Македонија во моментов има многу амбициозни политики за клима и енергија, но успешното спроведување на овие политики кои се носат на централно ниво ќе зависи од навременото и соодветно превземање на активности и мерки на локално ниво. Општините зафатени со овие процеси треба да бидат главните носители на процесите на праведна транзиција во земјата.

Климатските промени се најголемиот предизвик за носителите на одлуки денес. Нивните последици веќе ги трпат заедниците во светот, особено во земјите во развој како нашата кои немаат финансиски средства да се справат со штетите и загубите. Земјите од Западен Балкан, од кои повеќето сè уште се зависни од јаглен и лигнит, сепак ја потпишаа Софиската декларација и се заложија да станат клима неутрални до 2050 година.

Сакаме да ги потсетиме носителите на одлуки во државава дека најавеното продолжување со работа на ТЕЦ Осломеј е спротивно на заложбите кои ги превземаа токму со Софиската декларација и Зелениот договор за земјите од Западен Балкан како и со националните стратешките документи а се коси и со високите климатски цели поставени во ревидираниот национален придонес кон UNFCCC. Било каква добивка која ќе ја имаме како резултат на продажбата на електричната енергија добиена од јаглен граѓаните кои живеат во близина на термоелектраните ја плаќаат со своето здравје, здравјето на своите деца и скусени години од својот живот. Потребата од стабилност и безбедност на енергетскиот систем во ниеден случај не го оправдува работењето на термоелектраните без соодветни мерки за заштита на животната средина.

Разбираме дека набавката која се случува сега е интервентна, меѓутоа тоа значи и дека во ниеден случај не смее да се дозволи ова да стане пракса на сметка на забрзаното воведувањето на новите обновливи извори на енергија во системот за да се задоволат потребите.

Со цел да го поттикнеме и поддржиме процесот на праведна транзиција во С. Македонија ги повикуваме кандидатите за градоначалници на локалните избори 2021 за регионите во кои се врши експлоатација на јаглен како и сите региони со отворени рудници и регионите на чија територија има индустриски капацитети со високи емисии на стакленички гасови да се обврзат дека ќе ги почитуваат основните принципи на праведната транзиција преку потпишување на крајот на овој документ и да ни го вратат потпишан на [email protected].

Share This

Share this post with your friends!