Еколошки жешки точки

Индустриските контаминирани локации (ИКЛ) или како што ние ги нарекуваме Еколошки жешки точки настанале со депонирање на руднички отпад, отпад од металуршки процеси, пепел и шљака од согорување на јаглен во термоелектраните, како и талози и тиња од петрохемиски процеси. Откако индустриските процеси биле прекинати во периодот на приватизација/транзиција, депониите биле напуштени, додека емисиите на тешки метали, или органски соединенија во почвата, површинските, подземните води и воздухот продолжиле, во отсуство на мониторинг и соодветни мерки за заштита.

Во прилог мапата која еко свест ја изработи за поставување на фотоволтаици и ветерници на деградирани подрачја :
едно од решенијата за жешките точки

ОХИС (Скопје)

 

Додека чекаме да се исчисти ОХИС, прашината секојдневно ги труе скопјани. Иако работела солидно во време кога не се знаеше за последиците, но зад тоа производство стои сериозна еколошка цена која ја плаќаат граѓаните.

Што се крие во околината на комбинатот? Децениската работа на ОХИС остави зад себе огромни депонии на отпад. Ова не е обичен отпад – тоа е висококанцерогена супстанца линдан која е постојан извор на опасност за најгусто населениот град.

Зошто е ризично за здравјето?

    • Состав на отпад: Депонијата содржи десетици илјади тони токсичен материјал, односно висококанцероген линдан.
    • Загадување на почва и вода: Студиите спроведени во оваа област, укажуваат на голема контаминација на почвата и подземните води со овие многу токсични хемиски супстанци. Утврдено е исто така, дека овој простор е контаминиран и со жива од поранешниот процес на електролиза што се користел за производство на хлор со помош на живини електроди

Ниво на опасност: Оваа еколошка бомба бара итно забрзување на процесот на чистење. Малата депонија се чисти, но големата депонија сè уште претставува сериозен извор на загадување на животната средина и здравјето на граѓаните.

ТОПИЛНИЦА (Велес)

 

Годината 2003-та ќе остане запаметена како симбол на граѓанскиот отпор, кога велешани го затворија најголемиот загадувач – Топилницата. Иако оџаците не чадат веќе 20 години, зад тоа производство стои сериозна еколошка цена која граѓаните сè уште ја плаќаат.

Што се крие во околината на комбинатот? Иако фабриката е затворена, таму сè уште стои „црната планина“ од троска. Ова не е обичен отпад – тоа е тивок убиец кој е постојан извор на опасност за Велес и околината.

Зошто е ризично за здравјето?

    • Состав на отпад: Троската е полна со тешки метали како цинк, олово и кадмиум. Испитувањата потврдија високи концентрации на овие метали дури и во храната произведена во Велес.
    • Загадување на почва и воздух: Ветерот ја разнесува прашината директно во воздухот и почвата кои се користат за земјоделство. Отровите навлегуваат и во водите на Вардар.
    • Здравствени последици: Тешките метали се таложат во организмот, предизвикуваат оштетувања на нервниот систем и го зголемуваат ризикот од канцерогени заболувања.

Ниво на опасност: Доколку веднаш не се елиминира или привремено не се покрие депонијата, канцерогената прашина ќе остане сериозен извор на загадување и континуирана опасност по животот на населението.

РУДНИК БУЧИМ (Радовиш)

 

Рудникот „Бучим“ во Радовиш е активен уште од 1979 година како важна индустриска гранка. Иако има економска важност, зад екстракцијата на бакар стои огромно влијание врз природата и сериозна еколошка цена.

Што се крие во околината на рудникот? Процесот создава околу 4 милиони тони флотациски отпад (јаловина) секоја година, кој се депонира во јаловиште изградено директно на речно корито. Комплексот зафаќа простор колку 1.000 фудбалски игралишта и е постојан ризик.

Зошто е ризично за здравјето?

    • Загадување на вода: Постои постојана опасност од истекување и загадување на подземните и површинските води, особено на Тополничка Река.
    • Загадување на воздух: Прашината од сувите делови на огромното јаловиште може многу лесно да се рашири низ околината при силен ветер.
    • Ризик од катастрофи: Стабилноста на браните на јаловиштата бара постојан и најстрог надзор за да се спречат хаварии.

