Еко-свест Вевчани

Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест денес во Вевчани отвори своја локална канцеларија, а беше потпишан и Договор за проектот „Поддршка на одржливо управување на Заштитеното подрачје „Вевчански извори“, со PONT (Prespa Ohrid Nature Trust) кој ќе се спроведува до август 2025 година.

Целта на овој проект е да се обезбеди поддршка за одржливо управување со заштитеното подрачје Споменикот на природата “Вевчански Извори”. Со спроведувањето на овој проект ќе се изврши ефективно следење на клучните видови во Споменикот на природата „Вевчански извори“, поставување на едукативни табли и патокази, воспоставување на еко-патрола, едукација за биолошката разновидност, како и привлекување на повеќе посетители во подрачјето.

Нашата цел

Неопходно е да се воспостави ефикасен механизам за заштита на природата, екосистемите, дивите видови и нивните живеалишта, меѓудругото и со застапување на најдобрите практики и политики за заштита на природата и обновување на природните екосистеми. Еко-свест во својот предлог Патоказ за заштита на природата ја истакнува потребата од синергија на заштитата на природата со политиките во релевантните сектори (шумарство, земјоделие, водостопанство, ловство, енергетика, еколошки туризам и локален развој) каде што ќе се предлагаат можности за економски развој што не се во конфликт со природата и нејзината заштита.

Еко-свест ќе ја јакне еколошката свест кај граѓаните преку документарни приказни за значењето на заштитените подрачја, како природата придонесува кон квалитетна животна средина и ги ублажува ефектите од климатските промени со цел да поттикне активен придонес на граѓаните кон заштитата на екосистемите и биодиверзитетот.

Нашите активности

Преку своето делување Еко-свест ќе придонесе кон остварување на целта со своите активности:

  1. Соработка со институциите за примена на меѓународните обврски за заштита на биолошката и пределската разновидност. Поддршка на МЖСПП во спроведувањето на законските обврски и процесот на транспонирање на регулативата на ЕУ за заштита на природата. Учество во Националниот совет за заштита на природата, во процесите на креирање на закони, стратешки документи, подзаконски акти, планови за управување со заштитените подрачја, прирачници и документи за јавни политики.
  2. Проширување на мрежата на заштитени подрачја и учество во процесите за прогласување и репрогласување на заштитени подрачја. Подобрување на управувањето со заштитените подрачја и развој на административни и институционални капацитети за следење на состојбите во природата и долгорочно одржливо финансирање на заштитата на природата.
  3. Поддршка на одржливото управување со заштитеното подрачје Споменик на природата „Вевчански извори“ преку локалната канцеларија во Вевчани. Едукација на локалното население за придобивките од заштитеното подрачје и можностите за локален одржлив економски развој на заедницата, како и обезбедување на туристичка инфраструктура (патокази и инфо табли).
  4. Теренски истражувања и анализи за обновување на деградирани екосистеми. Градење на партнерство со локалните организации и едукација на локалните заедници за спроведување на граѓанска наука, научни студии за следење на состојбите во природата, видовите и нивните живеалишта.
  5. Информирање и едукација на јавноста за поврзаноста на биодиверзитетот и здравјето на луѓето, предлагање на активности и прирачници за развивање на вештини за зачувување на природните екосистеми.

Одбележан Меѓународниот ден на шумите

Годинава, Меѓународниот ден на шумите го одбележавме таму каде што започнува секој голем сон – кај најмладите. Нашите заедници во Вевчани и Струга...

Свечено отворање на Трајната поставка за природа за Вевчанските извори (2024)

Еко-свест во соработка со Општина Вевчани денес свечено ја отвори Трајната поставка за природа насловена “Патување низ природните богатства на Вевчански Извори”. Поставката се наоѓа во Мултикултурниот Центар Коста Србакоски во Вевчани и има за цел промоција на природните вредности на заштитеното подрачје Споменик на природа Вевчански Извори и планината Јабланица, преку едукација и подигнување на јавната свест.

Свечено отворање на канцеларија во Вевчани (2022)

Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест денес во Вевчани отвори своја локална канцеларија, а беше потпишан и Договор за проектот „Поддршка на одржливо управување на Заштитеното подрачје „Вевчански извори“, со PONT (Prespa Ohrid Nature Trust) кој ќе се спроведува до август 2025 година. Извршната директорка на Еко-свест – Ана Чоловиќ Лешоска подвлече дека овој проект всушност се надоврзува на низа претходни успешни активности на Еко-свест, кои беа реализирани во соработка со Општина Вевчани и релевантните чинители во Заштитеното подрачје „Вевчански извори“. Еко-свест во 2018 година го поддржа донесувањето на Планот за управување со заштитеното подрачје и помогна на Општината да воспостави систем за негово одржливо управување.