Портфолио на стратешките соработки на Еко-свест во доменот на културата
Нашата визија се темели на воспоставување директна и долгорочна соработка со националните културни институции, независните културни центри, индивидуалните уметници, фестивалите и останатите културни и образовни организации кои ги препознаваме како клучни носители на новиот наратив за природата.
Ние не веруваме во „наменско“ пренесување на еколошки пораки преку комуникациски модели позајмени од огласувачката индустрија. Напротив, цврсто стоиме на ставот дека само преку непречен и слободен уметнички израз можат да се пренесат вистинските, длабоки пораки. Промената се случува тогаш кога уметниците, низ сопствениот творечки процес и личен сензибилитет ќе ја раскажат приказната. На тој начин, уметноста не е алатка за огласување, туку автентичен двигател на свеста и траен носител на општествената трансформација.
Визуелни уметности и музејски изложби
- Изложба „Горчлив шеќер“на Ѓорѓе Јовановиќ – Музејот на современа уметност Скопје (2024): Изложбата вклучува просторни инсталации и анимација базирана на расказот „Важно е да се памети“ од авторот Хана Корнети (од збирката „Каде леташ, Јулија?“) продуцирани во соработка со Еко-свест.
- Изложба „Приказни од маргините“ на Ѓорѓе Јовановиќ – Музејот на Град Скопје (2025): Изложбата вклучува интерактивна инсталација и илустрација на расказот „Одрон“ на авторот Стефан Алијевиќ продуцирани во соработка со Еко-свест.
- Изложба „Животи обликувани од вода“ – КИЦ Скопје (2023): Изложба на седум фотографи од регионот: Кирил Јазбец (Словенија), Сеат Шашиваревиќ (БиХ), Јелена Медиќ (БиХ), Филип Лафазановски (Македонија), Марина Келава (Хрватска), и Милован Илиќ (Србија).
- Изложба „Каде текла реката, пак ќе тече“ – КСП Јадро, Скопје (2023): Поставена во продукција на Еко-свест и КСП Јадро. Содржи фото и видео есеи на визуелните уметници Ивана Самандова, Филип Лафазановски и Влатко Деков.
- Изложба „Слободни реки за слободни деца“ – КСП Јадро (2022): Мултимедијална изложба на „Партизанска штампа“ во продукција на Еко-свест по повод Светскиот ден на водите. Вклучува настап на инклузивниот хор на Колектив Ветерница и Трисомија 21 Скопје.
- Регионална арт-колонија „Животи обликувани од вода“ (2024–2026): Еко-свест е коорганизатор на оваа регионална иницијатива која ги истражува врските меѓу човекот и реката.
- 2024: Колонија на Истра (Хрватска) со завршна изложба во Археолошкиот музеј во Загреб (2025).
- 2025: Колонија на Борачко Езеро (Босна и Херцеговина) со завршна изложба во Сараево (2026).
Фестивали и соработки
- Flipbook Film Festival (2023–2006): Поддршка на годишното издание на фестивалот и доделување награда за анимиран филм со еколошка порака.
- СТРИП ТРИП Фестивал (2024-2026): Поддршка на работата на годишното издание на фестивалот.
- Анимирано музичко видео „Еден ден“ на Хана Корнети и Ѓорѓе Јовановиќ – Flipbook Film Festival (2025): Продуцирано во соработка со Еко-свест, емитувано во официјална селекција на музички видеа.
- Документарен филм „Крапска река“- МакеДокс (MakeDox) (2022): снимен во рамки на програмата „Докуникулци“ во копродукција на МакеДокс и Еко-свест, емитуван во програмата на Студентски филмови.
- „Флудо – Духот на водата“ – Младински културен центар (2022): Претстава на сенки поставена на програма на фестивалот за театар на сенки „Сонот на облачето“ во продукција на театарот Сенки и облаци во соработка со Еко-свест, по текст на Д.А. Лори.
- Drim Short Film Festival (2025): Ревијална програма и јавна дискусија на тема „Иднината на нашите води“.
- Документарен филм „Хармонија меѓу човекот и природата“ (2025): копродукција на Шут анд Шајн Продукција и Еко-свест.
