Хероите на Еко-свест

“Coming together is a beginning. Keeping together is progress. Working together is success.” – Henry Ford

Ана Чоловиќ Лешоска

Ана Чоловиќ Лешоска

Извршен Директор

Ана Чоловиќ Лешоска е дипломиран биолог на Природно-математичкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа, исто така, има студирано преговори во еколошкото право и моментално е запишана на постдипломски студии за екологија. Нејзиното искуство во областа на биологијата, како и широкиот спектар на обуки за меѓународно законодавство и преговори, меѓународни финансии и проценка на влијанието врз животната средина, ја обезбедија нејзината континуирана работа на транспонирање на Директивите на ЕУ во националното законодавство во областа на заштитата на животната средина. За време на нејзиниот 20-годишен професионален ангажман во секторот, таа има организирано и спроведено повеќе од 40 различни обуки за широк спектар на засегнати страни, а го има дадено својот придонес и на повеќе од 60 публикации во форма на студии, практични водичи, алатки, правни анализи итн. Нејзиното искуство во проектен и организациски менаџмент е резултат на комбинираниот национален и меѓународен ангажман во Eко-свест, WWF и CEE Bankwatch Network, каде што има раководено проекти со над 20 партнери и буџет од над 3 милиони евра. Ана станува меѓународно призната во 2019 година со освојувањето на престижната еколошка награда Голдман како една од 200-те активисти за животната средина кои ја имаат добиено оваа „зелена Нобелова награда“.

Оснoвач на Еко-свест.

[email protected]

Ana_Colovic_Lesoska – Wikipedia.org

Андрееа Миноска

Андрееа Миноска

Раководител со финансии

Андрееа Миноска е финансиски експерт со речиси 20-годишно искуство во банкарскиот сектор во Македонија и Романија. Таа моментално ја извршува функцијата Раководител со финансии во Еко-свест, каде што е одговорна за финансиското здравје на организацијата, стратешкото буџетирање и усогласеноста со регулативите. Нејзината улога вклучува водење на процесите за подготовка на финансиски политики, управување со девизно и денарско работење, како и координација на сложени проектни буџети со цел да се обезбеди одржлив развој на организацијата.

Обемното искуство на Андрееа во ПроКредит Банка и овозможи длабока експертиза во финансиската анализа, управувањето со ризици и развојот на портфолио. Таа е специјализирана за трансформирање на финансиските податоци во стратешки насоки, управувајќи со портфолија на микро и мали претпријатија и дизајнирање на внатрешни кредитни процеси. Во Еко-свест, таа ја користи оваа аналитичка прецизност за синхронизација на проектните трошоци со барањата на донаторите, обезбедувајќи клучна поддршка при финансиското известување, ревизиите и постапките за набавки.

Со завршени постдипломски студии по Финансиски менаџмент и основа во Јавната администрација, Андрееа комбинира техничка финансиска стручност со силни лидерски и комуникациски вештини. Таа течно говори романски и англиски јазик, со напредно познавање на македонскиот јазик, што и овозможува ефикасно да ја води официјалната комуникација со меѓународни донатори и со различни проектни тимови.

andreea@ekosvest.com.mk

Елена Николовска

Елена Николовска

Раководител на програма Клима

Правник со долгогодишно искуство како еколошки новинар. Во Еко-свест е од 2017 година и ја координира комуникацијата на активностите и достигнувањата на организацијата. Работи и како проектен координатор во рамки на програмата за енергетика и клима.

[email protected]

Ѓорѓи Митревски

Ѓорѓи Митревски

Раководител на програма Води

Ѓорѓи Митревски има повеќе од 20 години искуство во истражување, стратегиски комуникации и јавно застапување. Во моментов работи како координатор на Програмата за води во Еко-свест, каде што ги води националните иницијативи за заштита на реките, нивна еколошка обнова и унапредување на одржливото управување со водните ресурси во Македонија.

Тој координира и реализира кампањи за јавно застапување и подигање на свеста за негативните влијанија од хидроенергетскиот развој, деградацијата на реките и слабостите во системот на еколошко управување. Неговата работа ги поврзува политичкото и правното застапување — во согласност со Рамковната директива за води на Европската Унија и Бернската конвенција — со иновативни пристапи за комуникација со јавноста, преку медиумски кампањи, културни и уметнички соработки, јавни настани и иницијативи за граѓанска наука.

Со академска и професионална основа во општествени истражувања и стратешки комуникации (магистер по стратегиско комуникацирање), Ѓорѓи е специјализиран за преведување на сложените еколошки прашања во јасни и убедливи јавни наративи, кои ги мобилизираат граѓаните, го поддржуваат креирањето политики засновани на докази и придонесуваат кон јакнење на општествената одговорност за животната средина.

