Македонското здружение на млади правници, во соработка со Еко-свест подготви анализа која дава сеопфатен преглед на правото од областа на работата на малите хидроцентрали и неговата примена. Во исто време дава преглед и на најважните меѓународни документи од оваа област што Македонија ги има ратификувано и следствено на тоа се дел од домашното право. Имајќи ја предвид стратешката определба на државата за членство во Европската Унија, анализата дава преглед на најважните релевантни директиви на Европската Унија и дава генерална оценка на усогласеноста на македонското со меѓународното право. Ѓорѓи Митрески, проектен координатор за води во Еко-свест и автор на студии на случај во оваа анализа, зборува за влијанијата на малите хидроцентрали врз животната средина.

Дали треба да бидеме загрижени од постоењето на малите хидроцентрали и нивното влијание врз водите и животната средина во Македонија?

Да, ние сме навистина загрижени за влијанието на малите хидроцентрали врз водите и животната средина, како и врз водоснабдувањето на локалните заедници. Во земјата во моментов постојат 98 оперативни мали хисдроцентрали од кои една третина се изградени во заштитени подрачја. За ниту една од постоечките мали хидроцентрали не е изработена студија за оцена на влијанието врз животната средина и не е обезбедено учество на јавноста преку организирање на јавна расправа. Наместо тоа, концесиите за малите хидроцентрали се издаваат зад затворени врати, врз база на елаборат, кој ни оддалеку не дава преглед на потенцијалните штети од изградбата ниту пак мерки за нивна митигација.

Како резултат на ваквите практики, во земјава се среќаваме со празни речни корита и целосно уништување на речните екосистеми и екосистемите зависни од вода, како и со недостаток на водоснабдување на локалните заедници кои живеат во близина на реките на кои се изградени малите хидроцентрали.

Каков преглед нуди анализата на која што работеше?

Анализата дава сеопфатен преглед на правото од областа на работата на малите хидроцентра ли и неговата примена. Во таа насока, анализата дава преглед на македонското законодавство (закони, подзаконски акти и стратешки документи) што го регулира планирањето и воспоставу вањето на малите хидроцентрали, од аспект на минимизирање на нивното влијание врз животната средина и екосистемите. Истовремено се дава преглед на најважните меѓународни документи од оваа област што државата ги има ратификувано и следствено на тоа се дел од домашното право. Имајќи ја предвид стратешка та определба на државата за членство во Европската Унија, анализата дава преглед на најважните релевантни директиви на Европската Унија и дава генерална оценка на усогласеноста на македонското со меѓународното право. Покрај преглед на важечкото право, анализата дава приказ на неговото спроведување.

Кому е наменета оваа анализа и какви препораки нуди?

Аализата дава целосен преглед на недостатоците во законодавниот систем и како таква е првенствено наменета за донесувачите на одлуки, затоа што прецизно ги нотира недостатоците и неопходните подобрувања кои треба да се донесат со цел заштита на реките од малите хидроцентрали. Во анализата се вклучени многу студии на случај кои пластично ги илустрираат недостатоците и последиците кои се резултат на тоа и дава можност за граѓанските организации, општините, локалните заедници и сите останати чинители за полесно идентификување и решавање на проблемите кои ги предизвикува изградбата на малите хидроцентрали.

Што може да заклучиме од сето ова?

Анализата јасно покажува дека е потребно итно усогласување на домашното со европското законодавство. Иако е донесена нова Стратегија за развој на енергетика, итно е потребно да се донесе Програмата за нејзино спроведување на која се уште се чека. Исто така, се уште чекаме на донесувањето на новиот Закон за води кој треба да вклучува повеќе механизми за заштита на реките, како и новиот Закон за природа на кој се чека веќе со години. И на крај, потребна е итна промена на системот на субвенционирање на производството од обновливи извори, во кој малите хидроцентрали се поддржуваат со фиксни тарифи наместо со премии, што во принцип значи нивно фаворизирање пред останатите обновливи избори, заради што економскиот интерес на инвеститорите и понатаму го форсира градењето на нови мали хидроцентрали.

Целата анализа е достапна на линкот: Анализа на работењето на малите хидроцентрали (2022) | Еко-свест (ekosvest.com.mk)

Share This

Share this post with your friends!