Креативен активизам и издаваштво
- Здружение „Макстрипови“ – Стрип серијал „Тим ЕКО“ (2021–2026): Соработка со Здравко Гиров и Давор Драмиќанин за првиот македонски еколошки стрип.
- Издавачка куќа „Чудна шума“ (2026): Воспоставување на едицијата „Еко шума“ и објавување на сликовницата „Каде оди реката?“ по текст на Хана Корнети и илустрации на Марија Трајановска.
- „Партизанска штампа“ (2023-2026): Издавање на едиција боенки во сито-печат и артбук едиција во сито печат.
- „Партизанска штампа“ (2021-2026): Поддршка на годишна програма за креативни работилници (сито печат, монотипија, колаж, цртеж) и изложби во училиштата во Македонија.
- „Flipbook продукција“ (2022–2026): Поддршка на годишна програма за работилници за стоп-анимација во уметничкото училиште „Лазар Личеноски“. Креираните кратки анимации се прикажуваат на Flipbook Film Festival.
- Театар на сенки „Сенки и облаци“: (2022-2026): Поддршка на годишна програма за работилници за театар на сенки и перформативни вештини и претстави во училиштата во Македонија.
- „Зрно“ фестивал (2026): Поддршка на годишна програма за работилници за цијанотипија и изложби во училиштата во Македонија.
Интерактивни алатки
- „Создади (Build)“- web базирана видео игра (2026): Развиена од Еко-свест во соработка со драматургот Ивана Нелковска, ликовниот уметник Александра Софрониеска и програмерот Андреј Коларов . „Создади“ е наменета да ги обучува локалните заедници како да развијат одржливи бизниси преку екосистемски услуги и одржливо користење на природните ресурси.
Промовирана „Каде оди реката?“ (2026)
Сликовницата „Каде оди реката?“ од Хана Корнети и илустрации на Марија Трајаноска, е издание на „Чудна шума“ во соработка со Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, Скопје. Содржините во изданието се инспирирани од нивната работа во областа на заштитата на реките и се темелат на резултатите од истражувањата за притисоците врз реките и речните екосистеми.
Креативни работилници за цијанотипија за едукација на младите (2025)
Изработените цијанотипски фотографии претставуваат автентичен визуелен запис на Демир Капија, виден низ перспективата на децата, и ќе бидат користени за промоција на локалните природни и културни вредности пред пошироката јавност.
„Приказни од маргините“ – изложба на истакнатиот македонски уметник Ѓорѓе Јовановиќ (2025)
Изложбата Приказни од маргините“ на истакнатиот македонски уметник Ѓорѓе Јовановиќ, поставена во Музејот на Град Скопје комбинираше визуелна уметност, интерактивни инсталации и илустрирани раскази базирани на седум кратки приказни од писатели од Македонија и регионот. Овие приказни истражуваат секојдневни реалности на маргинализирани луѓе и заедници, допирајќи теми како социјална, економска, политичка и културна невидливост, вклучително и еколошки предизвици. Приказната „Одрон“ чиј автор е Стефан Алијевиќ беше директно инспирирана од работата на Еко-Свест со локалните заедници кои се спротивставуваат на изградба на мали хидроцентрали на нивните реки. Изложбата ги повика посетителите да размислуваат за прашања на нееднаквоста, несигурноста, еколошките влијанија на современиот начин на живот и колективната одговорност.
„Водата зборува гласно“ – креативен активизам за едукација на младите (2025)
На 2 и 3 декември 2025 година, дваесет ученици од ОУ „ Александар Здравковски “ во Јегуновце на работилница за креативен активизам водена од театарот „Сенки и облаци“ ја создадоа и самите ја изведоа театарската претстава со сенки „Водата зборува гласно“. Претставата ја инспирираше заедницата да размислува и делува одговорно за водата како природен ресурс, а наставниците и родителите го препознаа креативниот активизам како оригинален и ефикасен пристап во едукацијата на младите.