[email protected]

Стојан Лешоски

Стојан Лешоски

Раководител на програма за активно граѓанство

Повеќе од 25 години работно искуство. По професија Инженер по компјутерски науки, во завршна фаза на магистерски студии по сајбер безбедност и дигитална форензика. Стојан е еден од основачите на Еко-свест, а од 2012 година и активен во организацијата преку работа на повеќе проекти. Се грижи за функционирањето на организацијата и информатичкиот систем во истата. Работи на електронско вмрежување на граѓанскиот сектор и комуникација со институции, на прогласување и управување со „Заштитеното подрачје Споменик на природата Вевчански извори“, координатор за грантови и ИТ поддршка, раководител на програма за активно граѓанство и одговорен за канцеларијата на Еко-свест во Вевчани.

[email protected]

Дарко Ќитаноски

Дарко Ќитаноски

Раководител на програма за природа

Дарко е магистер по економски науки (финансиски менаџмент) кој живее во Вевчани, каде што од 2022 година е вработен во локалната подружница на „Еко-свест“.
Од 2025 година ја извршува функцијата Раководител на програма за природа, каде што неговиот фокус е ставен на заштитата на биодиверзитетот, со посебен акцент на заштитата на крупните месојади и унапредување на регионалната соработка.
Во својата работа, тој активно вклучува различни целни групи, а особено е посветен на младите. Преку континуирана поддршка, тој ги охрабрува да развиваат сопствени идеи и иницијативи, со што придонесува кон создавање нова генерација застапници за животната средина.
Дарко е активен член на Светската комисија за заштитени подрачја (WCPA) и Комисијата за едукација и комуникација (CEC) при IUCN, како и на Специјалистичка група за прекугранична заштита и работните групи за граѓанска наука и едукација базирана на природа.

[email protected]

Жарко Конески

Жарко Конески

Проектен координатор

Жарко е искусен проект менаџер и професионален тренер и фасилитатор со над 20 години активно искуство во управување со проекти и стратешко планирање. Дизајнирал и раководел со различни проекти насочени кон граѓански организации, национални и локални власти и деловниот сектор. Тој се приклучува на тимот на Еко-свест од Британскиот совет каде го водеше портфолиото за уметност, општество и управување за Македонија и го координираше регионалниот процес за мониторинг и евалуација за програмите од областа на уметноста.

Осум години работел како раководител за обука и комуникации за програма за развој на граѓанското општество на УСАИД насочена кон реформите на граѓанскиот сектор во Македонија. Потоа, во 2005 година се приклучил на Британскиот совет да води програми за учење и вмрежување во Центарот за знаење и учење во следните шест и пол години. Во исто време раководел со програми за учење на далечина за Глобалната развојна мрежа за учење на Светска банка во регионот на Европа и Централна Азија.

Жарко координирал бројни настани за меѓународни организации и модерирал донаторски и средби на високо ниво. Тој се фокусира на стратешко планирање, управување со проекти и употреба на новите технологии за развојни цели.

zarko@ekosvest.com.mk

Марко Гучески

Марко Гучески

Правник за животна средина

Марко Гучески е дипломиран правник, магистер по право на животна средина (Queen Mary University of London) и меѓународно право и меѓународни односи (Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје) со повеќе годишно работно искуство во невладиниот и приватниот сектор. Неговата експертиза се однесува на меѓународното право на животна средина, како и домашното законодавство во оваа област. Негов посебен интерес во работењето во Еко-свест е заштита на водите.

[email protected]

Милијана Богданоска

Милијана Богданоска

Правник за животна средина

Магистриран правник со искуство од областа на превенција од негативи влијанија и заштита на животната средина и природата од правен аспект. Преку Erasmus+ програмата дел од студиите ги поминува на Правниот факултет во Сплит, Хрватска. Преку програмата European solidarity corps стекнува едногодишно искуство на работа со европско законодавстсво од областа на животната средина и природата во Република Хрватска. Шест години е дел од невладин сектор со искуство во модерирање на настани, организирање обуки и конференции и работа со млади.

[email protected]

Елена Тодоровска

Елена Тодоровска

Сектор финансии

Дипломиран економист и Магистер по деловно право, долгогодишно искуство во банкарскиот сектор во делот на развој на човечки ресурси. На тимот на Еко-свест му се придружува во 2024 година.

[email protected]

Искра Манојлоска

Искра Манојлоска

Kоординaтор за односи со јавност

Искра Манојлоска е магистер по уставно право и дипломиран политолог при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Таа има повеќе од една деценија искуство со јавната сфера, најпрвин во новинарството, а потоа и координирање на комуникации со јавноста и дигитален маркетинг. Во Еко-свест ја координира комуникацијата со јавноста, преку стратегии кои спојуваат аналитичко размислување и креативен пристап. Нејзиното формално образование во областа на политичките науки и уставното право, ѝ овозможува да го анализира општествениот контекст со длабоко разбирање и критичка перспектива. Верува во моќта на правилното информирање на јавноста за предизвикување на позитивни промени во општеството.

[email protected]