22.04.2016. - Одбележување на Денот на планетата Земја во ОУ „Гоце Делчев“ во Скопје

На интерактивното предавање учествуваа 32 ученика од Iб и наставничката Соња Илиевска Гоџирова. На децата им беше поделена едукативната сликовница „Приказната за Јагленко“ која е наменета да ги научи децата за врските во екосистемот и за негативните последици од согорувањето на јагленот и фосилните горива. Наспроти тоа, приказната ги посочува позитивните страни од грижата за екосистемот и Планетата и користењето на обновливите извори на енергија, како сонцето и ветерот кои ја зачувуваат нашата животна средина.

На часот, учениците имаа можност да разговараат за животните и растенијата кои ја населуваат нашата планета и покажуваа континенти на глобусот. Исто така, посочуваа и негативни последици од негрижата за нашата Планета и за тоа како треба да се однесуваат кон природата и живиот свет. За крај, децата самите креираа приказна со лепење лепенки во сликовницата сами раскажуваа што гледаат, што е добро и што е лошо на сликата кои сами ја креирале.

Предавањето го одржаа Ана Чоловиќ Лешоска, дипломиран професор по биологија, Извршна директорка на Еко-свест, Весна Илиевска Утевска, филолог, проектен координатор во Еко-свест и Стојан Лешоски, инженер по интернет технологии, проектен координатор во Еко-свест.

Еко-свест