Анализа на можностите за инсталирање на фотоволтаични електрани на домовите во Битолскиот регион (2022)

Анализа на можностите за инсталирање на фотоволтаични електрани на домовите во Битолскиот регион (2022)

Автор: Еко-свест во соработка со Драган Миновски

Опис: Еден од најголемите предизвици со кои се соочува светот денес е зголемената  потрошувачка на електрична енергија на глобално ниво, загадувањето на животната средина од согорувањето на фосилните горива (јаглен, нафта, природен гас итн.) за производство на електрична енергија, како и обезбедување на бараните потреби на електрична енергија од чисти, обновливи извори на енергија. Климатските промени се поизразени од кога и да било досега. Со согорувањето на фосилните горива се ослободуваат штетни материи во воздухот, што директно влијаат на глобалното затоплување. Затоа денешните трендови во производството на електрична енергија главниот акцент го насочуваат на обновливите извори на енергија чие искористување значително ќе ги намали ефектите од климатските промени.

Во моментот фотоволтаичните извори на енергија се најприфатливите извори, како во однос на цените, така и во однос на брзината и можноста за имплементација. Република Северна Македонија се наоѓа на многу добра географска локација, каде што сончевото зрачење е големо и погодно за инсталирање на фотоволтаични електрани и е една од земјите со најголемо сончево зрачење во Европа.

Со оглед на тоа што Битолскиот регион, како еден од регионите со јаглен во нашата земја, во наредниот период ќе биде изложен на доста големи промени поттикнати од енергетската транзиција и транзицијата на регионите со јаглен, во овој документ ќе бидат анализирани можностите за инсталирање на фотоволтаични електрани на домовите во овој регион.