Води
Во моментов постои многу ниско ниво на јавната свест за неопходноста од активна заштита на реките. Во последниве десетина години, реките во земјата се нападнати од малите хидроцентрали (МХЕ). МХЕ се градат на високите планински предели, во живописни речни долини и во заштитени продрачја, зад очите на јавноста. МХЕ прават долгорочна штета на речните екосистеми и живеалиштата зависни од нив. Истовремено, локалните заедници кои не се вклучени во процесот на одлучување претрпуваат директни штети со загуба на водата за пиење или наводнување. Широката јавност, во најголем број случаи воопшто не е информирана за состојбите ниту пак за штетните последици.
Во земјата исто така постои нецелосна и нефункционална законска регулатива која ќе обезбедува добра заштита на водите, а доделувањето на концесии за користење на водите многу често се одвива преку недоволно транспарентни практики кои ја исклучуваат јавната партиципација што директно ги загрозува состојбите на водите.
Нашата цел
Нашата цел е правна и практична заштита на речните екосистеми, од нив зависните живеалишта и биодиверзитет како и локалните заедници и промовирање на реките во „оски“ на локален одржлив развој.
За да се постигне целта, потребно е промена на системот на субвенционирање кој во моментов ја фаворизира изградбата на МХЕ. МХЕ не треба да продолжат да се градат, а онаму каде се веќе изградени потребно е строго почитување на оперативите со цел обезбедување на максимална заштита на биодиверзитетот и минимизирање на штетите во екосистемите и врз локалните заедници.
Потребно е воведување забрана на изградбата на МХЕ во заштитените подрачја. Новиот закон за природа кој е во фаза на подготовка треба да ја интегрира оваа забрана. Онаму каде има изградени МХЕ потребно е да се врши редовен мониторинг на состојбите, посебно на еколошкиот проток и состојбите на рибните патеки со цел активна заштита на речните екосистеми. Донесување на новиот закон за заштита на водите и подзаконските акти за донесување на методологијата за утврдување на еколошкиот проток на реките е многу значајно во претстојниот период.
Исто така е неопходно прогласување на нови заштитени подрачја од различна категорија, во кои ќе се овозможи активна заштита на реките, речните екосистеми и екосистемите зависни од вода.
Нашите активности
За остварување на активна заштита на реките Еко-свест ќе се посвети на следниве активности:
– Подигање на јавната свест и обезбедување поддршка од широката јавност, локалните заедници, институциите, културните работници, уметниците, младите и другите релевантни чинители преку продукција на документарни филмови, театарски претстави, изложби, работилници, концерти и уметнички инсталации.
– Информирање за штетните последици од изградбата на МХЕ и застапување за промена на системот за субвенционирање на МХЕ преку изработка на анализи (геоморфологија, правни анализи, економски анализи), извештаи, инфографици, прирачници и документи за јавни политики.
– Градење конструктивни и партнерски односи со релевантните институции (МЖСПП и ДИЖС).
Застапување за имплементирање на препораките од Бернската конвенција за прекин на изградбата на хидроцентрали во заштитени подрачја, одземање на концесиите за МХЕ во Маврово и репрогласувањето на НП Маврово како национален парк.
– Активна поддршка на заштитените подрачја во мониторинг на состојбите на реките преку изработка на методологија за утврдување на еколошкиот проток, обуки на вработените, донации на опрема и воведување граѓанска наука (citizen science) за активно вклучување на граѓаните и локалните заедници во процесот на заштита на реките.
– Изработка на методологија за мапирање на препореките на речните сливови и приоретизирање на препреки за отстранување, со што ќе овозможиме отстранување на препреки и подобрување на конективноста на реките.
– Активна соработка со институциите, локалните заедници и останатите чинители, за прогласување на нови заштитени подрачја од различна категорија, во кои ќе се овозможи активна заштита на реките.
Струга е само почеток – противзаконското работење во заштитeните зони е закана за безбедноста на целата држава!
