Еко трампа „На ти го, дај ми го“

Настанот ЕКО ТРАМПА „На ти го дај ми го“ е првенствено место за размена на енергии, насмевки и создавање пријателства. Еко трампата им овозможува на граѓаните да разменат предмети кои веќе не ги користат за оние што им се потребни. Секоја ситница која повеќе не ви е потребна, сега може да добие нова намена и втор живот благодарение на ЕКО ТРАМПА „На ти го дај ми го“.

Правила за учество на Еко – трампата Секој учесник може да донесе максимум до пет сочувани предмети, кои се чисти и функционални како:

    • облека
    • книги
    • обувки
    • украси
    • накит
    • играчки
    • модни додатоци

Со донесување на одреден број предмети добивате соодветен број купони со кои може да ја остварите замената односно да ги замените со веќе изложените парчиња во просторијата.

1 предмет = 1 купон

Еден купон е еквивалентен на еден предмет. На крајот на размената, искористените купони ги враќате на лицето одговорно за купони.

Ги повикуваме граѓаните да се приклучат на овој настан за заедно да им дадеме нова шанса на старите предмети, истовремено придонесувајќи за заштита на животната средина и создавање подобра иднина за сите нас.

Големи електрични уреди не се прифаќаат на Еко трампата и организаторот има право на одбивање предмети кои не ги исполнуваат условите за учество на настанот.

На 14.02.2026 одржана втората Еко-трампа

Втората Еко-трампа организирана од страна на центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“ ја обележа енергијата која наликуваше на големите вообичаени распродажби во продавниците, но со многу поблагороден ефект врз планетата. Околу 150 учесници донесоа свои сочувани предмети за размена и си најдоа други кои им привлекоа најмногу внимание.

Овој пат не посетија голем број на дечиња кои со нетрпение чекаа да ги разменат нивните играчките со предмеите на други нивни врсници. Втората Еко-трампа дефинитивно ќе ја паметиме и по солзите кај најмалите кои не можеа веднаш да дојдат до правиот избор на предмет па седеа до крајот на настанот чекајќи да се појави „вистинската“ играчка или сликовница за нив.

Се разменија широк спектар на предмети почнувајќи од парчиња облека, до книги, накит и по некој мал кујнски апарат.

Благодарност до нашите волонтери од Еко волонтерскиот клуб при „Еко-свест“ кои ја преземаа целата организација на настанот и успешно се справија со сите предизвици и големиот број на посетители.

Преку „Еко трампата“, Еко-свест продолжува да ја промовира филозофијата на „повторна употреба и рециклирање“. Оваа иницијатива ја намалува потребата за ново производство, го намалува отпечатокот врз животната средина и ја поттикнува солидарноста во заедницата преку едноставниот чин на споделување.

Успешно одржана првата Еко трампа во Скопје 22.11.2025

Стотина граѓани викендов ја посетија првата Еко трампа организирана од Еко-свест во Скопје и повеќе од стотина користени предмети и парчиња облека добија нови сопственици.
Многу јакни, капути, фустани, ранчиња можеа да се најдат на Еко трампата, а меѓу предметите кои ги донесоа учесниците имаше и голем број книги, накит, реквизити за домашни миленичиња и многу други нешта кои можеби е невозможно да се најдат во продавниците низ Македонија.

Не радува големата посетеност на настанот. Бројноста ни ги надмина очекувањата. Во воздухот се чувствуваше позитивната возбуда кај секој од учесниците кои имаа донесено предмети за размената, а речиси и да немаше некој кој не успеа да си најде и избере нешто за себе од донесените работи.
Вистински успех е тоа како настанот е прифатен од граѓаните и затоа најавуваме нова Еко трампа која ќе се одржи набрзо.

Упатуваме благодарност до волонтерите од „Еколошка заедница Орце“ при СУГС „Орце Николов“, кои се млади луѓе кои ги живеат постулатите позади Еко трампата. Намалувањето на конзумеризмот, одржливиот начин на живеење и поттикнување еко акции се нивната пасија. Организирањето на Еко-трампата за нив не беше ново, затоа што имаат искуство на ист настан во Сплит, Хрватска на проект организиран од страна на Милијана Богданоска од Еко-свест.

Овој настан е инспириран од слични практики ширум светот, кои ја промовираат културата на повторна употреба и одржлив животен стил. Со „На ти го, дај ми го“, Еко-свест има за цел да ја внесе оваа  позитивна навика и во македонското секојдневие.