Вмреженост и соработка во Македонија

Коалиција за клима за поамбициозни климатски политики

Како дел од проектот „Да зборуваме за климатските промени“ во 2019 се формираше националната коалиција за клима. Во 2020 членките на коалицијата за клима изработија 10 правилници и правни акти со кои се дефинираше визијата и мисијата како и внатрешната организираност на коалицијата. Истата година се изработи и стратешки план за работа на коалицијата и две годишен акциски план.

Националната коалиција за клима во моментов има 30 членки и останува отворена за нови членови. Нејзината основна цел е да обезбеди активно учество на граѓанскиот сектор во носењето на политиките за клима во земјата и зголемување на амбицијата во климатските цели.

ИПА 2 механизам за граѓански организации

Во 2012 година, по иницијатива на Еко-свест се здружија вкупно 9 организации од граѓанскиот сектор во Македонија и упатија заедничко барање до Вице-премиерот задолжен за европски прашања за учеството на граѓанските организации во процесот на програмирање на Европските (ИПА) фондови во Македонија.

Во 2014 година, Еко-свест организираше годишна конференција на која 93 организации го основаа ИПА 2 механизмот за граѓански организации, кој претставува главна консултативна алатка со државните институции, кога станува збор за програмирањето, мониторингот и имплементација на Европските фондови во Македонија. Оваа бројка набрзо порасна до скоро 250 организации.

Извештајот за напредокот на Македонија кон ЕУ го препозна воспоставувањето на оваа мрежа како светла точка во развојот на граѓанското општество.

Оваа мрежа е организирана во 8 сектори, и тоа: демократија и владеење, владеење на правото и темелни права, животна средина и климатска акција, транспорт/енергетика, конкурентност и иновации, образование, вработување и социјални политики, земјоделие и рурален развој и територијална и регионална соработка.

Коалиција Натура2000

Преку проектот „Заедно за Натура 2000“ кој Еко-свест го спроведуваше со поддршка на Европската комисија, се формираше Коалицијата Натура 2000 од вкупно 15 организации активни на полето за заштитата на природата и животната средина.

Коалицијата „Натура 2000“ е формирана во Скопје на 29 мај 2011 година и функционира како платформа составена од граѓански организации, други релевантни институции и индивидуални стручни лица. Наменета е за соработка и размена на информации, мислења, предлози и ставови, и е предвидено да биде место за развој на соработка во различни активности во согласност со мисијата на коалицијата.

Коалицијата „Натура 2000“ има отворен карактер и кон неа може да се приклучи секое здружение кое ги поддржува мисијата на коалицијата и нејзината работа.

Мисија на коалицијата „Натура 2000“

„Коалицијата “Натура 2000” обединува организации и поединци кои делуваат на полето на заштита на животната средина и биолошката разновидност со цел да се обезбеди воспоставување на еколошката мрежа Натура 2000 во Република Македонија.

Коалицијата се залага за спроведување на правната регулатива и добрите практики за заштита на животната средина и биолошката разновидност при сите инфраструктурни или други загрозувачки активности во Република Македонија. Со тоа коалицијата ќе придонесе кон воспоставување и заштита на Натура 2000 подрачја.“

Екосфера

Екосфера е електронска платформа за комуникација и соработка помеѓу здруженијата на граѓани, институциите, медиумите и сите граѓани на Република Македонија за прашањата поврзани со заштитата на животната средина.

Екосфера е започна во 2014 година, а во 2016 година, на годишната средба на еколошките здруженија беше прифатена како основна алатка за комуникација помеѓу граѓанските здруженија и институциите на државата.

Целта на Екосфера е да овозможи непречена комуникација и соработка помеѓу здруженијата на граѓани и институциите во секторот на заштита на животната средина.

Платформата цели да ги подобри и развие капацитетите на здруженијата на граѓани за активно учество во консултативните процеси, за адекватно разменување на информации, за следење на влијанијата врз животната средина и еколошките трендови на локално ниво, но и поголема транспарентност и отвореност кон пошироката јавност.

Покрај меѓусебната соработка, платформата има цел да ја подобри комуникацијата и соработката со ресорното министерство, институциите на државата, медиумите во целост, експертската јавност но и сите заинтересирани граѓани на Република Македонија.

Вмреженост и соработка во светот

WWF

Од 01.01.2020 година Еко-свест е официјален партнер на WWF Adria. Во текот на следните три години во Македонија ќе се спроведува проектот Заштитени подрачја за природата и луѓето (PA4NP) финансиски поддржан од SIDA.

CEE Bankwatch Network

Мрежа од 15 организации од Централна и источна Европа каде Еко-свест членува од 2005 година. Главниот фокус на оваа мрежа се активностите на меѓународните финансиски институции и спрелување на негативните влијанија од истите по животната средина и луѓето.

Еко-свест успешно соработува со сите членки на оваа мрежа, а претставник од Еко-свест е член на Извршниот одбор на мрежата.

SEE NET

SEE NET е мрежа на граѓански организации од Југоисточен балкан со фокус на енергетика и транспорт. Брои 29 членки од регионот, групирани во повеќе работни групи.

Членките од оваа мрежа заедно го имплементираа проектот ETNAR- Мрежа на граѓански организации за застапување за одржливо користење на енергијата и природните ресурси во Западен Балкан и Турција преку кој Еко-свест спроведуваше активности во Македонија во времетраење од 3 години.

Турнејата на белиот дроб, еко-школата за енергија и едукативните работилници се дел од овој значаен проект.

Еко-свест успешно соработува со сите членки на оваа мрежа, а претставник од Еко-свест е член на Извршниот одбор на мрежата.

EEB

European Environmental Bureau е Европска организација за застапување на промени во политиките во врска со животна средина во ЕУ. Брои Над 140 членки од над 30 европски земји.

Еко-свест стана членка во 2015 година, а од 2016 година има свој претставник до Одборот на оваа мрежа. Членството во оваа мрежа ни овозможува контакт со европските трендови во политиките и контакт со голем број истомисленици од секторот, како и можност за професионална надградба на нашите членови преку посети, состаноци и настани организирани од страна на оваа мрежа.

Еко-свест успешно соработува со сите членки на оваа мрежа, а претставник од Еко-свест е член на Извршниот одбор на мрежата.

Еко-свест членува и во следните мрежи:

  • GENET;
  • Inforse Europe;
  • Kite;
  • WECF (Women in Europe for Common Future);
  • CAN Europe;
  • HEAL (Health and Environment  Alliance).