Алармантната состојба со водоснабдувањето во Струга, каде што водата од водоводната мрежа е прогласена за неисправна дури и како техничка, не е само...
Поведен управен спор – Дошница
Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест Скопје, во јануари (2026 г.) поднесе тужба за управен спор до Управниот суд на...
Креативен активизам за едукација на младите
Минатата недела во Демир Капија заврши серијата едукативно-креативни работилници за цијанотипија, реализирани со учениците од ОУ „Димче Ангелов –...
ЗАЕДНО ЗА РЕКИТЕ
Иницијативата „Заедно за реките“ ja спроведува Еко-свест заедно со Тhe Nature Conservncy, во соработка со Општина Демир Капија и Министерството за животна средина и просторно планирање, за репрогласување на Демиркаписката Клисура за заштитено подрачје. Целта е да се обезбеди активна заштита на дел од долното течение на реката Вардар и нејзините чисти и недопрени притоки.
Целта на регионалната иницијатива е да заштити до 400 километри реки низ Југоисточна Европа
Иницијативата Заедно за реките активно работи на заштита на 13 реки во регионот со цел да се поттикнат нови локални иницијативи за заштита на реките. Преку научно истражување и разбирање на потребите и ставовите на локалните заедници, иницијативата Заедно за реките се обидува да обезбеди рано и транспарентно вклучување на сите засегнати страни со почитување на уникатните природни, социјалните и културните карактеристики на секоја река.
Заштита на реките преку воспоставување на мониторинг и практики за обновување на речните живеалишта во заштитени подрачја
Еко-свест во последната деценија континуирано работи и се залага за заштита на реките од разни штетни влијанија и закани. Проектот „Заштита на реките преку воспоставување на мониторинг и практики за обновување на речните живеалишта во заштитени подрачја“ е во рамки на тематскиот повик за следење и зачување на биодиверзитетот во заштитените подрачја на Prespa Ohrid Nature Trust (PONT).
Синото срце на Европа“ (Save the blue heart of Europe)
Кампањата Синото срце на Европа е сеопфатен проект за запирање на развојот на хидроенергијата во медитеранскиот басен и има за цел да ја промени оваа ситуација
Раскинување на концесиите на малите хидроцентрали во НП Маврово претставува клучен чекор за успешно спроведување на процесот на репрогласување на паркот и заштита на неговите вредности.
Анализата за работењето на малите хидроцентрали
Еко-свест во соработка со Македонското здружение на млади правници, подготви анализа која дава сеопфатен преглед на правото од областа на работата на малите хидроцентрали и неговата примена. Во исто време дава преглед и на најважните меѓународни документи од оваа област што Македонија ги има ратификувано и следствено на тоа се дел од домашното право.
Повторно оживување на реките во Македонија
„Повторно оживување на реките во Македонија“ е прв проект поврзан со реставрација на реките
преку отстранување на каскадите во земјата. Тоа ќе даде можност да се воведе отстранувањето на
браните и каскадите како важен механизам за обновување на реките.
Правна анализа на националното законодавство за укинување на дозволи за експлоатација на водни ресурси при производство на електрична енергија во заштитени подрачја (2023)
Правна анализа за статусот на препреки, брани, и други инфраструктурни градби во сливното подрачје на реката Пчиња (2023)
Промовирана „Каде оди реката?“ (2026)
Сликовницата „Каде оди реката?“ од Хана Корнети и илустрации на Марија Трајаноска, е издание на „Чудна шума“ во соработка со Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, Скопје. Содржините во изданието се инспирирани од нивната работа во областа на заштитата на реките и се темелат на резултатите од истражувањата за притисоците врз реките и речните екосистеми.
За да ги заштитиме реките потребна е колективна одговорност (2026)
Инспирирани од резултатите од истражувањето кое во октомври беше спроведено на територија на целата држава, Еко-свест преку серија кратки видеа објаснува за важноста на реките.
