28.03.2016. - Еко-школа за енергија

Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ од Скопје, организира Еко-школа за млади која ќе се одржи од 20 април до 8 јуни 2016 година, во Дом на градежниците, Скопје.

Школата има цел да ги информира младите заинтересирани за енергетски прашања за влијанието на енергетиката врз животната средина и природата, како и здравјето и благосостојбата на луѓето. Истовремено, школата има цел да ги инспирира младите да размислуваат за одржливото користење и производство на енергија, како и за можностите за промена и подобрување на состојбите во енергетскиот сектор Македонија, особено гледани низ призмата на животната средина.

Школата ќе се состои од 6 предавања, организирани во 6 последователни недели. Првиот воведен час ги опфаќа основите на енергетиката преку општ преглед, поделба и функционирање на електроенергетскиот систем. Темите што ќе бидат опфатени на наредните часови се: необновливи извори на енергија (фосилни горива, термоелектрични централи), хидроенергија, нови обновливи извори, енергетска ефикасност, климатски промени. Предавањата се комбинирани со теренска настава. На часовите ќе предаваат стручни и релевантни предавачи кои работат на соодветната проблематика (доктори на науки, енергетски контролори, претставници од бизнис секторот, активисти за животна средина, истражувачи).

Како дел од Еко-школата, сите учесници ќе имаат задача да пренесат дел од знаењето стекнато во рамки на Еко-школата за енергија на своите колеги и/или пријатели во форма на предавање, дискусија, дебатно кино, проекција на филм, креативна работилница или друга форма, после што ќе се стекнат со сертификат.

Оваа школа е овозможена преку проектот Мрежи на граѓански организации за одржливо искористување на енергетските и природните ресурси во Западен Балкан и Турција - ЕТНАР, финансиски поддржан од Европската Унија.

Место и време: Предавањата ќе се одржуваат во Домот на градежници во Скопје, почнувајќи од 20 април 2016 г. и секоја наредна среда во текот на 6 недели, во периодот од 17:00 до 19:00 часот. Теренските посети ќе бидат договорени во текот на одржувањето на школата.

Рок за аплицирање: Пријавите за аплицирање, кои можат да се најдат на следнава врска (Пријава), треба да се достават најдоцна до 10.04.2016 година на електронската пошта: info@ekosvest.com.mk.

Само избраните кандидати/ки ќе бидат контактирани со понатамошни информации за одржување на школата при што ќе им биде доставена детална програма.





Пријава за download