РЕЗИМЕ

За исклучително негативното влијание на аерозагадувањето врз здравјето на луѓето во РСМ особено во поголемите градови има валидна и јавно достапна статистика од која всушност и произлегува итната потреба од донесување и спроведување на соодветни политики, програми и планови со конкретни мерки и активности. Со цел да придонесе кон давање одговор на овој суштински предизвик, Еко-свест во периодот септември – ноември 2019 г. со финансиска поддршка на Министерството за животна средина го спроведе проектот  „Стратегија за долгорочно справување со аерозагадувањето“. Во рамките на овој проект од страна на домашни експерти беше подготвен предлог КОНЦЕПТ за водење на стратешки процес за намалување на аерозагадувањето.

Во подготовка на овој концепт тргнавме од премисата дека тековната политика и пристап за намалување на аерозагадувањето може да резултира со мерливи позитивни ефекти само ако се постигне широк КОНСЕНЗУС помеѓу сите чинители за една кредибилна стратешка рамка за водење ПРОЦЕС особено по однос на мобилизацијата на доволно финансиски и човечки ресурси и обезбедувањето заеднички, инклузивен и интегриран пристап. Направената анализа на постоечката состојба недвосмислено укажува дека успехот во борбата против аерозагадувањето е условен од ограничувањата поврзани со ресурсите кои се на располагање. Од таа причина во концептот констатираме дека нема да можеме позначајно да го намалиме аерозагадувањето доколку не ги намалиме СТРАТЕШКИТЕ ОГРАНИЧУВАЊА поврзани со начините и ресурсите.

Концептот констатира дека најголема причина за алармантните состојби со аерозагадувањето е ИНВЕСТИЦИСКИОТ ЗАОСТАТОК во директното адресирање на изворите на аерозагадување. За негово надминување концептот нуди три сценарија како комбинации на начини и ресурси. Притоа напоменуваме дека во услови на непостоење на прецизни проценки на неопходните инвестиции а во очекување износот на истите поблиску да се пресмета во новиот 5 – годишен Национален План за заштита на амбиентниот воздух (најрано во 2021 година преку ЕУ/ИПА проект), во моментов најблиска проценка на износ на инвестициски циклус фокусиран примарно на доведување на ПМ 10 и 2.5 цврстите честички во со закон утврдените граници би бил еквивалент на износот од приближно 300 мил. евра (3,2 % од остварениот БДП во 2018 година намален за инвестициите во соодветни мерки за периодот 2016 – 2019 г) како проценета штета врз здравјето на населението и поврзани трошоци во здравствениот систем, загубени животи а со тоа и загубени економски можности. Притоа, како сектори кои претставуваат инвестициски приоритет ги издвојуваме: јавниот превоз, проширувањето на постоечките мрежи и изградба на нови мрежи за централно греење, секундарната и терцијарна гасификација, енергетската ефикасност (започнувајќи од јавните објекти) како и продолжување со добро таргетирани и оправдани субвенции.

Концептот предлага мобилизирање и реализација на 300 мил. евра во период до 2028 г. како најреално сценарио. Ова сценарио подразбира:

  • Да се мобилизираат и инвестираат приближно 40 мил. евра годишно (удвоен износ по однос на базна 2020 г.) во првите 4 години и по 35 мил. евра во последните четири години;
  • Минимум една третина од овие средства да бидат заеми (околу 100 мил. евра) а максимум две третини инвестиции од буџетите на државата, Град Скопје и општините и грантови од донатори (пред сé преку ИПА и Инвестициска рамка за Западен Балкан – Western Balkans Investment Framework, Зелениот фонд за клима и билатерална поддршка);
  • Итно да се спроведат меѓу-секторски преговори (интерсекторска Работна Група, Подгрупа за животна средина при СЕП, Економски совет на Владата на РСМ и Влада на РСМ) кои треба да резултираат со ревидирање на Програмата за економски реформи (во консултација со Европската Комисија) и Фискалната Стратегија каде треба да се предвиди зголемен плафон за задолжување за МЖСПП и МЕ и евентуално МТВ за вкупно 50 мил. евра (нешто под 0.5% од БДП) за оваа намена за периодот до 2024 г. со претпоставка дека ќе биде остварен позначаен раст на БДП а со тоа и релаксирање на просторот за понатамошно задолжување за оваа намена (дополнителни 50 мил. евра). Бараниот промени по однос на плафоните за задолжување не се толку драматични како во сценарио со мобилизарање на овие ресурси до 2024 г., и претпоставка е дека полесно ќе се дојде до меѓуресорски КОНСЕНЗУС;
  • Сценариото сепак е со помал степен на прифатливост од страна на јавноста и вон-институционалните актери во споредба со сценариото овие средства да се мобилизираат и реализираат до 2024 г., но претпоставка е дека би станало прифатливо сценарио доколку е проследено со соодветно ниво на транспарентност и инклузивност бидејќи обезбедува сериозен одговор преку мобилизација на доволно ресурси и решавање на проблемот на среден рок;
  • Ова сценарио е и НАЈРЕАЛНО да се спроведе земајќи предвид дека со постоечкиот капацитет на институциите за подготовка на Инвестициски план со сета претходна документација започнувајќи со студии на економска оправданост како основа за понатамошна подготовка на изведбена техничка и финансиска документација, ќе им бидат потребни минимум две години. Тие две години подготовки ќе можат паралелно да бидат искористени за мобилизирање на квалитетни човечки ресурси и воспоставување цврсти облици на организација и ефикасна координација;
  • Ова сценарио ќе овозможи во период од најмногу две години да се подготви јавноста и да се спроведе на доследен начин инклузивен процес на измени и дополнувања на нормативната рамка со цел воведување на фискални инструменти со кои ќе се зголемат изворните приходи на општините за заштита на животната средина вклучувајќи спроведување на поефикасни мерки за намалување на аерозагадувањето.

Предуслов за спроведување на ова сценарио е да се подготват добро аргументирани и соодветно образложени инвестициски планови проследени со специфични проектни пакети и техничка и финансиска документација засновани на детални студии на економска оправданост кои е пожелно да се подготвуваат со финансиски средства и под директен надзор односно контрола на квалитет од страна на донаторите и меѓународните финансиски организации.

Share This