„Боите на планината“ – Младите од Скудриње создаваат преку искреност и заедништво (2026)
На 16 февруари 2026 година, 60 ученици од ОУ „Блаже Конески“ во село Скудриње, Општина Маврово и Ростуше, учествуваа во креативна работилница посветена на богатиот биодиверзитет на Националниот парк Маврово. Под менторство на Билјана Димитрова и Милош Стојановиќ од ЗКУ „Колектив Ветерница – Партизанска штампа“, учениците низ техниките на цртање, боење и колаж ги истражуваа флората, инсектите и дивите животни од својот крај.
Работилницата ги поттикна младите да го истражат значењето на флората и фауната во Националниот парк Маврово преку сопствен, искрен творечки израз. Користејќи ги различните уметнички техники, тие ја преточија својата свесност за природата во визуелни приказни, градејќи подлабока врска со околината во која живеат. Процесот беше заокружен со тимски предизвици кои ја истакнаа моќта на заедничката акција и вредноста на колективното делување. Како траен резултат на овој вложен труд, на следната средба ќе бидат промовирани уникатни боенки, создадени директно од цртежите и идеите на учесниците.
Проектот „Заштита на реките преку мониторинг и обновување на живеалиштата“, кој се спроведува во соработка со Prespa Ohrid Nature Trust (PONT) продолжува активно да ги вклучува локалните заедници во Националните паркови Маврово и Шар Планина. Преку едукативни програми и практични активности, младите се трансформираат во активни чувари на природата, градејќи трајна врска со својата околина.
Остранета најголемата непотребна препрека на река во Македонија (2025)
„Ова е најголемата препрека што е отстранета досега во Македонија, но и во Европа– вели Ана Чоловиќ Лешоска од Еко-свест. „Анкетата на јавно мислење која ја спроведе агенцијата Брима во октомври 2025 година покажува дека 91% од населението поддржува отстранување на непотребни речни бариери. Ова покажува силна свесност за здравјето на реките и за потребата да ги зачуваме. “ – додаде таа.
Креативни работилници за цијанотипија за едукација на младите (2025)
Изработените цијанотипски фотографии претставуваат автентичен визуелен запис на Демир Капија, виден низ перспективата на децата, и ќе бидат користени за промоција на локалните природни и културни вредности пред пошироката јавност.
„Приказни од маргините“ – изложба на истакнатиот македонски уметник Ѓорѓе Јовановиќ (2025)
Изложбата Приказни од маргините“ на истакнатиот македонски уметник Ѓорѓе Јовановиќ, поставена во Музејот на Град Скопје комбинираше визуелна уметност, интерактивни инсталации и илустрирани раскази базирани на седум кратки приказни од писатели од Македонија и регионот. Овие приказни истражуваат секојдневни реалности на маргинализирани луѓе и заедници, допирајќи теми како социјална, економска, политичка и културна невидливост, вклучително и еколошки предизвици. Приказната „Одрон“ чиј автор е Стефан Алијевиќ беше директно инспирирана од работата на Еко-Свест со локалните заедници кои се спротивставуваат на изградба на мали хидроцентрали на нивните реки. Изложбата ги повика посетителите да размислуваат за прашања на нееднаквоста, несигурноста, еколошките влијанија на современиот начин на живот и колективната одговорност.
„Водата зборува гласно“ – креативен активизам за едукација на младите (2025)
На 2 и 3 декември 2025 година, дваесет ученици од ОУ „ Александар Здравковски “ во Јегуновце на работилница за креативен активизам водена од театарот „Сенки и облаци“ ја создадоа и самите ја изведоа театарската претстава со сенки „Водата зборува гласно“. Претставата ја инспирираше заедницата да размислува и делува одговорно за водата како природен ресурс, а наставниците и родителите го препознаа креативниот активизам како оригинален и ефикасен пристап во едукацијата на младите.