Ниво на опасност: Отворените копови и депонираната јаловина претставуваат сериозен извор на загадување. Безбедното управување со отпадот мора да биде приоритет бидејќи здравјето е поважно од економската корист.

РУДНИК ЛОЈАНЕ (Липково)

 

Во липковскиот регион, во близина на границата, се наоѓа една од најзаборавените еколошки точки – рудникот Лојане. Иако е затворен со децении, зад неговата работа стои еколошка катастрофа која се случува во тишина.

Што се крие во околината на рудникот? Илјадници тони канцероген отпад стојат на отворено, до самиот двор на локалното училиште. Ова е тивок убиец кој е постојан извор на опасност за жителите и децата.

Зошто е ризично за здравјето?

    • Состав на отпад: Отпадот има исклучително висока концентрација на опасните и токсични елементи арсен и антимон.
    • Загадување на почва и вода: Дождовите ги измиваат токсините во почвата и во локалните реки, овозможувајќи им директен влез во ланецот на исхрана.
    • Директна изложеност: При секој ветер, прашината полна со арсен се разнесува низ воздухот кој децата го дишат додека си играат.

Ниво на опасност: Овој отпад претставува директна закана за здравјето на локалното население и претставува сериозен извор на загадување кој бара итна рекултивација или целосна дислокација на јаловината на безбедна локација.

РУДНИК САСА

 

Рудникот Саса е познат како најголемиот активен подземен рудник во државата. Но, кај граѓаните на Источна Македонија неговото име буди сеќавања на индустрија чиј долг го плаќа природата.

Што се крие во околината на рудникот? Децениската работа создава огромни јаловишта кои се како „темпирани бомби“. Во 2003 година пукна една од браните, при што огромно количество опасен руднички отпад се изли низ долината.

Зошто е ризично за здравјето?

    • Токсичен бран: Истекувањето на јаловината претставува огромен ризик од излевање на токсичен бран со голема брзина низ реката Каменица.
    • Загадување на водата: При хаваријата, сиот отпад заврши во езерото Калиманци, загадувајќи ги водата и седиментот со тешки метали, што има трајни последици.
    • Потреба од надзор: Јаловиштата мора да се одржуваат според највисоки светски стандарди, инаку секој дефект повторно ќе ги затруе реките.

Ниво на опасност: Небрежноста при одржувањето на јаловиштата претставува сериозен извор на загадување на животната средина и константна опасност од нова еколошка катастрофа која не смее да се дозволи за сметка на профитот.

ЈУГОХРОМ (Јегуновце)

 

„Југохром“ во Јегуновце некогаш беше важен дел од индустријата, но денес зад себе остава сериозна еколошка цена. Тој претставува една од најопасните депонии во државата.

Што се крие во околината на комбинатот? Децениското работење на фабриката создаде огромна депонија која стои на отворено. Ова е постојан извор на опасност кој директно го загрозува изворот Рашче – главниот извор на вода за пиење за целата скопска котлина.

Зошто е ризично за здравјето?

    • Состав на отпад: Во депонијата со децении се таложи шестовалентен хром, кој е исклучително токсична и канцерогена материја.
    • Загадување на подземните води: Најголемиот страв е продирањето на овие отрови директно во подземните води. 6 валентниот хром е лесно разградлив во вода, и при секој нареден дожд се подлабоко продира во подземните води.
    • Нецелосна заштита: И покрај системот за прочистување на отпадните води, депонијата сè уште е постојан ризик за екосистемот на реката Вардар.

Ниво на опасност: Депонијата е со површина од 87.523 m2 и е лоцирана на границата помеѓу првата и втората заштитна зона на изворот Рашче и претставува ризик од загадување на водата за пиење во Скопје. Присуството на шестовалентен хром претставува сериозен извор на загадување и директна закана за водата за пиење на стотици илјади граѓани, поради што чистењето мора да биде приоритет.

Решение: Градежниот институт „Македонија“ изработува студија за изводливост за санација на депонијата за згура „Силмак“. Таа ќе содржи релевантни податоци за потребните средства за различни варијанти на решавање на овој проблем.

Бараме итно превземање мерки од страна на Министерството за животна средина и сите надлежни за да се отпочне со чистење на оваа депонија. Заштитата на водите е заштита на животот. Оваа „жешка точка“ мора да биде приоритет!

