07.11.2011. - Еколошките организации бараат од ЕБОР да не го финансира уништувањето на Национален Парк Маврово

Скопје, 7 ноември- Коалиција од над 30 македонски и меѓународни организации ја повикуваат Европска банка за обнова и развој (ЕБОР) да не го финансира проектот хидроелектрана Бошков Мост. Проектот ќе го уништи националниот парк „Маврово“, кој е најголем во земјата и е идно Натура 2000 подрачје. Во исто време, проектот е наменет да произведува мало количество на енергија, кое ќе се користи за стабилизација на енергетскиот систем.

Проектот Бошков Мост е 70 МW хидроелектрана која се планира да биде изградена во територијата на Националниот парк „Маврово“- предел кој во Македонија е најбогат со биолошка разновидност. Изградбата се планира точно во време кога се оценуваат вредностите на паркот и кога треба да се донесе нов Закон за повторно прогласување на „Маврово“ за национален парк. Инвеститорот А. Д. ЕЛЕМ (Електрани на Македонија) бара од ЕБОР заем за спроведување на проектот без да земе во обзир дека законските процеси кои се поврзани со потврдувањето на статусот на заштитеното подрачје „Маврово“ не се завршени. Воедно, за плановите да се изградат хидроенергетски проекти на територијата на националниот парк а и во Македонија, не постои Стратешка оцена на животната средина, документ кој јасно би ги покажал кумулативните влијанија на овие проекти врз животната средина.
Според еколошките организации кои се противат на проектот, Студијата за оцена на влијание врз животната средина за проектот хидроелектрана Бошков Мост- документ врз кој ЕБОР ги основа своите одлуки- е несоодветна. Студијата не успеа соодветно да ги оцени влијанијата и потенцијалните ризици на проектот врз Балканскиот рис, кој живее во Македонија токму на ова место каде се планира Бошков мост, а е комплетно истребен во соседните земји.
Наспроти тоа, студијата нагласува дека проектот ќе има позитивно влијание врз животната средина бидејќи ќе произведува енергија без да емитува CO2 идека на тој начин ќе се намалат емисиите на CO2. Сепак, велат еколозите, ова е тенденциозен заклучок бидејќи електраната ќе се користи во време на „пикови“ и практично, постојните енергетски капацитети ќе продолжат со истиот интензитет на работа и загадување како и досега.
„Ако инвестира во Бошков Мост, ЕБОР испраќа погрешна порака до Македонија“ вели Ана Чоловиќ Лешоска, координатор за CEE Bankwatch Network. „Таквата одлука буквално и кажува на нашата Влада дека е во ред да не си ги почитуваме ни сопствените закони и постапки. Ние очекуваме од ЕБОР навистина да и помогне на Македонија во нејзиниот пат кон ЕУ и да ја поддржи заштитата на природата и биолошката разновидност, што е и цел на секоја земја членка на ЕУ. ЕБОР би требало да почека со инвестирањето во овој проект додека не се завршат сите процеси околу повторното прогласување на „Маврово“ за национален парк.“


Еко-свест

повеќе