„Водата зборува гласно“ – креативен активизам за едукација на младите (2025)
На 29 и 30 октомври 2025 година во Демир Капија, театарот „Сенки и облаци“ одржа креативна работилница во ОУ „Димче Ангелов Габерот“, која ги спои уметноста, едукацијата и еколошката свест. Во креативен процес беа директно вклучени дваесет ученици кои ја создадоа и самите ја изведоа театарската претстава со сенки „Водата зборува гласно“. Со оваа претстава, учениците како носители на промена, ја инспирираа својата заедница да размислува и делува одговорно кон природата. Наставниците и родителите со восхит ја следеа претставата, препознавајќи ја вредноста на креативниот активизам како ефикасен пристап во едукацијата на младите.
Погледнете повеќе на линкот.
Кога уметноста ја брани природата – Еко-свест награда на Flipbook Film Festival (2025)
Оваа година, селекцијата донесе изненадувачки голем број остварувања кои тематски се допираат до горливите прашања на животната средина.
При доделување на наградите се зборуваше за актуелните предизвици во заштитата на реките во земјава, со посебен фокус на тековниот проблем со реката Дошница. Беше нагласена итната потреба од донесување нова и функционална регулатива за заштита на природата, како и неопходноста од поголемо активно вклучување на јавноста во поддршка на овие процеси.
Погледнете повеќе на линкот.
Еко-свест на Дрим Шорт фестивалот (2025)
Во рамки на програмата на Drim Short Film Festival, Eko-svest реализира низа активности посветени на еколошката свест, заштитата на природата и улогата на филмот како медиум за општествена промена. Еден од централните настани беше јавната дискусија на тема „Иднината на нашите води и живиот свет што ги населува“, која се одржа во пријатната атмосфера во Europe House Struga
МУЗЕЈ НА СОВРЕМЕНА УМЕТНОСТ – Изложба Горчлив Шеќер (2024)
Горчлив шеќер е мултимедијална изложба на Ѓорѓе Јовановиќ, на која преку просторни инсталации и анимирани куклени видеа обработува социјални, еколошки и политички теми. Преку хумор, сатира и поетика, делото ги поврзува локалните приказни со глобалните предизвици, вклучувајќи текстови од современи македонски автори. Изложбата е продуцирана во соработка со Еко-свест и ги преиспитува односите меѓу човекот, технологијата и природата, повикувајќи на свесност и акција во заштитата на животната средина.
ФЛИПБУК ФЕСТИВАЛ НА АНИМИРАН ФИЛМ – Краток анимиран филм и Награда за филм со еколошка порака (2024)
На петтото издание на Флипбук Филм Фестивал Еко-свест трета година по ред ја доделува наградата за најдобар филм со еколошка порака. Оваа награда има за цел да ги награди филмовите кои на креативен начин ја истакнуваат важноста на заштитата на животната средина. Наградата беше доделена на филмот Чекање на Вокер Шлехт. Овој филм ја истражува темата на еколошката свест и важноста на одржливото живеење, при што користи иновативни визуелни техники за да ја пренесе својата порака. Наградата беше доделена на свеченото затворање, каде присуствуваа бројни филмски професионалци, активисти и љубители на филмот. Ова признание ја потврдува посветеноста на Еко-свест во промовирањето на еколошката свест преку уметноста и културата.
КУЛТУРНО ИНФОРМАТИВЕН ЦЕНТАР СКОПЈЕ – Изложба Животи обликувани од вода (2023)
Изложбата Lives Shaped by Water е продуцирана во рамки на регионалната иницијатива Заедно за реките и ги истражува длабоките и повеќеслојни врски меѓу човекот и реката, прикажувајќи како реките го обликуваат животот, традициите и екосистемите. Преку своите фотографии, седум реномирани фотографи од Балканот доловија моменти на хармонија и конфликти – од традиционални риболовни сцени до индустриски влијанија и еколошки закани. Изложбата нагласи како реките се извори на живот и инспирација, но и како се соочуваат со предизвици како загадување и климатски промени. Со оваа визуелна нарација, посетителите беа поттикнати да размислат за својата врска со водата и неопходноста од заштита на речните екосистеми.
