23.01.2017. - После повеќе од 5 години „битка“ ЕБОР ги откажа финансиите наменети за „Бошков Мост“

Изградбата на хидроелектраната "Бошков Мост" беше планирана во еден од најстарите и најбогати, во однос на биолошката разновидност, национални паркови во Европа. Со причина, Маврово е признаено како клучно подрачје за биолошката разновидност и клучно подрачје за зачувување на крупните цицачи во Европа, меѓу кои е и критично загрозениот Балкански рис, чија популација брои помалку од 40 возрасни единки во дивина. Покрај иницијално изнесената загриженост од страна на националните и меѓународните организации за зачувување на природата, во ноември 2011 г. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ги одобри финансиите за „Бошков Мост“. Притоа, постапката за Оценка на влијанието врз животната средина (ОВЖС) сѐ уште не беше официјално завршена.

Веднаш по одобрувањето на кредитот за „Бошков Мост“, поднесовме жалба до Механизмот за жалби воспоставен од страна на ЕБОР. Во 2013 г. ЕБОР ја усвои жалбата за „Бошков Мост" и оцени дека Банката не ги следела своите еколошки процедури во процесот на одобрување на проектот. - објаснува Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест.

Правни неправилности и пропусти се забележани дури и со националната дозвола за одобрување на проектот и постапката за ОВЖС. Во 2015 година одлука донесена од Управниот суд на Македонија потврди дека Министерството за животна средина доделило лиценца за одобрување на проектот во 2012 година, врз основа на несоодветна и нецелосна оценка на влијание врз животната средина, а со тоа ги прекршило постоечките национални закони за животната средина. Во меѓувреме, Светската банка сѐ уште размислуваше за поддршка на проектот "Луково Поле", изјави Александра Бујароска од Фронт 21/42.

Во почетокот на 2013 година, еколошките организации поднесоа претставка до Секретаријатот на Бернската конвенција, тврдејќи дека ако Владата на Република Македонија продолжи со плановите за имплементација на хидроенергетските проекти во НП Маврово, ќе ги прекрши принципите на оваа меѓународна конвенција. Во 2015 година, Постојаниот комитет на Бернската конвенција препорача да се „замрзнат“ сите владини хидроенергетски проекти на територијата на НП Маврово, се додека претходно не се направи Стратегиска оценка на влијанието врз животната средина (СОЖС) која ќе го процени кумулативното влијание на сите планирани инфраструктурни проекти во Паркот. "Сега кога и Постојаниот Комитет на Бернската конвенција инсистира на спроведување на СОВЖС постапка, се надеваме дека реалните закани по однос на природноста на Паркот ќе бидат конечно изложени. Овде не станува збор само за „Маврово“ и неговите природни вредности – ако планирање и реализација на големи инфраструктурни проекти е дозволиво во национални паркови, тогаш што останува за подрачја со пониска категорија на заштита, или подрачја кои немаат статус на заштита а поседуваат исклучителни природни вредности? Заштитата на природата во Македонија треба да се сфати многу посериозно отколку што е случај во моментов, вели Методија Велевски од Македонско еколошко друштво. Во моментов, Владата на Република Македонија ја суспендира имплементацијата на проекти финансирани од меѓународни финансиски институции (вклучувајќи го и проектот „Бошков Мост“). Сепак, имплементацијата на проектите финансирани од страна на приватни инвеститори продолжува. Две хидроелектрани се веќе изградени и две се во изградба. Постапката за изградба на уште четири хидроелектрани е во тек, концесиите се издадени, а елаборатите за влијанието врз животната средина се одобрени, што значи дека изградбата може да започне во секое време. Во студиите недостасува детален опис на состојбата на живеалиштата и видовите како и преглед на нивната ранливост. Сите 4 хидроенергетски проекти на територија на НП Маврово, чија имплементација е отпочната во 2016, се предмет на жалби на национално ниво.

Сепак, Владата на Република Македонија, смета дека планирање и имплементација на хидроенергетски проекти на територија на национален парк е остварливо и оправдано како клучно за хидроенергетскиот развој во земјата. Ваквиот став укажува дека неопходно е итно ревидирање на плановите за хидроенергетскиот развој на национално ниво и нивно усогласување со документите изработени во прилог на дефинирање на разновидноста, конзервациското значење и валоризација на природните вредности во Македонија.

Повеќе информации:

Александра Бујароска
Front 21/42
aleksandra.bujaroska@front.org.mk
+38978433713

Ана Чоловиќ Лешоска
Eko-svest
ana@ekosvest.com.mk
+38972726104



Еко-свест

Повеќе