Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест денес во Вевчани отвори своја локална канцеларија, а беше потпишан и Договор за проектот „Поддршка на одржливо управување на Заштитеното подрачје „Вевчански извори“, со PONT (Prespa Ohrid Nature Trust) кој ќе се спроведува до август 2025 година.

Целта на овој проект е да се обезбеди поддршка за одржливо управување со заштитеното подрачје Споменикот на природата “Вевчански Извори”. Со спроведувањето на овој проект ќе се изврши ефективно следење на клучните видови во Споменикот на природата „Вевчански извори“, поставување на едукативни табли и патокази, воспоставување на еко-патрола, едукација за биолошката разновидност, како и привлекување на повеќе посетители во подрачјето.

Нашата цел

Неопходно е да се воспостави ефикасен механизам за заштита на природата, екосистемите, дивите видови и нивните живеалишта, меѓудругото и со застапување на најдобрите практики и политики за заштита на природата и обновување на природните екосистеми. Еко-свест во својот предлог Патоказ за заштита на природата ја истакнува потребата од синергија на заштитата на природата со политиките во релевантните сектори (шумарство, земјоделие, водостопанство, ловство, енергетика, еколошки туризам и локален развој) каде што ќе се предлагаат можности за економски развој што не се во конфликт со природата и нејзината заштита.

Еко-свест ќе ја јакне еколошката свест кај граѓаните преку документарни приказни за значењето на заштитените подрачја, како природата придонесува кон квалитетна животна средина и ги ублажува ефектите од климатските промени со цел да поттикне активен придонес на граѓаните кон заштитата на екосистемите и биодиверзитетот.

Нашите активности

Преку своето делување Еко-свест ќе придонесе кон остварување на целта со своите активности:

  1. Соработка со институциите за примена на меѓународните обврски за заштита на биолошката и пределската разновидност. Поддршка на МЖСПП во спроведувањето на законските обврски и процесот на транспонирање на регулативата на ЕУ за заштита на природата. Учество во Националниот совет за заштита на природата, во процесите на креирање на закони, стратешки документи, подзаконски акти, планови за управување со заштитените подрачја, прирачници и документи за јавни политики.
  2. Проширување на мрежата на заштитени подрачја и учество во процесите за прогласување и репрогласување на заштитени подрачја. Подобрување на управувањето со заштитените подрачја и развој на административни и институционални капацитети за следење на состојбите во природата и долгорочно одржливо финансирање на заштитата на природата.
  3. Поддршка на одржливото управување со заштитеното подрачје Споменик на природата „Вевчански извори“ преку локалната канцеларија во Вевчани. Едукација на локалното население за придобивките од заштитеното подрачје и можностите за локален одржлив економски развој на заедницата, како и обезбедување на туристичка инфраструктура (патокази и инфо табли).
  4. Теренски истражувања и анализи за обновување на деградирани екосистеми. Градење на партнерство со локалните организации и едукација на локалните заедници за спроведување на граѓанска наука, научни студии за следење на состојбите во природата, видовите и нивните живеалишта.
  5. Информирање и едукација на јавноста за поврзаноста на биодиверзитетот и здравјето на луѓето, предлагање на активности и прирачници за развивање на вештини за зачувување на природните екосистеми.

Придонеси кон науката

Мапирај го биодиверзитетот со iNaturalist мобилната апликација

Како да се подготвите за престој во природа?

Што ви е потребно за да имате пријатен и безбеден престој во природа?

Вода, храна, облека, обувки, лекови, прибор за ориентација и прва помош, се меѓу најважните работи што треба да ги понесете со себе.

За сите учители, наставници, родители и сите оние кои сакаат да поминуваат време во природа, објавуваме кратка брошура која ќе ви го олесни пакувањето и ќе ве подготви за нов престој и истражување во природата.

Брошурата е изработена во рамки на проектот „Заштитените подрачја за природата и луѓето II“ кој го спроведува WWF Adria во партнерство со Еко-свест, а истиот е финансиски поддржан од Шведската агенција за меѓународна соработка- Sida.