КУЛТУРЕН ЦЕНТАР ЈАДРО – Изложба Каде текла реката, пак ќе тече (2023)
Каде текла реката, пак ќе тече е изложба на фото и видео есеи на македонските визуелни уметници Ивана Самандова, Филип Лафазановски и Влатко Деков. Изложбата е продуцирана од Еко-свест, а се фокусира на негативните влијанија од изградбата на малите хидроцентрали врз животната средина. Преку теренски посети во различни региони, авторите ги истражуваа последиците од овие инфраструктурни зафати врз локалните реки, шумски екосистеми и заедници што зависат од нив. Истражувајќи ја длабоката поврзаност меѓу реките и културното наследство, нивните дела ја нагласуваат контрастната слика помеѓу некогашниот однос на почит и сегашниот девастирачки пристап кон реките. Преку оваа изложба, тие упатуваат повик за преиспитување на современите практики и враќање кон етичките вредности што ја третираат реката како животворен елемент, а не како ресурс за експлоатација.
МЛАДИНСКИ КУЛТУРЕН ЦЕНТРАР – Краток анимиран филм и Награда за филм со еколошка порака на Флипбук фестивалот за анимиран филм (2023)
Еко-свест во соработка со Флипбук воспостави годишна програма за одржување работилници за анимација со еколошка тематика во средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“. Кратките анимирани филмови креирани на работилниците редовно се презентираат на Флипбук фестивалот, каде учениците имаат можност да ги покажат своите креации пред пошироката јавност. Оваа соработка не само што ги охрабрува младите да се изразат преку уметност, туку и ги образува во важноста на еколошката свест и активизам преку визуелната уметност. Соработката создаде платформа за младите таленти да се поврзат со актуелни еколошки проблеми и да ги изразат своите идеи и решенија преку анимација.
КУЛТУРЕН ЦЕНТАР ЈАДРО – Изложба Слободни деца за слободни реки (2022)
Слободни реки за слободни деца е мултимедијална изложба организирана по повод Светскиот ден на водите. Изложбата вклучуваше проекција на документарниот филм Заробени реки и концерт на инклузивниот хор на Колектив Ветерница и Трисомија 21 Скопје. Креативниот колектив Ветерница, со поддршка од Еко-свест, започна инклузивна истражувачка експедиција со фокус на реките, создавајќи го ликот „Флуви“ – заштитник на слободните реки. „Флуви“ е полу човек-полу риба, раскажувач за реките, протагонист кој ги образува најмладите за важноста на реките и неопходноста од зачувување на речните екосистеми.
ПРЕТСТАВАТА „ ФЛУДО – ДУХОТ НА ВОДАТА“ НА ДЕТСКИОТ ТЕАТАРСКИ ФЕСТИВАЛ НА СЕНКИ „СОНОТ НА ОБЛАЧЕТО“ (2022)
На репертоарот на деветтото издание на меѓународниот детски театарски фестивал на сенки Сонот на облачето беше поставена театарската претстава Флудо – Духот на водата. Претставата е во продукција на театарот Сенки и облаци во соработка со Еко-свест и има за цел е да ја подигне свеста кај најмладата поблика за штетните ефекти врз биодиверзитетот предизвикани од инфраструктурни проекти на реките во заштитените подрачја. Претставата е приказна за духот на реката Флудо и неговите пријатели од подводниот свет, заробени од изградбата на мала хидроцентрала. Приказната е раскажана преку интересна техника со употреба на течности, боја и масло на платно. Текстот е на реномираната детска писателка Д.А. Лори.

![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()
![]()








Претплати се на каналот на Еко-свест