РУДНИК ТОРАНИЦА (Крива Паланка)

 

Кривопаланечкиот регион се соочува со тивка еколошка катастрофа која доаѓа од рудникот за олово и цинк „Тораница“. Она што се случува таму не е само индустрија – зад тоа стои директна закана за здравјето на граѓаните.

Што се крие во околината на рудникот? Работењето на рудникот создава јаловиште (депонија со отпад) кое нема апсолутно никакви еколошки заштитни мерки, покривка или третман на отпадните води.

Зошто е ризично за здравјето?

    • Состав на отпад и вода: Истражувањата покажуваат екстремно високи концентрации: кадмиумот е 5 пати повисок од нормалата, а нивото на олово во речниот седимент е 8 пати над вообичаеното.
    • Загадување на вода и почва: Отпадната вода од флотацијата се излива директно во Крива Река. Овој отров патува 35 км низводно, навлегува во почвата, и преку наводнувањето во храната.
    • Загадување на воздух: Бидејќи јаловиштето нема покривка, секој ветер ја разнесува прашината полна со метали врз почвата и во белите дробови.

Ниво на опасност: Отсуството на заштита кај јаловиштето претставува сериозен извор на контаминација, што ја труе животната средина, ги прави земјоделските производи небезбедни и предизвикува прерани болести.

РУДНИК ЗЛЕТОВО (Пробиштип)

 

Рудникот „Злетово“ е еден од најстарите во државата, лоциран во градот на рударите Пробиштип. Иако има долгогодишна историја, зад него стои еколошки товар кој тежи над 30 милиони тони отпад кој ја притиска природата.

Што се крие во околината на рудникот? На само 7 километри од градот се наоѓаат огромни депонии со флотациски отпад кои се меѓу најголемите во државата. Иако дел од нив се стари и неактивни, тие се постојан извор на опасност.

Зошто е ризично за здравјето?

    • Состав на отпад: Испитувањата на водите покажаа присуство на опасен коктел од отрови: олово, цинк, кадмиум, арсен, манган и бакар.
    • Загадување на почва и вода: Јаловиштата се извор на контаминирана исцедна вода која продира длабоко во земјата и завршува во реките. Тешките метали стигнуваат и до земјоделските производи.
    • Загадување на воздух: Честички од старите јаловишта повеќекратно повеќе се дистрибуираат во воздухот во Пробиштип во споредба со државниот просек.

Ниво на опасност: Овие стари флотациски депонии се наполнети со тешки метали и претставуваат сериозен извор на загадување на животната средина, поради што е неопходна итна санација и рекултивација на просторот.

РЕК БИТОЛА (Новаци)

 

РЕК Битола е столбот на нашиот енергетски систем уште од 1978 година. Но, додека светилките во нашите домови горат, зад производството на струја стои сериозна еколошка цена и невидлива закана која ја плаќа Пелагонија.

Што се крие во околината на комбинатот? Секоја година во котлите согоруваат помеѓу 6 и 10 милиони тони лигнит. Овој непрекинат процес создава огромни депонии на пепел и згура кои се постојан извор на опасност.

Зошто е ризично за здравјето?

    • Состав на отпад: Пепелта што се создава не е обична прашина; таа содржи висока концентрација на тешки метали.
    • Радиоактивност: Пепелта и згурата од согорениот јаглен имаат зголемена радиоактивност, што е страшен факт кој не смее да се игнорира.
    • Директно вдишување: Целото население во Битола и околината секојдневно ја вдишува оваа радиоактивна пепел, што резултира со енормно висок број на тешки заболувања.

Ниво на опасност: Депонираната пепел има зголемена содржина на тешки метали и радиоактивност и претставува сериозен извор на загадување и огромна здравствена криза за околното население.

ФЕНИ (Кавадарци)

 

Металуршкиот комбинат за фероникел ФЕНИ е активен од 1982 година и претставува еден од најголемите индустриски капацитети. Но, зад неговата клучна улога во економијата стои сериозна еколошка цена во срцето на македонското земјоделство.

Што се крие во околината на комбинатот? Систематските испитувања покажуваат дека децениската работа остава траги во воздухот и почвата во вид на талози од прашина богата со метали. Ова претставува постојан извор на опасност за Тиквешијата.

Зошто е ризично за здравјето?

