТВО: - Задолжителна примена за мерките за заштита од емисии на прашина за сите објекти; - Спроведување редовна инспекција од надлежните инспектори како и целосна транспарентност во известувањето до граѓаните за надзорот; - Привремена забрана на градежните зафати кои емитуваат прашина на територија на градот, во денови со зголемено загадување. Системските среднорочни и долгорочни решенија кои се препорачуваат за спроведување од страна на институциите се поделени во неколку релевантни сектори. Како системска мерка во однос на инспекцискиот надзор, предлагаме засилена и зачестена инспекција (вклучително и ноќна инспекција) во индустрискиот сектор, согорувањето на отпадни материи, како и во градежниот сектор. Во однос на сообраќајниот сектор предлагаме мерки за: - Промовирање на одржливи начини на транспорт; - Подобрување на сите методи за јавен превоз во градовите; - Подобрување на контролата на емисиите од сите возила. Тука се вклучени мерки за промовирање на велосипедскиот транспорт и пешачењето, воведување на нови автобуски линии и субвенции за електрични такси возила, како и примена на принципот „загадувачот плаќа“ за возилата кои емитуваат над дозволените вредности. Во однос на урбаното зеленило, среднорочните мерки се однесуваат на: - максимално зачувување на постоечките зелени површини; - стимулирање на посадување на нови зелени површини; - донесување на Закон за заштита и унапредување на зеленилото. Во однос на енергетската ефикасност предлагаме: - да се даде приоритет на мерките за подобрување на енергетската ефикасност, меѓу другото преку воспоставување на Фондот за енергетска ефикасност и овозможување на граѓаните да го користат; - субвенционирање на топлинските пумпи за домаќинствата со цел да се намали трошењето на електрична енергија и огревно дрво за загревање на домовите. Во однос на обновливите извори на енергија, среднорочните и долгорочни мерки треба да бидат во насока на: - овозможување на децентрализирано производство на електрична енергија во домаќинствата (на пример, кровни соларни панели за производство на електрична енергија, покрај веќе субвенционираните панели за топла вода); - стимулирање на вградување на топлински пумпи во домаќинствата секаде каде што е можно; - итно донесување национална определба за елиминирање на фосилните горива до 2050 година.

Еко-свест

повеќе