„Водата зборува гласно“ – креативен активизам за едукација на младите (2025)
На 29 и 30 октомври 2025 година во Демир Капија, театарот „Сенки и облаци“ одржа креативна работилница во ОУ „Димче Ангелов Габерот“, која ги спои уметноста, едукацијата и еколошката свест. Во креативен процес беа директно вклучени дваесет ученици кои ја создадоа и самите ја изведоа театарската претстава со сенки „Водата зборува гласно“. Со оваа претстава, учениците како носители на промена, ја инспирираа својата заедница да размислува и делува одговорно кон природата. Наставниците и родителите со восхит ја следеа претставата, препознавајќи ја вредноста на креативниот активизам како ефикасен пристап во едукацијата на младите.
Погледнете повеќе на линкот.
Кога уметноста ја брани природата – Еко-свест награда на Flipbook Film Festival (2025)
Оваа година, селекцијата донесе изненадувачки голем број остварувања кои тематски се допираат до горливите прашања на животната средина.
При доделување на наградите се зборуваше за актуелните предизвици во заштитата на реките во земјава, со посебен фокус на тековниот проблем со реката Дошница. Беше нагласена итната потреба од донесување нова и функционална регулатива за заштита на природата, како и неопходноста од поголемо активно вклучување на јавноста во поддршка на овие процеси.
Погледнете повеќе на линкот.
Еко-свест на Дрим Шорт фестивалот (2025)
Во рамки на програмата на Drim Short Film Festival, Eko-svest реализира низа активности посветени на еколошката свест, заштитата на природата и улогата на филмот како медиум за општествена промена. Еден од централните настани беше јавната дискусија на тема „Иднината на нашите води и живиот свет што ги населува“, која се одржа во пријатната атмосфера во Europe House Struga
Хармонија помеѓу човекот и природата – Споменик на природа Вевчански извори (2025)
Документарен филм насловен како „Хармонија меѓу луѓето и природата – Споменик на природата Вевчански извори“, продуциран како дел од проектот „Поддршка за одржливо управување со Споменикот на природата Вевчански извори“, имплементиран од Еко-свест.
Целта на овој филм е да се подигне јавната свест за вредноста на заштитените подрачја и многуте придобивки што тие ги носат за локалните заедници. Преку привлечни визуелни елементи и лични приказни, филмот ја нагласува блиската врска меѓу луѓето и природата и ја истакнува важноста на зачувувањето на таквите подрачја за идните генерации.
Документарецот пренесува неколку локални изјави чии приказни внесуваат автентичност и емоционална длабочина, вклучувајќи ги:
- Академик Владо Матески, научник и експерт за природно наследство
- Васил Радиноски, првиот градоначалник на Вевчани
- Томе Алулоски, 90-годишен овчар кој целиот свој живот го поминал во планините
- Тошо Чочороски, локален туристички и културен промотор
- Тихомир Мурѓески, доживотен собирач на печурки и ентузијаст за природа.
МУЗЕЈ НА СОВРЕМЕНА УМЕТНОСТ – Изложба Горчлив Шеќер (2024)
Горчлив шеќер е мултимедијална изложба на Ѓорѓе Јовановиќ, на која преку просторни инсталации и анимирани куклени видеа обработува социјални, еколошки и политички теми. Преку хумор, сатира и поетика, делото ги поврзува локалните приказни со глобалните предизвици, вклучувајќи текстови од современи македонски автори. Изложбата е продуцирана во соработка со Еко-свест и ги преиспитува односите меѓу човекот, технологијата и природата, повикувајќи на свесност и акција во заштитата на животната средина.
ФЛИПБУК ФЕСТИВАЛ НА АНИМИРАН ФИЛМ – Краток анимиран филм и Награда за филм со еколошка порака (2024)
На петтото издание на Флипбук Филм Фестивал Еко-свест трета година по ред ја доделува наградата за најдобар филм со еколошка порака. Оваа награда има за цел да ги награди филмовите кои на креативен начин ја истакнуваат важноста на заштитата на животната средина. Наградата беше доделена на филмот Чекање на Вокер Шлехт. Овој филм ја истражува темата на еколошката свест и важноста на одржливото живеење, при што користи иновативни визуелни техники за да ја пренесе својата порака. Наградата беше доделена на свеченото затворање, каде присуствуваа бројни филмски професионалци, активисти и љубители на филмот. Ова признание ја потврдува посветеноста на Еко-свест во промовирањето на еколошката свест преку уметноста и културата.
