2.02.2017. - Отворено писмо до општина Охрид

Почитуван г-дин Бакрачески,

Со цел изнаоѓање на заедничко решение, а во насока на оддржлив развој во општина Охрид и без предизвикување штети на скапоцениот биодиверзитет во вашата општина, би сакале преку ова отворено писмо да Ве поканиме на работна средба.

Изминатата година Еко-свест оствари соработка со граѓански иницијативи и домашни и странски експерти во насока на изнаоѓање решенија кои би понудиле оддржлив развој на Охрид.

Како резултат на овие соработки беше организирана научната конференција “Скапоценостите на Македонија” на која беше утврдена огромната важност на биодиверзитетот во НП Галичица и Охридско Езеро и од страна на домашните и странски експерти едногласно беше донесен заклучок дека поголеми инфраструктурни проекти во овие предели ќе имаат погубно влијание врз Галичица и езерото.

Утврдувајќи ја сепак потребата од подобрување на транспортот околу Охридско Езеро, од страна на проф. Д-р Стефан Бужаровски од Универзитетот во Манчестер беше изработено Смарт Охрид, решение кое нуди оддржлив транспорт во Националниот парк.

“Се наметнува потребата да се најде решение, кое ќе ги задржи туристите на територијата на националниот парк, ќе биде корисно за локалното население и ќе претставува модел за еколошка оддржливост кој ќе може да се примени на други места во Македонија и пошироко.”– образложи професорот Бужаровски во своето излагање.

Како дополнување на решението за оддржлив развој на Охрид, а во консултација со претставници на локалните месни заедници, туристички агенции и водичи од Охрид беа изработени мапи за еко авантури во националните паркови Галичица и Маврово кои нудат активности за туризам преку целата година без нарушување на исклучителните природни вредности во овие национални паркови.

Ви се обраќаме со надеж дека ќе бидете отворен за соработка и дека ќе ја прифатите нашата искрена покана за средба во насока на изнаоѓање решенија за развој на овој регион од исклучително природно и туристичко значење кои ќе бидат прифатливи и исплатливи за сите засегнати.

Со почит,
Центар за истражување и информирање за животната средина Еко свест

Еко-свест