    • Загадување на воздух: Воздухот е загаден со индустриска прашина која содржи високи концентрации на никел и хром, чие долгорочно вдишување предизвикува респираторни проблеми.
    • Загадување на почва: Прашината не останува во воздухот; таа паѓа и со децении се таложи врз површинскиот слој на плодната почва.
    • Ланец на исхрана: Кога тешките метали ќе се наталожат во земјата, постои реален ризик тие да завршат директно во земјоделските производи по кои е познат овој регион.

Ниво на опасност: Индустриската прашина со никел и хром претставува сериозен извор на загадување кој ја загрозува безбедноста на храната и здравјето на граѓаните, барајќи строги контроли и филтри.

ЖЕЛЕЗАРНИЦА – МАКСТИЛ (Скопје)

 

Локацијата на поранешна „Железарница“ во Скопје е активна индустриска зона. Иако влијанието врз здравјето од самото производство денес се смета за ниско до умерено, зад начинот на кој се чува отпадот се крие еколошки предизвик.

Што се крие во околината на комбинатот? Дел од депонијата на троска е покриен, но отворените површини и начинот на чување на филтерската прашина претставуваат извор на опасност кој е на само еден чекор од решението.

Зошто е ризично за здравјето?

    • Несоодветно складирање: Опасниот материјал се чува во големи „џамбо“ вреќи кои често се искинати и оштетени, па прашината се излева директно на плацот.
    • Состав на отпад: Главните фактори кои негативно влијаат на околината тука се честичките од манган и прашината од производството на челик.
    • Загадување на почва и воздух: При силен ветер оваа прашина лесно се разнесува во воздухот, а при дожд се измива и продира во почвата и подземните води.

Ниво на опасност: Иако ризикот е помал во споредба со други локации, расфрланиот отпад претставува континуирано загадување кое мора итно да се елиминира со негово правилно складирање или отстранување.

ХИВ (Велес)

 

Во близина на велешкото село Згрополци се наоѓа поранешната фабрика за вештачки ѓубрива ХИВ. Иако машините се изгаснати повеќе од 20 години, зад нејзината историска работа стои огромен еколошки проблем кој сè уште ги загрозува граѓаните.

Што се крие во околината на фабриката? Децениското производство создаде „планина“ од дури 1,5 милиони тони гипс (фосфогипс). Овој индустриски отпад е распослан на огромна површина и претставува опасен сосед за околните села.

Зошто е ризично за здравјето?

    • Радиоактивност: Фосфогипсот не е обичен гипс, туку индустриски отпад за кој е утврдено дека има зголемена радиоактивност.
    • Состав на отпад: Оваа огромна депонија содржи и тешки метали кои лесно можат да се измијат од врнежите.
    • Загадување на вода и почва: Поради локацијата, постои сериозен ризик овие опасни материи да навлезат во почвата и директно во водите на реката Вардар.

Ниво на опасност: Радиоактивниот фосфогипс претставува сериозен извор на загадување на животната средина, но преку соодветно рециклирање овој отпад може да се претвори во безбеден и корисен материјал.

РЕК Осломеј

 

Термоелектраната Осломеј во кичевскиот регион е втор по големина енергетски капацитет во државата. Од 1980 година, овој комбинат произведуваше околу 10% од домашната струја, но зад тоа производство стои сериозна еколошка цена која ја плаќаат граѓаните.

Што се крие во околината на комбинатот? Децениската работа на термоелектраната создаде огромни депонии на пепел од согорувањето на јагленот. Ова не е обичен отпад – тоа е постојан извор на опасност за Кичево и околните села.

Зошто е ризично за здравјето?

    • Состав на отпад: Пепелта содржи висока концентрација на опасни метали кои преку дождовите продираат во почвата и во подземните води. Kадмиумот, оловото и цинкот во испитуваните почви укажува на нивно антропогено зголемување кое е резултат на работата на рудникот и термоелектричната централа .
    • Радиоактивност: Истражувањата потврдуваат зголемена радиоактивност во депонираната пепел, што претставува сериозен долгорочен ризик за здравјето на населението.
    • Загадување на почва и воздух: При најмал ветер, оваа ситна прашина се разнесува низ целиот регион, завршувајќи директно во белите дробови на граѓаните.

Ниво на опасност: Оваа пепел има зголемена содржина на тешки метали и зголемена радиоактивност и претставува сериозен извор на загадување на животната средина и на околното население.