КУЛТУРНО ИНФОРМАТИВЕН ЦЕНТАР СКОПЈЕ – Изложба Животи обликувани од вода (2023)
Изложбата Lives Shaped by Water е продуцирана во рамки на регионалната иницијатива Заедно за реките и ги истражува длабоките и повеќеслојни врски меѓу човекот и реката, прикажувајќи како реките го обликуваат животот, традициите и екосистемите. Преку своите фотографии, седум реномирани фотографи од Балканот доловија моменти на хармонија и конфликти – од традиционални риболовни сцени до индустриски влијанија и еколошки закани. Изложбата нагласи како реките се извори на живот и инспирација, но и како се соочуваат со предизвици како загадување и климатски промени. Со оваа визуелна нарација, посетителите беа поттикнати да размислат за својата врска со водата и неопходноста од заштита на речните екосистеми.
КУЛТУРЕН ЦЕНТАР ЈАДРО – Изложба Каде текла реката, пак ќе тече (2023)
Каде текла реката, пак ќе тече е изложба на фото и видео есеи на македонските визуелни уметници Ивана Самандова, Филип Лафазановски и Влатко Деков. Изложбата е продуцирана од Еко-свест, а се фокусира на негативните влијанија од изградбата на малите хидроцентрали врз животната средина. Преку теренски посети во различни региони, авторите ги истражуваа последиците од овие инфраструктурни зафати врз локалните реки, шумски екосистеми и заедници што зависат од нив. Истражувајќи ја длабоката поврзаност меѓу реките и културното наследство, нивните дела ја нагласуваат контрастната слика помеѓу некогашниот однос на почит и сегашниот девастирачки пристап кон реките. Преку оваа изложба, тие упатуваат повик за преиспитување на современите практики и враќање кон етичките вредности што ја третираат реката како животворен елемент, а не како ресурс за експлоатација.
МЛАДИНСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТРАР – Краток анимиран филм и Награда за филм со еколошка порака на Флипбук фестивалот за анимиран филм (2023)
Еко-свест во соработка со Флипбук воспостави годишна програма за одржување работилници за анимација со еколошка тематика во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“. Кратките анимирани филмови креирани на работилниците редовно се презентираат на Флипбук фестивалот, каде учениците имаат можност да ги покажат своите креации пред пошироката јавност. Оваа соработка не само што ги охрабрува младите да се изразат преку уметност, туку и ги образува во важноста на еколошката свест и активизам преку визуелната уметност. Соработката создаде платформа за младите таленти да се поврзат со актуелни еколошки проблеми и да ги изразат своите идеи и решенија преку анимација.
КУЛТУРЕН ЦЕНТАР ЈАДРО – Изложба Слободни деца за слободни реки (2022)
Слободни реки за слободни деца е мултимедијална изложба организирана по повод Светскиот ден на водите. Изложбата вклучуваше проекција на документарниот филм Заробени реки и концерт на инклузивниот хор на Колектив Ветерница и Трисомија 21 Скопје. Креативниот колектив Ветерница, со поддршка од Еко-свест, започна инклузивна истражувачка експедиција со фокус на реките, создавајќи го ликот „Флуви“ – заштитник на слободните реки. „Флуви“ е полу човек-полу риба, раскажувач за реките, протагонист кој ги образува најмладите за важноста на реките и неопходноста од зачувување на речните екосистеми.
ПРЕТСТАВАТА „ ФЛУДО – ДУХОТ НА ВОДАТА“ НА ДЕТСКИОТ ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ НА СЕНКИ „СОНОТ НА ОБЛАЧЕТО“ (2022)
На репертоарот на деветтото издание на меѓународниот детски театарски фестивал на сенки Сонот на облачето беше поставена театарската претстава Флудо – Духот на водата. Претставата е во продукција на театарот Сенки и облаци во соработка со Еко-свест и има за цел е да ја подигне свеста кај најмладата поблика за штетните ефекти врз биодиверзитетот предизвикани од инфраструктурни проекти на реките во заштитените подрачја. Претставата е приказна за духот на реката Флудо и неговите пријатели од подводниот свет, заробени од изградбата на мала хидроцентрала. Приказната е раскажана преку интересна техника со употреба на течности, боја и масло на платно. Текстот е на реномираната детска писателка Д.А. Лори.